Да ви даде Бог живот на читател!

Постојат периоди, барем во мојот живот, кога читам помалку или повеќе. Овој период е кога, за жал, читам помалку. И поради тоа секоја средба со книга дополнително ми се чини вредна. При една таква средба со еден роман, во една од книжарниците во Скопје, ми светна: еден и единствен, вистински благослов што можеш да му го упатиш некому е да му посакаш да изживее живот на читател. „Да ти даде Бог живот на читател“ – ете тоа е вистински благослов!
Зошто? Па, од едноставни причини. Прво, за да живеете живот во кој имате можност да читате, значи дека сте доволно култивиран да го сакате читањето. Но и поради уште посуштински причини. За да читате, треба да имате време. И не само време, треба да имате спокој, треба да имате вистински душевен мир. За да имате мир, треба сѐ друго во животот да ви е на место: да сте живи и здрави, и вие и вашите ближни, ништо да не ве боли, ништо да не ве вознемирува, да немате никакви грижи, ниту финансиски, ниту егзистенцијални. Да читаш, значи да не мора да работиш ништо друго, да имаш доволно финансии, покрив над главата, храна… за ништо друго да не се грижиш, освен да читаш. Како што гледаме – да читаш е вистински благослов, кој индицира дека имаш совршен живот, живот во кој сè ти е на место, живот каков што би посакал да живееш.
А статистички, не само во Македонија туку и во светот, бројот на читатели постојано опаѓа. Сè помалку се чита. А веројатно сè повеќе се гледа и слуша: телевизија, радио, поткасти, влогови, јутјуб-видеа.. Ова ме наведува на два чудни заклучока: или современата цивилизација и Македонците, вклучително, се полни други грижи, заради што најмалку им е до читање, или визуелната култура со интернетот стана доминантна. Вистина има веројатно во двете, но тоа не ги прави помалку чудни заклучоци. Ако е вистина првиот, тогаш сиот ентузијазам за напредокот на цивилизацијата преку техниката, техничко-технолошкиот развој што ќе им го олесни животот на луѓето, ќе ги направи побезгрижни и посреќни… е крајно неоснован – човекот повторно е загрижено, несреќно суштество, кое нема доволно душевен мир за да чита!? Не помалку чуден и загрижувачки е и вториот заклучок: интернетот дефинитивно ја инаугурираше визуелната култура, пред читачката, ајде да кажам когнитивната.

Оти читањето е во суштина когнитивен чин, имено тоа е сложен когнитивен процес на декодирање симболи, со цел да се конструира или изведе значење. Во тој процес на читање когнитивните вештини што го поддржуваат споменатото декодирање се неколку: внимание, визуелна дискриминација, визуелна секвенцијална обработка, непосредна меморија и работна меморија итн. За успешно читање, сите овие процеси мора да станат автоматски, а тоа бара вежбање.
Сè поголемата доминација на визуелната и аудио интернет-култура, наспроти традиционалната читачка култура, ги ускратува луѓето од таа вежба. Денешните генерации се интернет-генерации, образовани на интернет. Сè повеќе гледаат видеа или слушаат аудио на темата што ги интересира, отколку што би прочитале книга за тоа што ги интересира. До пред појавата на радиото и телевизијата, а особено интернетот, дури и информациите се добиваа од печатот – за да се информираш мораше да читаш. Денес не мораш. Доволно е само да не си хендикепиран, да не си глув или слеп – да можеш да слушаш или гледаш вести на ТВ или на интернет. Денес дури и тоа елементарно социјално и когнитивно ниво на читање заради едноставно информирање е заменето со нечитање, туку слушање и гледање. Денес не читаме и кога сакаме само да се информираме, а камоли да читаме заради истражување и учење. Порано само за да се информираш, требаше да вклучиш повисоки когнитивни процеси. Денес не само што се информираат туку, уште полошо, се образоваат слушајќи и гледајќи на интернет.
А четири студии што неодамна ми налетаа ме наведоа на една смела хипотеза, која ќе ја промовирам овде: нема да помине долго време кога на некоја умна држава ќе ѝ текне да направи барем основни школи без технологија, без монитори и без интернет! Еве, нека стои оваа хипотеза овде и нека ја тестира времето. Четирите студии што ми налетаа се два истражувачки труда и две книги.
Првата студија е од 2019 година, објавена во „Акта педијатрика“, во која се констатираат емпириски потврдени разлики во развојот на мозокот кај децата од предучилишна возраст. Ќе се прашате, па деца од предучилишна возраст не читаат. Затоа оваа студија е дотолку поинтересна, затоа што покажува разлики кај децата на кои им се читало и децата на кои не им се читало, а кои биле оставени времето да го минуваат пред екран.

