Зошто не го заслужуваме Рацин

Не знам дали и колку се изучуваат животот на Кочо Рацин и неговата поезија во македонските училишта. Нашите деца растат со други идеологии и вредности, па „црвениот поет“ е забранета тема. Или во најдобар случај, цензурирана и лимитирана…
Сето она за што тој живееше и против кое се бунтуваше со стих и акција, светот што го сонуваше – сето тоа е сега згазено или забрането. Копачите и тутуноберачите се денес работници на автопатот на смртта благословен од американскиот естаблишмент; со сопствената пот, од рано наутро до вечер подоцна, ќе се гради нешто од кое ќе се збогатат други. За себе само ргај си, за себе маки тргај си, ај пуст да е, пуст да би опстанал живот кучешки. Ова не е ни светот братски за кој пееше Рацин, зашто сега на нишан се држиме, не само што не изградија свет без порти, туку изградија нови ѕидови. Сошија нови униформи.
Неодамна се одбележа 80-та годишнина од неговата смрт, сè уште обвиена во велот на тајноста и сомнежот. Дали загина по грешка, дали го убија намерно? Одговор немаме. Во Музејот на револуционерната борба неговиот лик е прикажан во восочна фигура на мртовец. Иако сите прикажани личности во него се одамна починати, но прикажани во својот активен момент – телото на Рацин лежи безживотно. Како некој да сакал воопшто и да не можеме да си го замислиме жив, дејствителен, вљубен и борбен. Таа сцена нема никогаш да ми избледи во умот, ме потресе и вознемири. Некако знаев дека Кочо не може сосема да се прескокне и избрише, ама може да се прати порака дека неговиот глас е мртов.
И сега на јубилејот, нешто слично се случува. Еве како велешанецот Игор Смилев, долгогодишен активист и сега општински советник, ја опиша манифестацијата на проектирање на филмот на 12, 13 и 14 јуни. Пишува тој дека за првпат јавно биле емитувани (10) епизоди од забранетиот филм „Црвениот поет“. Првите три во салата на велешкиот театар „Џинот“, а другите во големата сала на Општина Велес. Најпотресниот момент од оваа вест е фактот дека филмот едвај и да доживеал јавна промоција; едноставно, се чувал во фиоки, бил фактички сметан за неподобен, забранет. Сега за текот на проектирањето, пишува Смилев и реди зборови што како камен паѓаат на душата. Влезот бесплатен, но салата/салите зјаат полупразни: „Срамно и поразително е градот на Рацин да остане без публика за Рацин“, вели велешанецот. Но срамот е многу поголем, национален, не локален. Филмот е создаден пред шест години, но недостапен за поширока публика. Дури и на јавната промоција тој фактички останува забранет; пред почетокот на проекцијата на посетителите им било експлицитно забрането да снимаат или да сликаат.

Така, и малобројната публика како да станува дел од сцените на филмот што го гледа, небаре конспиративен кружок на „црвена багра“ што чита и гледа забранета литература под присмотра на будното око на агентурата на „Големиот брат“ и неговите домашни предавници.
За волја на вистината, на почетокот на проекцијата се појавува министерката за култура, но по 15 минути ја напушта салата. Останува нејасно дали посетата била протоколарна, дали била дел од присмотрата (ѝ олеснило кога видела мала публика) или жената имала „попаметна работа“, па си заминала.
За поздравување е секако што градоначалникот на Велес овозможи за прв, а можеби и за последен пат „Црвениот поет“ да биде дел од манифестацијата – на 60-те „Рацинови средби“. Нормални држави си ги величаат поетите, тие се во редот на бесмртните и незаборавниците. Кај нас останува само на индивидуалната и семејната традиција да го негува споменот на овој „опасен човек“ полн со љубов за сиромашните, експлоатираните, работниците и селаните, за сиот свет братски…
Наместо во годината на јубилејот државата (Министерството за култура) да организира јавна проекција на серијалот низ целата земја или барем на националниот ТВ-сервис или некоја телевизија со национална концесија, ние сме заглавени во рашомонијада околу тоа кој е виновен што мини-серијалот не е достапен за целата македонска публика, иако е направен со средства од државен буџет. Засега ни останува или кришум да го видиме (со пиратерија) или да си го прераскажуваме.
За естетската и содржинската страна на филмот нема да можам да кажам ништо додека не го видам, ако ја имам таа среќа (ако не, ќе им се навратам на неговите стихови). Но Смилев зборува за бурата чувства што минале низ него во часовите на гледање на филмот, како „чудна легура од восхит, презир, збунетост, срам, непријатност, гордост… грандиозноста на филмот што зрачеше со убиствена полнотија на зборови што ги праќаше Црвениот“. Најпоразителен е заклучокот дека ништо не се променило од сценариото во филмот со она на реалноста што ја живееме. Единствената промена е во имињата на режисерите и на хероите. Тој заклучува дека хероите од тоа време што во филмот ги оживеа режисерот Никола Поповски ги заменивме со антихерои на денешното време оживеани од нашиот матичен и врховен режисер. Полупразната сала во Велес е како мала метафора за полупразната Македонија, осиромашена од сè што е вредно, умно, креативно и храбро. Во оваа денешна Македонија црвената боја не е бојата на Везилката, туку е боја на забрана. Секој што е Црвен е „комуњара“, небањат, македонски националист и лош интернационалист.

И во право е Смилев кога вели дека ова не се однесува само на овој филм и само на Рацин: ние живееме во културно и национално гето креирано и омеѓено од „францускиот предлог“. Не само неподобни филмови (впрочем, „Трето полувреме“ е одамна во некои темни подруми, но барем го видовме на јавна сцена и повремено на Јутјуб), туку и на учебници, историски читанки, книжевни дела со неподобна содржина што би ги вознемирила „администраторите“ од исток и губернаторите од Калето.
ЦРВЕНИОТ ПОЕТ ЖИВЕЕ! Прочитајте ги само овие зборови и ќе се убедите: „Слободата, вистинската слобода на Македониа нема да дојде от таму, ами само от самите Македонци и со примерот што го покажа Илинден! Секој друг пат е лага! Од Илинден до сега се поминати цели 37 години. Цели 37 години крвава борба и крваво искуство. И Македониа уште не е слободна. Борбата е тешка, душманинот јак, но и мнозина водачи не водеја по крив пат. Уште има кај нас ’чекајушти‘ и ’желајушти‘! Уште таквија чекајат некој да ги ’ослободи‘ и да им даде живот.“ (Кочо Рацин, 1940 година)
Кажано пред цели 83 години звучи толку веродостојно и во пресрет на 120 години Илинден! Судбина ли е, коб ли е?