Заврши еден од поновите скандали во здравството. Директорите на клиники и болници што незаконски си ги зголемиле платите, чии износи достигнувале над 10 илјади евра, ги вратиле парите. Во контролите што биле направени изминатите месеци биле утврдени неправилности при пресметката. Оние што претерале, најверојатно се покајале или уплашиле и парите, волно или неволно, ги вратиле. Нема дополнителни информации што ќе се случува понатаму. Прашањето дали нешто ќе се случува или и ова необично и незаконско дело ќе биде покриено како и многу други што се заборавени, ставени под тепих или фрлени на буништето на одговорноста.
Не е ништо ново ако се повтори старото сознание дека македонското државно здравство е една од најболните сфери на македонското општество. Додека цвета приватното, државното пропаѓа. Докторите незадоволни од платите бегаат во приватните болници, кај што заработуваат двојно-тројно повеќе за истите услуги што би ги правеле во државните клиники. Митото и корупцијата се јавна тајна, докторите се заштитени од своите партии, болните пациенти се третираат како граѓани од втора или трета човекова класа. Според низа анкети, покрај судството, здравството е најкорумпираната дејност во државата.
Во целата негативна слика за здравството малку се знае дека медицината на територијата на сегашна Република (Северна) Македонија има долга традиција, дека не е измислена од партии, нивни лидери или самобендисани министри, од вообразени, неуки и нехумани доктори. Тоа го потврдуваат пронајдени археолошки артефакти што докажуваат за нејзиното постоење од древните времиња. Некои предмети и насликани остатоци пронајдени во археолошки локалитети, како Стоби, Хераклеја кај Битола и во Радовишко, сведочат за начините на лекувањето. Најдени се и статуи на богот Асклепиј и неговата ќерка Хигија, како и медицински алатки со кои се служеле лекарите во времето на Хипократ, 400 години пред новата ера.
Две имиња ја обележуваат историјата на древната медицина. Toa се Асклепиј и Хипократ, првиот како бог, вториот како „татко“ на медицината. Асклепиј му е името во грчката, а Ескулап во римската митологија. Две легенди се плетат за раѓањето на Асклепиј. Според едната, убавата нимфа Коронида била љубов на богот Аполон, но имала тајна страст кон некој Исхиј, кој не бил бог. Во време кога Аполон бил на пат, таа го искористила неговото отсуство и влегла во постела со Исхиј, иако веќе била пред породување. Аполон држел верна бела чавка, која имала задача да ја чува Коронида и да го известува за сѐ што се случува околу неа.
Кога видела што се случило, одлетала до Делфи да јави за скандалот. Аполон, наместо да ја награди за добиената информација, ја проколнал затоа што не му ги ископала очите на Исхиј во моментот кога легнал до Коронида.
Според митологијата, ако е за верување, од тоа проклетство чавката станала црна и оттогаш сите нејзини потомци се црни. За да ѝ се одмазди за нанесената навреда, Артемида, сестрата на Аполон, ја убила Коронида. Кога телото ѝ било поставено на клада и огнот веќе запален, Аполон почувствувал грижа на совеста и му се обратил за помош на својот брат Хермес, богот на трговците и заштитник на арамиите, кој низ пламенот го извлекол живото дете од утробата на Коронида. Тоа го добило името Асклепиј и било однесено во пештерата на кентаурот Хејрон, каде што момчето ги научило вештините на ловот и медицината.
Но има и друга, сосема поинаква приказна. Таа раскажува дека трудната Коронида тајно родила машко дете во светилиштето на Аполон во Епидавар (Епидаурус на Пелопонез), токму со помош на Артемида. За да не се дознае тајната, детето веднаш го испратила на планината Титион, позната по лековитите билки. Таму еден козар забележал дека му ги нема кучката и една од козите. Ги нашол како наизменично дојат едно дете, а тоа било Асклепиј. На планината ги научил тајните на лековитите растенија, како и дел од анатомијата на човековото тело и на хирургијата, во најосновната смисла на зборот. Има и други легенди за местото и начинот на раѓање во други краишта, но тие се сметаат за помалку веродостојни, помалку митолошки.
Со Асклепиј се поврзува и раѓањето на митото меѓу докторите. Иако излечил многу познати луѓе од тоа време, дали од завист или од вистина бил обвинет дека земал мито во злато, судбина што ги следи лекарите до ден-денес. Исто така, не е чудно што до денес се задржало непотистичкото правило татко доктор – син (ќерка) доктор. Асклепиј бил татко на двајца подоцнежни славни лекари и на ќерката Хигија, божица на здравјето, чистотата и санитетот, од нејзиното име е изведен поимот – хигиена.
Чудна е легендата за неговата смрт. Бил убиен откако други богови се пожалиле дека поради способностите на Асклепиј бил намален бројот на мртвите поради што боговите на пеколот останувале без работа.
Ако Асклепиј бил полубог, Хипократ бил жив човек, кој го одредил патот на модерната медицина, се смета за татко на медицината. Хипократ бил всушност првиот професионален лекар и докторите денес, главно, сè уште ги следат неговите насоки и етика за лекување на пациентите. Позната е Хипократова заклетва што традиционално ја положуваат лекарите обврзувајќи се дека етички ќе ги извршуваат должностите од својата професија. Според неа, докторот се обврзува дека својот живот ќе го става во служба на хуманоста, дека својата професија ќе ја извршува совесно и достоинствено, дека најголема грижа ќе му биде здравјето на пациентот. Исто така се обврзува дека во вршењето на должностите кон болните врз него нема да дејствуваат никакви обзири, вера, националност, раса, политичка или класна припадност, дека апсолутно ќе го почитува човечкиот живот и нема да дозвола неговите медицински знаења да се искористат спротивно на законите за хуманоста.
Парадоксален е фактот што иако оригиналната Хипократова заклетва е заклетва дадена пред боговите, тој бил првиот што се одрекол од божествената природа на болестите и излегол со тврдењето дека тие се предизвикани од фактори на животната средина. Тој бил првиот што ја одвоил медицината од религијата и ги барал физичките, а не натприродните причини. Како лекар, направил огромни истражувања, ги категоризирал различните видови на болести, како и фазите на нивниот развој.
Некои претпоставки се дека Хипократ можеби не бил автор на заклетвата што го носи неговото име. Медицината денес не се согласува секогаш со тие принципи како што биле запишани во почетокот. На пример, принципот за почитување на правата на пациентот можеби е главен во денешната медицинска пракса, но во древната грчка медицина немало такво начело и тоа не било дел од Хипократовата заклетва. Концептот за правата на пациентот е важен дел од многу свечени изјави што се кажуваат денес. Во почетокот на 20 век оваа заклетва минала низ период на немилост, била заборавена, веројатно поради научниот напредок. Повторно била „вратена во живот“ во модерна верзија усвоена во 1946 година во Женева, откако во медицинската практика се забележувале почести девијантни појави. Заклетвата се сфаќа повеќе како кодекс за морал и однесување на лекарите, отколку како правилник за струка.
Хипократ никогаш не претпоставувал дека неговиот медицински „манифест“ ќе наиде на различни толкувања меѓу лекарите и меѓу властите во независна Република Македонија. Тој се заколнувал дека ќе ја извршува својата професија во чистота и во светост, завет што неговите денешни наследници често го забораваат.






























