Да живее Македонија

Таа зима во далечната 1984 година, во рамките на своите работни обврски, но и посветеност, љубов и возбуда, го снимивме документарниот филм „Последниот Илинденец“, во кој се содржани дел од тие сеќавања и размисли на сведокот и учесник во Илинденската епопеја, – Востаникот Воинот од Присовјани, во кој доминира впечатокот дека воинот од Малесија бил силна личност која длабоко во душата ја носи маката, но и гордоста за својата сакана земја Македонија

Документарниот жанр повторно ја отвора дебатата за масмедиумската експанзија, која реалниот свет, луѓето, збиднувањата и настаните ги третира и ги допира виртуелно, ги претвора во бројки, пиксели, видеомемореми и зацврснува, создавајќи притоа безбедна дистанца од каде што трајно ги експлоатира и ги чува за навек. Па така, личностите протагонисти стануваат бесмртни, сеќавањата вечни, болките, радоста, надежите, страдања, умирањата дел од голема видеосимулација, историска градба, втемелена и зацврстена како траен документ сведоштво за нашите премрежиња, лавиринти, искушенија, битисување, опстој.
Вака некако ја бев започнал режисерската експликација за проект чија тема беше последниот жив сведок на славното Илинденското востание. Ова се случи пред повеќе од триесетина години, кога со професионална екипа, вљубеници на документарниот метар, во Белград на улицата Крал Милутин бр. 3 тропнавме на вратата на Ламбе Мојсовски, последниот жив сведок на илинденската епопеја. „Да живее Македонија“, со кренати раце и насмевка ни ја отвори портата, топло нѐ пречека и нѐ прими во својот дом. Тоа го повторуваше уште неколкупати во текот на снимањето. Се создаде прекрасна атмосфера, која инспирира и која силно ме поттикна. Нашиот јунак Ламбе Мојсовски тогаш беше 99-годишен, но со силна меморија и здрава и прецизна мисла. Голем предизвик за мене и екипата искусни професионалци беа работата и престојот тој ден во домот на живиот сведок – мостот кон голем број историски случки од собитиен карактер. Тон, /Ѓорѓе Билбиловски/ – камера, /Владо Мисајловски/, акција, се отвора пред објективот еден бурен живот, се плете и се создава еден важен документарен филм според сценариото на вредниот и посветен новинар Иван Глигоровски, со кого во соработка тие години ја снимивме и серијата „Историски читанки“, со што во извесна смисла ги подотворивме вратите на една клучна историска епоха, делумно познати настани и личности, кои долго /случајно или намерно???/ беа поттурнувани и држени и на страна.

Ламбе Мојсовски /1886 – 1985/, роден во селото Присовјани, струшка општина, со свои средства подигнал споменик на кој е напишано: „ВЕЧНА СЛАВА ЗА ПАДНАТИТЕ ЗА СЛОБОДАТА НА МАКЕДОНИЈА ОД БОРБЕНА МАЛЕСИЈА 1903 – 1945. СПОМЕНИКОТ Е ПОДАРОК ОД ЛАМБЕ И ФИНКА МОЈСОВСКИ“. Во времето од 1901 до 1908 година учествува во ослободителното движење на Македонија. На 17 години, Ламбе Мојсовски станува комита во шумовитата Малесија, во четата на војводата Тасе Ристов Тодоров. Бил курир и најмлад во четата. Особено е активен за време на Илинденското востание. Учествувал во борбите против турските поробувачи во Илинденското востание, во Крушево и во околните градови Прилеп, Битола, Струга, Демир Хисар и во некои градови во егејскиот дел на Македонија – Серес, Лерин Драма… По периодот на револуционерните активности, и покрај желбата да му помага на својот народ и младешкиот непокор, станало ризично да се остане во Македонија. Борците, војводите и другите учесници во востанието биле барани под дрво и под камен. А казната се знае – осудени се на смрт.
„Во Македонија за мене нема место“, ќе рече пред камерата храбриот воин за миговите во кои донесува клучна одлука каде да оди. „Во Бугарија да ме отепаш не одам и никогаш не отидов за што му благодарам на Господ. Во Грција да заминам не можам, таа е бетер од Бугарија. Ќе одам во Србија“. Така ги опишува миговите и своите гурбетските патешествија, во Белград, Тител, Брчево Клагенфурт, каде што работи во слаткарски дуќан. Таму во еден стар тефтер ја наоѓа картата на голема Македонија и осум години ја носи в џеб, на градите во пазуви, близу срцето и душата – „Да живее Македонија“ – ќе речеше на крајот на секое сеќавање, како воздишка, како вечен копнеж.

Таа зима во далечната 1984 година, во рамките на своите работни обврски, но и посветеност, љубов и возбуда, го снимивме документарниот филм „Последниот илинденец“, во кој се содржани дел од тие сеќавања и размисли на сведокот и учесник во илинденската епопеја – востаникот воин од Присовјани, во кој доминира впечатокот дека воинот од Малесија бил силна личност што длабоко во душата ја носи маката, но и гордоста за својата сакана земја Македонија. Регистриравме и дел од видувањата и впечатоците на некои од сведоците што имале средби и при последните мигови од животот на последниот илинденец дедо Ламбе Мојсовски. Затоа, заедно со записите, сведоштвата и мојата творечка опсесија за овој документарен труд нека послужат како израз на благодарност на сето она што илинденецот Ламбе Мојсовски го направи за својот народ и за својот вечен копнеж родната земја Македонија.
Вечна слава на паднатите за слободата на Македонија од борбена Малесија 1903 1945 – стои на споменикот подарок во родниот крај – што со свои средства го изградил Ламбе Мојсовски со сопругата. Ламбе Мојсовски и неговата сопруга Јозефина се погребани на „Новите гробишта“ во Белград на парцелата бр.109. ВЕЧНА МУ СЛАВА.

Афтор: Аљоша Симјановски