Посакуван економски развој во Македонија

Веќе три децении од осамостојувањето, Република Македонија не успеа да изгради ефикасен економски систем, покрај општествено-политичкиот, што е одраз на несистемско, хаотичното, инцидентно решавање за наметнати етнички, религиозни и какви ли не прашања и нивни моментални, инцидентни палијативни решенија, со што само се одложуваат решенијата, а државата тоне и тоне во сѐ поголем безизлез, за жал!
Денес, според Евростат, Република С… Македонија е вброена во трите најсиромашни европски земји. Погубните политики од минатото, но и од сегашноста, ја оставија земјава без достоинство, без компас за иднината и нејзиното опстојување, за што треба некој да ги носи врз себе последиците! Но тоа е помалку важно, најзначајно е тоа како да се подобриме во нашата свест дека државата треба да си ја задржиме, да ја подобриме во смисла на ефикасност, функционалност, но и владеењето на правото, за да се изгради општество за сите без корупција, мито и уцени, без лични манипулирања и корист, а на штета на иднината, а не на колективитети, како што некои граѓани-штетници сакаат, со силна ароганција и уценувања!

Влијанието на пандемијата на ковид-19 е силно и сигурно е дека ќе остави последици на многу области во светски размери, а и кај нас, се разбира! Но за нашето опстојување мора ние самите да се погрижиме преку примена на знаењето на луѓето, употреба на моралните норми, примена на законите, утврдување систем и економски политики на долг рок, со нивно доследно спроведување на дело, во сообразност со потребите на државата/граѓаните, но и со расположливоста на ресурсите, природни, човечки, финансиски, а секако и можностите за извоз. Тоа се комплексни прашања за кои се потребни поголеми и подлабоки елаборирања, но во оваа пригода само нафрлени, како патоказ за идни чекори.
Пред сѐ, Македонија како држава во минатото се зачлени во СТО, се обврза во низа групи, здруженија и членство во ЕУ, да извезува само одредени количества/квоти на своите производи и има низа обврски на овој план! Но, покрај тоа, земјава мора да си обезбеди одреден степен на самодоволност, односно независност од увоз на одделни производи, зашто секогаш постои неизвесност (блокади, војни, епидемии итн.) поради низа фактори, а домашната побарувачка на населението треба да се задоволи. За жал, Македонија е увозно зависна земја, што бара нов приод кон економскиот развој, кон расположливоста на производствените фактори и идните неопходни насоки за развој на економијата, односно стопанските области и гранки.

Во земја како Република Македонија, која има висока невработеност, иселувања од неа во странство итн., се наметнува потреба од еден нов приод кон економски одржлив, траен развој, имајќи ги предвид чистата средина за живеење и работа, но и социјалната компонента на тој развој.
Во Република Македонија, која се карактеризира со отсуство на функционални институции во сите области на живеење и работење, и во економскиот развој има отсуство на институции за помош и поддршка на деловните субјекти/физички лица како земјоделци, занаетчии и трговски друштва/компании, што многу негативно се одразува во развојот.
Многу малку се слуша гласот на стопанствениците и земјоделците и нивните комори и здруженија од страна на власта, па, така, институциите што треба да се основаат за да го помагаат стопанството, ги нема или се неефикасни.
Локалната власт тука може и мора да има улога во насочување на претприемачите, на стопанствениците, занаетчиите, земјоделците, преку свои единици (агенции, бироа, центри, институти) за помош и поддршка, но локалната самоуправа е надвор од сите тие дејствувања во сите изминати години!

Земјоделскиот развој во државава долго беше маргинализиран, угледувајќи се слепо на високоразвиените земји, кои одамна го имаат развиено овој сектор и, нормално, сега го развиваат терцијарниот сектор (услугите), а нашиот примарен сектор е неразвиен, секако и производството, а терцијарниот и да не зборуваме! Значи, не дека не треба да се развива сѐ за што има интерес и потреба, но земјоделството и сточарството, како примарен сектор, нужно мора да се развиени за да се обезбедуваат храна за населението и производи/репроматеријали/суровини за нивна обработка, односно за индустриско производство.
Во Република Македонија има потреба и можности (необработена земја, напуштени ливади, невработени лица итн.) да се развива и негува земјоделскиот сектор, но отсуствуваат низа тела за помош на локално и државно ниво, институти за семенски материјали, за техничка поддршка, за организиран откуп и пласман, а субвенциите што се доделуваат последниве години треба да се во функција на зголемување на производството и негов откуп и понатамошна финализација во високофинални производи! Мора да се изгради систем што ќе се применува доследно!

