Колективна казна

Синтагмата „колективна казна“, која е позната уште од праисториското истребување на, една со друга, палеолитските орди, како што гледаме, драг читателу, е актуелна и денес, како потсетување покрај другото и дека залудно се трудел со години, анализирајќи го Галапагос, Дарвин со неговата еволуционистичка теорија, запоставувајќи ја креационистичката на Господ. Таа што ја претпочиташе нашиот богопросветлен Климент Охридски, кој поарно од англискиот еволуционист, теолог без Бог, се снајде во овој матен простор, посочувајќи на златната еволуциска жица по која треба да се крева од анималното кон ангелското, од темното кон светлото. Кант во некоја рака како германски етички близнак на Климент таа божествена еволуција безрезервно ја виде во моралната доблест како гарант за божественото потекло на човекот од оживеаната глина, а не од океанската чорба на Дарвин, кога рече: „Ѕвезденото небо над мене и моралниот закон во мене“.
Поимот колективно казнување во нововековната епоха по Христа се врзува, иако постои и во Римската Империја во антиката, посебно се кристализира, добивајќи и своја метафизичка филозофска аура, во колонијалистичкиот авантуризам на западната цивилизација, која со војни и грабежи уништуваше, а и денес пософистицирано го прави тоа, цели помали и послаби народи за своја материјална удобност. А, парадоксално, денес се обидува тоа да го прави како „цивилизациски“ проект и со некои моќни народи, како што е тоа примерот со војната на НАТО со Русија во која од негова страна за таа цел како војници се регрутирани Украинците, без да знаат тие што им се случува за да ги вклопат сите камчиња во трагичниот мозаик на нивната судбина. Во таа слика агресивниот Запад, лаком за колонијален грабеж, тргна и кон големите Кина и Индија, просто за неверување, кои во еден историски миг ги пљачкаа Англосаксонците, подобрувајќи го материјалниот статус на своите граѓани и полнејќи ги своите музеи, изворно доста сиромашни, со артефактите на духовно и митски богатите од нив колонизирани култури. Па, и некои помали западни нации, како што се Холандија и Белгија, тероризираа за колонијалистички цели од нив поголеми, но многу помалку од нив агресивни кротки народи, кои тие ги одбраа за клање. Па, белгискиот крал Леополд им ги сечеше прстите на Конгоанците за да не се допираат до дијамантите на нивните рудници подарени за нив од Господ, и со нив ги изгради велелепните палати на Брисел, во кои сега, како симболичка илустрација и на злото што таа го прави низ светот, се всели Европа со дебелата божем хуманистичка и космополитска маска ЕУ за да ги затскрие со неа своите злосторства, иако не престанува и понатаму да ги произведува нив како наследена страст. Идентитетската смрт на Македонците проектирана и остварена од неа идеално се вклопува во тоа. Во нејзината канибалистичка страст пред која мижат тие и се обидуваат да ја проектираат на друг. Така и во Рим, во Римската Империја, од која генерички произлегува таа, беше толкувано искривено она на Христос на тајната вечера: „јадете од лебот, тоа е моето тело, и пијте од виното, тоа е мојата крв“, при што за да го отфрлат својот Римјаните им го припишаа канибализмот на христијаните. Јунг тоа го вика проекција, а плитките политичари: замена на тезите.

