Мајка Сабина

Тогаш сфатив дека, иако сум професор, Сабина пред мене знаела дека СЀ што ќе се појави на сцената, станува знак што добива екстра значење, дури и кога е случајност. Без тој „вишок знак“, без тоа непланирано ЧОВЕЧКО станување откако претставата е завршена, нашите животи немаат смисла: како претстава што завршува со просто гаснење на рефлекторите. Без аплауз. А за аплауз се станува

Си замина кралицата на нашата театарска и филмска сцена: Сабина Ајрула Тозија. Играше во две мои пиеси. Најпрвин, во „Словенскиот ковчег“, во 1998 година, во режија на Димитар Станкоски, кој инсистираше улогата на Цвета да ја игра Сабина, а јас се плашев дека има премалку текст за една таква артистка. Се сеќавам дека тогаш Диме рече: „Ти не ја познаваш Сабина. Таа глуми и без текст. Поблагородна и поблагодарна артистка од неа нема“. И точно излезе. Саат и четириесет минути Сабина опслужуваше други артисти со реплики, „им нафрлаше топки“. Тоа се оние реплики од типот: „Зошто, бре, синко?“ или „Каде одиш сега?“, или „Немој Арсо, не викај“. И тогаш, доаѓаше нејзината естетска екстаза: еден краток монолог. Одеднаш, времето на сцената запираше, кралицата остануваше сама со себе, претчувствувајќи ја блиската смрт на синот, па уште на пробите се ежавевме додека слушавме дека исечената јаболкница во дворот, на која ѝ останала сенката (стеблото го исекле, ама сенката не можат) на „права полноќ пораснала“ и родила само едно златно јаболко! Со тој монолог од две минути Сабина собираше аплауз на отворена сцена, што ечеше како гром, па Диме не можеше да си прости што не ја завршил претставата со тој монолог. Се плеснуваше секогаш по челото и велеше: „Ова, ова требаше за крај, сега имаме два краја“. И навистина: кога по неколку минути претставата ќе завршеше, добивавме аплауз, ама не таков како за монологот на Сабина.

Се сеќавам дека за време на пробите еден нејзин колега, врвен артист и лик од истата пиеса, ми побара да му допишам монолог. Рече дека малку му бил текстот, дека ликот не му е заокружен. Сабина го слушаше тоа. Се насмевна со онаа нејзина насмевка што значеше „Господе, што зборува ова дете?“, а јас се свртев кон неа и ја прашав дали можеби и нејзе ѝ треба повеќе текст. Рече: „И ова е премногу“. А тоа беа само десетина реда, за кои требаше да чека саат и кусур, за да ги изговори! Со тој свој став за „количеството“ зборови во уметноста, ме потсети на уште еден великан со кој тогаш, како млад човек, често дружев слушајќи го со отворена уста – Анте Поповски. Тој знаеше да каже: Во добрата песна многу зборови се малку, а малку зборови се сосема доволно.
Сабина знаеше дека добрите артисти не само што знаат одлично да изговорат текст туку точно знаат со очите и лицето да премолчат нешто многу побитно од она што го изговараат. Нејзиниот монолог, така, имаше ИЗГОВОРЕН ДЕЛ (она што јас сум го напишал), но и ПРЕМОЛЧЕН (она што самата си го напишала во својата глава), а го „изговараше“ само со очите и мимиките. Само такви врвни артисти знаат дека артистот истовремено на сцената изговара ДВА текста: еден што се слуша и друг што се гледа; вториот самите си го пишуваат и е врв на изведбата на драмскиот текст. Сабина навистина глумеше и со текст-поглед; впрочем, затоа и направи одлична филмска и телевизиска кариера, не само кај нас туку и во Турција.
Во секојдневниот живот, многу често „се лепев“ за еден нејзин поглед. Кога ќе имав приватен проблем, кога ќе ѝ се пожалев, а ја чувствував секогаш како некое чудесно тројство (речиси мајка, постара сестра и врсничка), таа ќе ме погледнеше, ќе се насмееше и со очите ќе ми речеше: „Ти будала да не си? Тоа ли е проблем? Ма ајде…“ Тој нејзин став ги одржуваше луѓето околу неа.