Наместо да се извезуваат примарни земјоделски производи (на пример, праски, домати итн.), тие може да се обработуваат и како готови производи, со повисока дополнителна вредност да се извезат (како компот, сок, пире итн.). Но за тоа се потребни државна насока, помош и поддршка
Сточарството како дел од земјоделството е особено запоставено, за жал, и треба итно да се обновува добиточниот фонд.
Македонија мора да се развива преку замена/супституција на увозни производи со домашни, но тука игра голема улога цената на чинење на производството. Увозните производи се многу поевтини од домашните, што укажува на потребата од анализа и оцена за причините за тоа и нивно надминување!
Македонија е земја со многу сончеви денови во годината, со убава вода за пиење, што е компаративна предност, која мора да се искористи! Малку подзаборавените геотермални води да се афирмираат во смисла на нивна поголема употреба
Македонија е земја со многу познати и непознати минерали и руди на својата почва, кои не се користат заради чистата и здрава животна средина, но со добра технологија и знаење може и тоа полека да се надминува!

Македонија не е иновативна земја од типот на САД, СР Германија и други, но има свои нуклеуси на нова технологија, кои е потребно да се негуваат, а увозот на нови технологии треба да е во функција на ефикасен развој. Технолошките зони донекаде го ублажуваат тој јаз, во привлекувањето инвестиции однадвор и нова технологија, но земјава може да развива и свои иновативни идеи со помош и поддршка од државата! Фондот за иновации треба да се финансира од домашни извори, но и да не е партиски ориентиран! Одвојувањата од буџетот за научноистражувачка работа (R&D) мора да се зголемат (0,002 проценти), доколку се тежнее Македонија да стане малку повеќе иновативна земја!
Домашното производство на електрична енергија е недоволно за да се задоволат сопствените потреби, затоа и се увезува електрична енергија, која може да се замени и со сончева енергија ако се работи системски на тоа! Но, во секој случај, не треба да се поддржува производство на производи што бара високо учество на електрична енергија!
Во надминувањето на недостигот од електрична енергија може да играат улога и малите хидроцентрали, што, за жал, во минатото секогаш било во рамките на коруптивни зделки и нејасни лицитации. Тоа бара надминување единствено преку правни норми и санкции.

Здружувањето во комори, асоцијации, здруженија е многу корисно за стопанствениците во остварување на нивните интереси пред власта, но и за заеднички настап на странски пазари, што е досега слабо практикувано, поради незнаење, страв од злоупотреби и слични ставови.
Потребно е да се користат странските искуства во здружувањето во групи (кластери), како во Р Турција, Р Италија и дрги земји, а во Куманово е позната групата на производители на чевли или на текстил во Штип. Полека македонската текстилна индустрија треба да се ослободува од системот на работа по нарачка (лон) и да си изгради свои трговски марки (како што беше некогаш конфекцијата „Астибо“). Но да работат успешно овие групи производители на одредена индустрија, за поевтино а поквалитетно производство, треба да има заеднички напори на стопанствениците, нивните асоцијации и локалната власт пред сѐ!

Туризмот во Македонија може да има посакуван раст и развој, но треба да се работи на неколку полиња. Пред сѐ, Македонија е доста загадена, мора да се работи на нејзино детално чистење од диви депонии и нечисти простори! Тука, локалната власт мора да ја има главната улога, а граѓаните и стопанствениците со неа! Секако, и националната власт мора да има посебна улога.
Руралниот/селскиот туризам има перспективи, заедно со црквите и манастирите може да стане привлечно место за туристите, како и водопадите, не само езерата. Потребна е богата понуда за привлекување странски и домашни туристи, само е нужна заедничка целосна понуда на сѐ што значи интересно доживување во земјава! Потребни се синхронизирани активности на туристичките агенции и локалните власти, како и туристички водичи со потврди, не дилетанти и сл. што водат антипропаганда за Македонија!

Но да не се заборави, човечкиот фактор и знаењето се најбитни фактори во развојот.
Како резиме на сѐ, може да се сублимира кажаното во неколку факти:
А. Македонија мора да работи на замена/супституција на увозот со извоз на одделни производи, за што е потребна опсежна програма на долг рок, со рокови, утврдени средства за реализација, со задачи и обврски.
Б. Потребни се ефикасни институции, создавање нови што ќе бидат во функција на поддршка и помош, технолошка, техничка, советодавна,финансиска итн., на сите стопанственици.
В. Мора да јакне свеста за здружување на стопанствениците за поефикасно стопанисување.
Г. Нужно е со здружени сили да настапуваат заеднички и да соработуваат стопанските здруженија, локалната и националната власт, во интерес на економскиот интерес за брз и ефикасен раст и развој на земјава.
Д. Земјава да ги развива оние дејности и гранки каде што има компаративна и конкурентска предност.
Ѓ. Усвојување на национална стратегија и програма за економскиот развој на Република Македонија на долг рок и нејзино доследно спроведување со утврдени рокови,финансирање, задачи и санкции за непочитување.