Сеедно. Долго и широко. И оваа долга и историска дигресија за синтагмата колективно казнување, маскирана од сурово лицемерниот Запад, драг читателу, исплови разоткриена со целата своја античовечка и антибожествена суровост сега со ѕверската војна на Израел, „избраниот“, во Газа – Палестина во која, пак, со амин на западната „демократска“ цивилизација на Брисел и Вашингтон под мотото „Израел има право да се брани“ се прави пекол, безмилосен геноцид врз цел еден народ. Се убиваат илјадници штотуку зачнати, неродени и штотуку родени деца. Најбезбожната слика што воопшто може да се види, уште и како резултат на „демократската“ цивилизација. Сликата што, не можам да не го кажам тоа, им ја сервира „цивилизацијата“ на „демократијата“ и човековите „права“ и на Македонците во Егејска, Беломорска Македонија, кога ги убиваше со напалм-бомби родените и уште неродените деца во утробите на македонските мајки. Да. А сега таа како тотална катастрофа исплови на површина со израелскиот геноцид врз Палестинците, наши браќа по судбина (оти судбината е поважна од идеолошката религија) колективно казнување, водење без пардон на кланица цел еден народ. Оти гледаме како Западот за да си ја испере совеста заглавена во зло, божем апелира на неубивање на цивилите и на поголема хуманитарна помош. А што значи таа помош ако жртвата денес се храни за утре да се убие. Груба е асоцијацијата, но е вистинска: така човекот ги храни животните за утре да ги заколе за да го задоволи своето цревоутробие. Тоа го сфатија први божествените Индуси, кон кои тргна по Персија Александар, па ги прогласија кравите за свети суштества и станаа вегетаријанци, се откажаа од месото за да ги заштитат, колку што е можно, животните. Да. Оти тие знаеја дека животните се поневини од човекот што има сурова власт над нив. Сега тука ми иде неодложно во свеста, драг читателу, една аналогија. Имено, зарем во тој контекст е случајно и тоа дека кога се роди Богомладенецот во јаслите во Витлеем, првиот сведок на тоа чудо што го поздравија него беше добитокот внатре.

Дури потоа по него дојдоа да го благословат чудото ангелите, по нив пастирите, а најпосле и мудреците од Исток. Мудреците, пак, од Запад, што е симптоматично, ги нема во ова небесно и земно откровение. Да, како што имам запишано во една песна: „Животни полни со Бог, а несвесни за него“. Па, во овој контекст (само уште тоа), зарем е случајно што кај Асировавилонците, на пример, ги среќаваме оние нивни бикови-ангели со крилја како префигурација, веројатно, на ангелите во рајот. Итн. Зацапавме во метафизика, но реалноста е сурова. Толку многу сурова што, како што рече и Достоевски, е пофантастична и од фантастиката. Рускиот гениј тука сепак мислел на светот спасен од Убавината, кој за него беше божествен, но не и естетски или езотериски метафизички елемент на битието. Претпоставувам, а секако врз основа и на неговата проза и жестоките „Записи од подземјето“, дека тука тој ја имал предвид суровоста на човекот со ѕверот во себе и ѕверствата што е способен да ги произведе како антихрист во кој работи нагонот на темнината и злото, а не на Убавината и Светлината. Човекот кој тој најубаво го опиша во неговото, и според Берѓаев, ремек-дело „Големиот инквизитор“.
Сето тоа за кое говориме, драг читателу, денес најубаво го илустрира сликата на новата Хирошима во Палестина – Газа каде што се врши невидено ѕверство, се казнува еден цел народ колективно, казна чиј камен се струполува врз нежната душа на најневините, штотуку родените, па и на неродените деца во утробата на палестинските мајки. И сето тоа ѕверство има широк цивилизациски печат, поддржано од западната цивилизација во Брисел и Вашингтон, која самата се прогласи за ариевска, најхуманистичка и најдемократска во светот кој со столетија го поробува, понижува и експлоатира. Во библискиот мит, кој е создаден не од Бог, туку од самиот човек за да го оправда темното во себе, причина за злото во него и светот е Змијата што им го дава забранетиот плод на Адам и Ева. Сјајна проекција за ослободување, како што би рекол Јунг, од темната сенка во себе. Добро, ама гледаме дека во фармацијата змијата е симбол на лекот што го лекува човекот, а во народната митологија таа е и чувар на нашиот дом, па не ја убиваме ако ни дојде во дворот и се сонча на прагот од нашата куќа. И тоа не е случајно. Сфаќаме дека за злото во човекот не се виновни ни змијата ни Бог, иако според библиската приказна направил кобна грешка, туку е виновен самиот тој што располага со слободната волја на изборот. Оттаму и она на Сартр „Слободата е избор“.

