Мојата црвена линија

Зошто Македонија стои во место триесет години? Зошто ниту една реформа, на што и да е, не се реализирала докрај и зошто таа што била направена не дала резултати? Многу е едноставно да се одговори и разбере зошто. Сите реформи во секоја земја ги произведува и движи напред во тековите на современото живеење државната администрација, во суштина управувана од општествената елита. Е, ај сега затворете очи три секунди, и размислете кој стои на врвот од пирамидата на таа администрација и кој е елитата во ова земја? Нема како да побегнете од одговорот, кој на почетокот и на крајот од сѐ води кон СДСМ, црвената буржоазија и нивните деца, и еден дел кон ВМРО-ДПМНЕ и портокаловата буржоазија и нивните деца, оние што, во суштина се произлезени или се во семејни и бизнис-врски со онаа првата.
Ама ви се молам, па зошто добога тие би сакале промени во општеството? Зошто тие би ги генерирале, организирале и придвижувале промените во кој и да е сектор во Македонија, ако резултатите на тие промени водат кон тоа на крајот од тоа патување тие да бидат ненужни, непотребни и исфрлени од системот што треба да го создадат?! Па ако во оваа земја се промени што и да е, во согласност со веќе тривијалните европски стандарди, каде што би се вклопиле тие, што ќе остане од нивниот живот сведен на игри, интриги, подметнувања, лаги, криминал, корупција, распродажба на општественото богатство, на природата, а на крајот и на нацијата. Што би работела таа самозамислена елита ако во Македонија се создаде систем на вредности според кој по скалите на животот, освен тие би се искачувале и оние други Македонци што имаат само образование, квалификации, компетенции, знаења и вештини?! Што би правела во Македонија елитата што не успеа во триесет години да го чува ниту тоа што пред нив го направиле нивните дедовци и татковци, комунисти и транзициски олигарси? Што би правеле кога Македонија би започнала и завршила преговори со ЕУ, на пример?
Ете, замислете, сме прифатиле сѐ што од нас бара Бугарија, дури и повеќе од тоа, таа елита во рамката на преговорите распродава сѐ што има идентификација со Македонија и Македонците, и на крајот, по десет години нивната земја Северна Македонија станува членка на ЕУ? Што би правеле тие? Ако има владеење на правото? Што ќе работат децата на црвената и портокаловата буржоазија ако не се членови на судски совети, обвинители, судии, нотари и извршители? Што ќе работат внуците на транзициската несреќа од граѓанството на северната дискантрија ако не се државни секретари, директори на државни компании, претседатели на управни одбори, членови на комисии и бизнисмени што тргуваат само и единствено со државни нарачки и јавни огласи? М? Каде ќе се манифестира тој елитизам за себеси и сопствената заблуда ако не се професори, уметници и јавни личности? Што ќе остане од нив ако оваа Македонија навистина воспостави каков и да е систем на меритократија во кој, ако не друго, барем шанса ќе имаат и оние сосема нормални и сосема обични луѓе што во целиот свет доаѓаат од периферијата и со својот хабитус и борба за опстанок и развој го придвижуваат општественото средиште создавајќи реформи и промени преку конкуренција на умот, трудот и знаењето!