Скенираниот мозок на децата на кои им било читано од страна на нивните старатели покажал раст на мозочната маса што учествува во развојот на јазикот и писменоста. Мозочното скенирање на втората група деца, на кои не им било читано, а наместо тие два часа читање, биле изложени два часа пред екран, покажало поголема неразвиена област на мозокот кај овие деца.
Втората е од истата година, објавена во „Ворлд физијатри“, покажува, во една послободна интерпретација на резултатите, буквално, како интернетот го „оштетува“ нашето познание. Во студијата буквално се повлекува паралела на штетното влијание на интернетот врз нашиот мозок, со структурни и функционални оштетувања што настануваат во него преку разни други процеси на стареење, болести, биолошки фактори и сл. Заклучокот од оваа студија е следен: Интернетот го менува нашето познание. Поточно, специфичните карактеристики на онлајн светот влијаат на: а) капацитетите за внимание, бидејќи речиси бескрајниот тек на онлајн информации го дели нашето внимание низ повеќе медиумски извори, на сметка на нашата постојана концентрација; б) мемориските процеси, бидејќи овој огромен и сеприсутен извор на онлајн информации почнува да го менува начинот на кој го добиваме, складираме, меморираме, па дури и го вреднуваме знаењето; и в) социјалното познание, поради способноста на онлајн социјалните поставки да личат и да ги евоцираат општествените процеси во реалниот свет, се создава нова интеракција помеѓу интернетот и нашите општествени животи, кои го менуваат нашето познание вклучувајќи и на концептот за себеси, за сопственото јас, а оттука и за сопствената самодоверба.
Првата од двете книги што ги споменав е со индикативен наслов „How we read now“ од Наоми Барон, во издание на „Оксфорд универзити прес“. Во оваа книга, таа покажува, врз основа на неколку други истражувања, како читањето книга во многу аспекти дава далеку поголеми резултати отколку читањето од екран (на истата книга). На прашањата дали разбирањето е исто без разлика дали некој чита текст на екран или на хартија и дали слушањето и гледањето содржина се исто толку ефикасни како читањето на пишан збор на истиот материјал, Наоми Барон дава еднозначен одговор: Не! Не разбираме исто од двата извори, ниту сме идентично ефикасни. Читањето од книга ни овозможува подобро разбирање и поголема ефикасност. Дигиталното читање е многу полошо од класичното. Причините за тоа се резултат на различни фактори: од намалена концентрација при дигитално читање, насоченост на мозокот кон забава при дигитално читање, тенденција кон т.н. мултитаскинг при дигитално читање, до констатацијата дека при читањето книга одредени центри во мозокот се стимулираат на многу поефикасен начин.

И конечно, последната студија што ја споменав е уште една книга. Имено, во познатата едиција на прирачници на Оксфорд, има една книга насловена „The Oxford Handbook of Cognitive Literary Studies“, во која има едно интересно поглавје на Натали Филипс, насловено „ Literary Neuroscience and History of Mind: An Interdisciplinary fMRI Study of Attention and Jane Austen“. Поглавјето опишува интердисциплинарен експеримент во невронауката и литературните истражувања. Во студијата се користи функционална магнетна резонанца (fMRI), технологија за добивање слики од нервна активност во реално време, за да се истражат когнитивните обрасци што се појавуваат кога читаме литературно дело – во случајов „Менсфилд парк“ на Џејн Остин. Што е заклучокот од ова истражување? Кога читате фикција, тоа не само што го активира темпоралниот лобус (центарот за обработка на јазикот во мозокот) туку и го зголемува глобалниот проток на крв во мозокот. Така, ги стимулира моторниот кортекс (делот вклучен во физичкото движење) и областите на мозокот поврзани со сетилните искуства како што е сетило за мирис. Со други зборови, читањето фикција го стимулира мозокот на начини што ги имитираат нервните активности на искуството за кое читате. На пример, ако прочитате добро напишан пасус за лик што планинари, вашиот мозок реагира како вие да сте на тоа планинарење. Ако прочитате пасус за лик што пие лимонада, ќе се вклучи делот од вашиот мозок што се активира кога ќе вкусите нешто кисело слично на лимонада. Може дури и да почнат да ви течат лиги. Со еден збор, кога читате фикција, можете, до одреден степен, да ги искусите искуствата на другите, невролошки доближувајќи ве еден чекор поблиску до разбирањето неопходно за емпатија. Со други зборови: читањето, буквално, ве прави подобар човек!
Оттука, читањето речиси на невролошко ниво ги буди вашите чувства, се соочувате со вашите емоции, вашите стравови и несигурности, ви ги освестува вашите надежи и очекувања, со еден збор – ве соочува со самиот себеси. Затоа, читањето е комуникациски чин со самиот себеси пред сè и над сè и како таков е егзистенцијален чин пар екселанс. Чин што е најсроден со најчовечкото во нас. Најдлабокото во нас е читачот во нас.
Ви посакувам, Бог да ви даде живот на читател. И да се читаме на страниците на „Нова Македонија“.

Трајче Стојанов