Фото: Игор Бансколиев

Токму досегашниот изборен модел е еден од клучните елементи во севкупниот политички систем што овозможи амнестирање од обврската за совесно и добро извршување на примената должност во дадениот мандат од страна на граѓаните. Досегашниот модел овозможуваше генерирање клиентелизам и неодговорност кај политичарите, придонесе од избори до избори да се повторува истата приказна за непочитување на дадените ветувања пред граѓаните, ниско ниво на политичка култура, неприсуство на собраниски седници, немање кворум за работа, пратеничко самоволие итн. Со таквото неодговорно однесување се добива впечаток како политичарите да го користат дадениот мандат од народот единствено за стекнување лични и партиски привилегии и богатство, без притоа да се понесе ниту трошка одговорност пред граѓаните. Таа практика мора да се промени, токму преку промената на изборниот модел

Промена на изборниот модел во таков што ќе овозможи целосна консолидација на државата

Во екот на дебатата за промени во изборното законодавство во јавноста се пласираа низа размислувања како да се направи вистински исчекор, преку донесување изборен модел што природно извира од основните морални и етички човечки вредности. Потоа, истиот тој да биде надоврзан на изразот на општоколективното добро и да биде во тесна врска со управувањето на избраниците, се разбира во таа насока. Како да се дојде до тоа? Генерална констатација на аналитичарите, упатени во оваа проблематика, е дека само со воведување т.н. „отворени листи“, една изборна единица на целата територија на државата, без изборен праг, ќе се постигне најголем квалитативен чекор напред во оваа насока. Колосалната, аполитична, но универзална придобивка што треба да се постигне со воведувањето отворени листи и една изборна единица е што со тоа ќе се овозможи политичарите да не бидат како досега изземени од одговорност, туку, напротив, за своите постапки да одговараат пред избирачите и народот. Досега, за жал, тоа не беше така, за што има голем број примери.
Чувството за одговорност и отчетност речиси и да не постои меѓу политичарите, без разлика дали се од власта или од опозицијата. Сиве изминати години и децении тие му одговараа само на својот партиски лидер, со што државата се претвори во султан-демократија и своевиден феудализам, наместо плурализам и мултипартизам. Токму досегашниот изборен модел, кој поттикнува клиентелизам и неодговорност кај политичарите, придонесе од избори до избори да се повторува истата приказна на непочитување на дадените ветувања пред граѓаните, ниско ниво на политичка култура, неприсуство на собраниски седници, немање кворум за работа, пратеничко самоволие итн. Со таквото неодговорно однесување се добива впечаток како политичарите да го користат дадениот мандат од народот единствено за стекнување лични и партиски привилегии и богатство, без притоа да се понесе ниту трошка одговорност пред граѓаните. Таа практика мора да се промени, токму преку промената на изборниот модел. Наместо, како досега, партиските врхушки да селектираат и да одлучуваат кои ќе бидат народни избраници, таа задача треба да му се довери на народот.

Избирачите преку отворените листи и една изборна единица најдобро ќе знаат да ги одберат најквалитетните и најодговорни кандидати. Изборниот модел со отворени листи и една изборна единица е поправеден за граѓаните и скроен за да ги штити интересите на граѓаните. Отворените листи значат и повеќе простор да се слушне мислењето на секој гласач, а граѓаните би имале избор да гласаат токму за оној кандидат што ним им се допаѓа поради неговите квалитети, компетентност и одговорност кон сето она што дотогаш го направил во својата работа и својот живот. Затоа системот на отворени листи е нужен за демократска консолидација на земјата, велат соговорниците.
Според Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија, отворените листи подразбираат дека гласачите гласаат за кој било кандидат на изборната листа, односно не менува дали тој е прворангиран на листата или 20- то рангиран.
– Ако кандидатот добро сработи, веројатноста дека ќе биде избран е многу поголема. Со отворените листи, отчетноста и одговорноста се кон граѓаните, а не кон партиските лидери. Прашањето за одговорноста и тоа како е засегнато со отворените листи, подразбира дека ако некој не работи во интерес на граѓаните или забушава, ризикот дека нема да биде избран е многу поголем – вели Трошановски.
Тој додава дека во однос на предлогот за една изборна единица, сепак, постои и одреден ризик пратениците да бидат избирани првенствено од главниот град затоа што третина држава живее таму.
– Со други зборови, влијанието на гласачот од Берово, на пример, е незначително на изборот на пратеник во Собранието, бидејќи за него ќе одлучува гласачот од Скопје. Една изборна единица ја намалува таа претставничка функција на парламентот, од аспект на територијална дистрибуција – смета Трошановски.
Во однос на потребата од зголемување на отеченоста и одговорноста на пратениците кон граѓаните, тој посочува дека во некои држави постои политички инструмент што се нарекува отповикувачки мандат.
– Кај нас засега не е можно тоа, но во други земји има отповикувачки мандат, каде што одреден број или група гласачи може среде мандат да иницираат отповикување и одговорност на некој пратеник, ако сметаат дека не ги застапува соодветно, и да му изгласаат прекинување на мандатот. Сепак тоа е за многу позрели демократии од нашата, бидејќи може да се претвори во алатка за саботирање на партиските ривали – нагласува Трошановски.