Ако се случи тоа, нашата транзициска буржоазија ќе се распадне како меур од сапуница и ќе станат неважни и тие и нивните лажни животи на себепроектирана општествена елита што во триесет години не успеа да надгради ниту една, ама ниту една вредност создадена пред нив, дури и од нивните предци. Па зарем вие мислите дека тие не го знаат тоа? Како што кажа и еден министер во владата на Груевски – тие се лудаци, но не се будали! Тие знаат дека ништо не знаат. Тие знаат дека ништо не поседуваат, освен нас и државата во која сме им служители.
Сите ние сме самозаробени во стравот од животот што тие ни го создаваат, ете, три децении. Ние сме само стока за нивните човечки фабрики во кои нѐ подредуваат и препакуваат за продажба на разни светски корпорации, кои со нашите пари ќе ги градат автопатиштата на нашата мизерија по кои откако ќе ги изградиме ќе се возат нашите духови и гневови! Спасени ќе бидат сами тие што на еден или друг начин ќе се најдат спакувани во кутиите што доставуваат работници во Германија или Швајцарија. Видете ја земјата, другари господа, ја претворивте во пуста пустелија. Единствениот човечки сон на она што остана македонско во самозамислената Македонија се состои од мечти на педесетгодишници за тоа каде да заминат нивните деца! И дека тоа е единствениот спас за нив, но и за децата во чие име и за чија љубов, неразбирливо самоуништувачки ги бркаат далеку од себеси! Во Македонија успешен е оној родител што успеал да ги истера од дома сопствените деца!
Драги мои, оваа елита нема проблем со тоа. Вие ќе ги исклоцате од дома децата и на крајот ќе останете сами. Ама староста е грда и мачна. Ќе останете заробени во мечтите за подобриот живот некаде таму по некои Франкфурти и Лозани, додека во Гевгелија или Прилеп во креветот натопен од урина и крв ја допивате последната голтка од шишето вода што соседот што утринава умрел ви го донел завчера, ден пред да падне пред вратите на „Лидл“ натоварен со торби од вишокот третокласна германска стока полна со емулгатори и адитиви, истурена во кутии на подот што новодојдените работници од Пакистан не го исчистиле десет дена! Така ќе завршиме ние! Да не мислите дека на таа елита ѝ е гајле?
Ама, сте се прашале ли зошто не заминуваат тие и нивните деца? Па ако тука сѐ е отидено по ѓаволите, а е отидено, зошто е отидено само за вас? М? Не залажувајте се, колку вам ви е полошо, ним им е толку подобро! Тоа што во недостиг да понудат што и да е пристојно за живеење во Македонија триесет години го нудат совршенството на Европа и Америка ќе им се удри и од главите на вашите деца бидејќи таму каде што ќе побегнат во надежи, ниту одблиску нема да го најдат она што елитата им го пакуваше три децении. И ќе останете, вие, тука, да чмаете во постелите на немоќта, а тие, таму, во постелите на надежта дека следното утро ќе се разбудат побогати и посреќни!
Немаме никаков друг излез, освен радикални промени на рушење на оваа залудена каста, која сосема е јасно има само уште една задача од нивните господари во Европа и Америка – нашето бришење од минатото, сегашноста и иднината. И тогаш ќе биде доцна и за нас, но и за нив. Затоа што гледаме како завршуваат корисните идиоти, откако ќе го завршат тоа што им се дава за завршување – ги пуштат во канализацијата на демократијата и евроатлантизмот!

Да не се залажуваме, не се Грција и Бугарија проблемот, туку тие што за нивниот подобар живот нѐ распродаваат нас, а ние се сложуваме со тоа. Јас не. Јас не сум на продажба. Јас верувам дека сепак има иднина во Македонија, само ако се сложиме на една работа: рушење на целиот овој систем изграден во лаги и измами. Лична одговорност на секој што бил на позиција да носи одлуки и да управува со нашите животи. Одземање на правото на вршење дејност во јавната администрација на сите креатори и соучесници во растурањето на општествениот поредок на државата Македонија. Реизбор на целата државна администрација, распуштање на целиот правосуден систем, враќање на државното образование според концептот до 1990 година како преоден период, и создавање нов систем на општествени вредности.
Можеби звучи идеалистички? Но во ништо друго не верувам. Освен во идеи и идеали во оваа Македонија не остана ништо друго за верување. Сѐ друго е растурено и распродадено. И да потсетам, за последен пат, јас не верувам дека со таа елита можеме да живееме заедно. Јас, во суштина, сум убеден, дека не можеме и не треба да живееме заедно! Невозможно е национално единство со луѓе што не го прифаќаат твоето човечко достоинство. Другари и браќа, вие може да си се братимите колку сакате, јас во тоа не можам да ве попречам. Јас не сум и нема да бидам во единство со нив, во што и да е и за што и да е. Јас со крвопијците на мојот народ не сакам да споделувам ниту ист воздух во исти улици и градови, а за други работи, не ми паѓа ниту накрај памет. Мојата борба е да се разделиме. Конечно и неповратно. Тие во една, а ние во друга Македонија. Ова е мојата црвена линија.

Авторот е режисер и универзитетски професор