Ама човекот го направи погрешниот избор и наместо, како што рече Климент, да се искрева од анималното кон ангелското, тој не се мрдна ни педа од него и не го изгони ѕверот од себе. Не го прифати Новиот Адам на обновата, туку остана во темната глина на прагревот и празлосторството чија историска врата ја отвори ножот на Каин што го уби Авел. Од тој пранастан на убиството на невиност до денес не престанало распнувањето на невините на светската историска Голгота. Свети Августин тврдеше дека постои праведна војна, а тоа го искористија крстоносците на западната католичка црква за да ги оправдаат своите злосторства и грабежи на Исток. Европските конквистадори исто така. Тие на сличен начин го правдаа уништувањето на јужноамериканските цивилизации на Маите, Ацтеките и Инките под изговорот дека ги христијанизираат и цивилизираат за да не вадат живи срца од девојките што му ги жртвуваа на сонцето за време на зимскиот солстициј за да не згасне светлината. Да. Ако и тоа не е лага на нивната проекција за маскирање на сопственото злосторство, оти тие го извадија срцето на цели народи што ги ограбуваа и тормозеа. Сега најдрастичен пример за тоа е Палестина.
Да. Палестина, но дозволи да речам, драг читателу, и Македонија кога сме веќе кон колективната казна карактеристична за еден цел народ на кој се намерачиле казнувачите со темен танатосен нагон. Она што е тука карактеристично, пак, тоа е што Македонија е, доколку ми е познато, единствена земја во Европа (еден период и Ирска и Ирците) чиј народ веќе повеќе од едно столетие, почнувајќи од Букурешт 1913, со ретки интермеца се казнува колективно со намера за целосно усмртување. Последната таква казна врз него е идентитетскиот геноцид извршен од страна на Брисел и Вашингтон, заедно со нивните балкански предатори и со помошта на нашата квислиншка власт, почнувајќи од Заев и Димитров сè до политбандата на Ковачевски. Со насилничкото нацифашистичко обезименување нè преведоа во безлична маса без генерички идентитетски извор и културно-цивилизациска и историска меморија. Тоа се вика идентитетска смрт, која, според сите антрополози, е најстрашната од сите видови смрт што може да му се случи на еден народ. Пострашна нема. А неа не ја чувствуваат нашите тапоглавци во владата и власта, кои се и родени како безлични мртовци. Оти вистинските осветлени мртви на родот се алките на меморијата, но овие не се. Тие се несреќа, иако се несвесни за тоа, и за себе и за родот во кој по грешка се родиле за да страда тој од нив. Погребани сме од оваа ариевска цивилизација со идентитетска смрт во гробницата на Преспа 2018, и тоа на најциничен, бесрамен и понижувачки саркастичен начин, под изговор дека тоа се прави за наша среќа и посветла иднина. Нè заклаа како Ирод што ги закла витлеемските деца за да ги убие Светлината и Љубовта, Бог и божественото во светот.

Така. Таков е нашиот холокауст, кој по Аушвиц, на перверзен, божем софистициран начин со знамиња и убави говори на политидиоти од есесовски ранг ни го смисли цивилизацијата која направи толку многу злосторства низ светот. Да. А ти ме прашуваш, драг читателу, што толку ѝ згрешиле нејзе мирољубивите и столчени Македонци, кои плус во минатото ѝ дариле толку многу културно-цивилизациски блага? Да знам, ќе ти кажам. А сепак нешто знам и за тоа сум пишувал. А знаеше и Блаже Конески, поетот на „смачканото племе“, па рече: „Големо ни е името, ќе посегнат да ни го земат“. А со тоа и да нè уништат, да нè тргнат засекогаш од историската сцена. Оти зарем може да му дозволат на еден мал, со векови толчен и скусуван народ да поседува толку зашеметувачки голема историска слава. А? Што велиш, драг читателу? Имам ли право? Оти тоа не е никаква хипотеза, туку божја вистина. Оти Палестина ќе го преживее со тешки рани тој пекол на бриселовашингтонската цивилизација чија ударна игла сега е крвожедниот Израел, модерниот цивилизациски Каин. Ќе ја преживее злосторничката колективна казна, ќе се изнароди ново поколение и пак ќе се викаат Палестинци. Тоа е тоа. Сфаќаш што сакам да кажам, драг читателу? А ние кога ќе ја преболиме смртоносната рана на колективната казна со идентитетската смрт од таа цивилизација врз нас? Кога ќе се вглобиме пак во своето крвнички украдено Име? Кога ќе бидеме пак Македонци? Оти, како што гледаш, сега е завршниот чин на геноцидната нацифашистичка операција со менувањето на личните документи, кои од документи на живот стануваат документи на нашата смрт. Тоа се посмртници за патување во исчезнување. Но не сум сигурен дека тоа е последното колективно казнување врз нас, иако изгледа дека „мајсторите на смртта“, како што ги викаше Пол Целан нацистите, го измислиле тоа за последно. Колку за да нè залажат.