Кога гласот на интелектуалецот исчезнува во политичкиот мрак, демократијата умира со него

Сведоци сме како политиката го „уби“ интелектуалецот како посредник меѓу светот на идеите и јавниот свет. Неговиот капацитет да види над и надвор над постојните стерилни политички дебати и да го заниша бродот одамна е минато. Во македонската интелектуална пустина гласот на оние малку ангажирани и критички расположени слободни мислители станува реткост. Времето денес е време на заборавање

Помина само еден ден откако Емил Зола го објави во весниците своето отворено писмо J’Accuse, во кое ги обвини воените власти за фабрикување на случајот против капетанот Драјфус, поддржано од 1.200 интелектуалци во далечната 1898 година, и Жорж Клемансо брзо го нарече ова како „протест на интелектуалците“. Термин заглавен како опис на професори и писатели што се активни во политички цели. Она што беше ново и важно за протестот е тоа што потписниците се обидоа да ги искористат своите академски квалификации или професионални достигнувања за да сугерираат дека на нивните ставови треба да им се даде привилегирана положба во политички контекст. Нивниот протест предизвика непосреден контранапад од конзервативците, кои го поврзаа терминот „интелектуалец“ со неред, предавство и апстрактно расудување. Начинот на кој се одвивала аферата „Драјфус“ е образецот за разбирање на подоцнежните конфликти и контроверзии во функционирањето на интелектуалниот авторитет во политиката. Протестот на интелектуалците ја пренесува сликата на интелектуалците како бранители на правдата, кои ја соочуваат моќта на власта со храброст и интегритет.
Сто и дваесет години подоцна, Македонија. Група македонски интелектуалци со отворено писмо реагираат до македонската јавност, уште еднаш како многупати досега, по повод „заедничката историја“ и заедничкото чествување на Гоце Делчев на Македонија и Бугарија. Потписниците, како и во случајот „Драјфус“, се обидоа да ги искористат своите академски квалификации или професионални достигнувања за да сугерираат на штетите што тековната политика ѝ ги прави на Македонија во односите со нашите соседи. Обидот својот интелектуален авторитет да го спротивстават на тековната политика, дијагностицирајќи ги нејзините слабости и промашувања во односите со Бугарија, како и артикулирајќи идеи што се во согласност со националните, историски и културни траектории на македонскиот народ, не ја доби потребната гласност. Напротив, уште едно во многуте писма до македонската јавност, кое, како и другите, брзо ќе биде заборавено.

Просто сум затечен какви се брзината на заборавање и брзината на невидливост на интелектуалниот глас кај нас. Да се зборува или да не се зборува можеби веќе не е најважното прашање кај нас. Прашањето е кој ќе го слушне гласот на интелектуалците? Очигледно дека власта од позиција на моќ и контрола на медиумите ги блокира и поништува дискурсот и знаењето на гласот на интелектуалецот, кој зборува во име на оние што не можат сами да зборуваат. Гласот на интелектуалците се губи во празнината на македонскиот информативен простор, кој повеќе нѐ забавува со глупостите на власта отколку што нѐ информира. Гласот на интелектуалецот во македонското општество не е разбран како глас на „граѓанин“ што ја разбира политиката како процес што вклучува дебата и компромиси, туку како глас што треба да биде сатанизиран зашто се доживува од власта како глас на отпор на тековната политика, глас на апстрактно расудување и спротивставување на безалтернативните европски интеграции. Оние што размислуваат и говорат јавно се маргинализирани како луѓе што тврдоглаво одбиваат да маршираат со власта, или кои „нелегитимно“ се обидуваат да увезат во јавната арена грижи и сомнеж за она што го прави власта.
Очигледно на оваа власт, па да бидам објективен, на ниедна власт не ѝ се потребни интелектуалци. Зарем може друго да очекувате од држава во која политиката на власта е зандана на слободната мисла и која премногу е валкана и лицемерна за да може да комуницира со јавноста и интелектуалната мисла. Наместо тоа имаме „прогресивен“ триумф на талогот на општеството, на псевдоинтелектуалецот, неквалификуваниот и, по својата ментална текстура, дисквалификуван поединец. Нашата политика е склеротична, а нашите соништа се мали. Сведоци сме како политиката го „уби“ интелектуалецот како посредник меѓу светот на идеите и јавниот свет. Неговиот капацитет да види над и надвор над постојните стерилни политички дебати и да го заниша бродот одамна е минато. Во македонската интелектуална пустина гласот на оние малку ангажирани и критички расположени слободни мислители станува реткост. Времето денес е време на заборавање. Време на колективна амнезија што ни се нуди како пазар за светлата иднина во Европската Унија. Затоа писмата на интелектуалците во Македонија инсистираат да се сеќаваме. Зашто сеќавањето е висок морален чин што бара најголема интелектуална и морална јавност, која власта не може да ја понуди во ваков историски момент. Сартр тврдеше дека интелектуалецот нема право на привилегија да се оддалечи, или да се исклучи во моменти на политичка екстремност. Тој мора… „цврсто да ја фати својата ера“, работејќи со општеството за да ја промени реалноста во која живее.

Приватниот живот на умот мора да отстапи место за појавен ангажман со борбите што се случуваат во реалниот свет. А во реалниот свет ние полека исчезнуваме како народ и држава. Затоа, време е неконформистичките интелектуалци да зборуваат за општествените зла, злоупотребата на моќта и егзистенцијалната закана на власта за слободата, демократијата и достоинството. Особено за сеќавањето. Без оглед дали и колку се согласувате со она што го зборува интелектуалната јавност, да не дозволиме гласот на интелектуалецот да исчезне во политичкиот мрак во Македонија. Зашто без него умира демократијата.

Автор: Проф. Звонимир Јанкулоски