Тој нејзин поглед беше поглед на достоинство: особина што веќе целосно ја изгубивме сите, и ја заменивме со нејзина СЛИЧНА СПРОТИВНОСТ: гордоста. Да имаш достоинство значи да се помириш и да дадеш максимум од минимум; да се возгордееш, значи секогаш да си незадоволен (од број на зборови во ролја, од хонорарот), да кукаш дека максимумот ти е минимум, да бараш „преку леб погача“ (често велеше така карајќи ги како мајка помладите). И во неколку последни интервјуа таа постојано им оставаше аманет на помладите да не бидат возгордеани од славата и моќта (особено политичката), туку достоинствено да се носат и со неправдите, но и со пофалбите, кои се поопасни. И да: им кажуваше дека нема мала и голема улога, има добро и лошо одиграна улога.
Но вистински ја запознав Сабина дури кога ја работевме македонската верзија на „Светица во темнината“ (2011), каде што таа ја играше Мајка Тереза. Прво имав намера да напишам монодрама за Сабина, но таа веднаш го одби тоа. Рече дека сака Мајка Тереза да ја доживееме како човек во комуникација со други луѓе, со семејството во нејзиното родно Скопје, со гладните и лепрозните во нејзината Калкута, дури и со нејзините духовни отци. И беше во право: погодивме чиста десетка, зашто ја прикажавме Мајка Тереза како човек, со сите нејзини сомнежи и падови во верата, а не како недостижно божество. Сабина точно знаеше што сака; имав впечаток дека веќе ја играла таа ролја. Еднаш ѝ го кажав тоа, а таа се насмевна и рече: „Ти не знаеш колку ми е страв. Влегувам во целосно непознато тело и душа“. И тогаш се сетив дека во театарската семиотика се користи еден термин – ИМПЕРСОНАЦИЈА, очигледно неточно.

Тој термин обично се користи кога актерка игра машка, или актер игра женска ролја, па обично се дава примерот со Сара Бернар, која го играше Хамлет дури и со дрвена протеза на ногата. Искуството со Сабина ми покажа дека во суштина СЕКОЈА ролја е имперсонација: влегување во непознато тело и душа. Но Сабина имаше, со Мајка Тереза, исклучително тешка ИМПЕРСОНАЦИЈА: жена требаше да влезе во душата на АНГЕЛ, бесполов, како и секој ангел. Ѝ спомнав за ова, а таа рече: „Да, полесно ќе ми беше како жена да одиграм маж, одошто ова: ангел од крв и месо“.
И успеа. Беше величествена на сцената. И целата екипа: Емил Рубен, Ѓорѓи Јолевски, Дејан Лилиќ, Амернис Нокшиќи-Јовановска брилјира, во режија на Нина Николиќ. По изведбата во Рим, на која присуствуваа претставници на Ватикан, нашиот амбасадор нѐ претстави пред великосвештениците. Кога еден од нив ја виде Сабина, во обична облека, не веруваше дека тоа е истата личност од сцената. Рече (на италијански) дека тоа не е можно, дека таа на сцената била многу поситна! Тогаш сфатив дека Сабина работела со месеци не толку на текстот, колку на СУШТИНАТА на нејзината улога – како (дури и физички) да се смалиш, за да станеш ГОЛЕМ! Сабина се насмевна на тие негови зборови и му рече: „Оче, едно од чудата божји е и актерската игра: малото се зголемува, големото се смалува“.
Претставата завршуваше со смртта на Мајка Тереза. Познато е дека во мигот на нејзината смрт снемало струја во цела Калкута. Затоа, ја завршувавме претставата со обично исклучување на рефлекторите. Во таа темнина, пред да почне аплаузот, Сабина стануваше од креветот на кој миг пред тоа се упокои Мајка Тереза.

Неколкупати ѝ реков да не станува веднаш, зашто тоа се гледа во темнината, најверојатно поради бело-сината боја на одеждата. Меѓутоа, таа упорно стануваше веднаш. Кога во Рим, по претставата ја повторив забелешката, ми рече: „Па баш убава симболика е тоа. Претставата на животот ѝ завршила и таа веднаш воскреснува во темнината“. Тогаш сфатив дека, иако сум професор, Сабина пред мене знаела дека СЀ што ќе се појави на сцената станува знак што добива екстра значење, дури и кога е случајност. Без тој „вишок знак“, без тоа непланирано ЧОВЕЧКО станување откако претставата е завршена, нашите животи немаат смисла: како претстава што завршува со просто исклучување на рефлекторите. Без аплауз. А за аплауз се станува.
Ти благодарам за тој знак на човечка надеж во бесмртноста, за тоа невидливо воскресение, Сабина.