Најважно е политичарите да ги остваруваат структурните ветувања, кои ќе донесат благосостојба за сите граѓани, и притоа да се испочитуваат националните идентитетски прашања битни за државата и граѓаните. За жал, досега власта се сфаќаше како нечија лична сопственост, при што интересите на граѓаните беа целосно запоставени,
Па така, често ни се случуваше да се туркаат неветени и сомнителни проекти, да се гласаат туѓи и штетни предлози, да се поткопуваат суверенитетот и идентитетот на државата, да се продаваат националните интереси. Македонските граѓани не му дале никому мандат за такво нешто, но изминатите години беа злоупотребени нивната доверба и дадениот глас за политичарите.
Сето ова ќе се избегне и ќе се елиминира доколку се смени изборниот модел и се воведат отворени листи, тврдат аналитичарите.
Александар Новаковски, актуелен претседател на работната група за изборни измени, неодамна во изјава за медиумите истакна дека лично е поборник за отворените листи и дека тоа ќе придонесе многу за демократизација на парламентот, бидејќи се пренесува комплетно правото на гласачите да одлучуваат.
Тоа е и единствениот начин да се мобилизираат вистинските и најквалитетни човечки ресурси, кои понатаму цврсто ќе се залагаат за спроведување на Уставот и законите и воспоставување на владеењето на правото. Впрочем и во Уставот пратениците се дефинираат како народни избраници чија задача првенствено е да ги застапуваат и штитат интересите на граѓаните. Според правните експерти, причината зошто досега политичарите беа изземени од одговорност е затоа што кај нас не постојат обвинител и обвинителство во вистинска смисла на зборот.

– Пред законот сите сме исти. Не смее и не може никој да биде изземен од тоа правило. И политичарите како и сите други граѓани мора да сносат одговорност, доколку на кој било начин се огрешиле од законот – порачуваат нашите соговорници од правната фела.
Дека промени се неопходни во изборното законодавство нема дилема, исто како што нема дилема дека тие мора да се спроведат многу поаналитички, темелно, за бенефициите за граѓаните, а со тоа и за државата, да бидат најголеми.
Павле Митревски, универзитетски професор во пензија, вели дека едноставно е несфатливо однесувањето на некои наши политичари.
– Овие договори што се направија, без согласност од народот, сето тоа е поигрување со народната волја. Како само можеа? Со векови се бориме за македонските национални интереси и сега некој со еден потпис да даде сѐ. Во таа насока секој предлог што се дава за нов изборен модел и можноста граѓаните да одлучуваат кој ќе ги претставува мора сериозно да се разгледа и прифати – нагласува Митревски.
И конечно со промена на изборниот модел, со една изборна единица, отворени листи и без цензус, ќе се создадат услови секоја политичка гарнитура, секоја партија, секој политичар, условно кажано да се „плашат“ од граѓаните, да полагаат отчет и да одговараат пред граѓаните наместо како што беше децении, воопшто да се нема слух за потребите и интересите на граѓаните. На долгорочен план, пак, ефектите ќе бидат целокупна демократизација генерално на општеството, но и внатре во самите политички партии.