Американизацијата на Европа е полоша од нејзината балканизација (3)

Минатиот пат цитирав еден пасус од романот на Фуентес, кој тврди дека Американците се спротивност на Европејците, зашто Американците ги дефинира чувството за „неограничените можности на животот“, а Европејците „чувството за мера“ и „чувството за трагедија“. И се прашав каде се денес тоа Аристотелово „чувство за мера“ и „чувството за трагедија“ кај Европеецот? И зарем не е токму Европа денес место на најсилниот антропоцентризам (по САД, се разбира), најпожелно место за живот токму поради чувството за „неограничените можности на животот“. Такви „неограничени можности на животот“ со кои се победуваат дури и божјите (природни) ограничувања од типот машко/женско (на пример, промената на пол), па дури и минливо/неминливо (на пример, убедувањето дека славата носи бесмртност)?

Европа со чувството за мера, мера што ја препорачуваше Аристотел преку својата филозофија „на средниот пат“ („биди умерен за да не страдаш“) е мртва. Европа произведе еден особен тип острастен човек, чиста спротивност на мерата. Европа денес гнете, пие, се дрогира, меле и брише култури, му суди секому, и затоа, како и секој човек надвор од мерата, се самоубива. Европа денес е најголемата паланка, затоа што, како и САД, се држи до основата на паланечката филозофија, а тоа е интерес само за две работи – туѓиот грев и сопствениот успех. Европа знае да разговара само на тие две теми: трета нема. Тоа сакаат да го чујат европските емисари кога ќе дојдат овде да ни попуваат. Тоа сака да го чуе и секој паланчанец кога ќе седне на маса со свои пријатели: дека другите се воодушевуваат на неговите успеси, а жалат за своите гревови.

Европа нема поим за сочувство; таа веќе не се идентификува со Едип, туку само го зајми неговиот нарцистички хибрис, заслепена од својата моќ и големина. Таа не сочувствува со Едип, ниту се идентификува со него; таа е американизирана. Таа личи на антиедип: обземена од либералниот капитализам, да ги цитирам Жил Делез и Феликс Гатари, таа само „фука и сере“. Европа нема свест дека е смртна и дека може, со Аристотелов трагички обрат, токму поради својата острастеност и отсуството на чувство за мера, да попадне од среќа во несреќа, токму како Едип. Таа само ПОСАКУВА: сака уште, повеќе, ПОПОВЕЌЕ, НАЈПОПОВЕЌЕ, со вечен стремеж за напредок (прогрес), и по тоа таа денес личи многу на САД, онака како што ги гледа Фуентес во 1993: „САД, родени како Минерва од Јупитеровата глава, вооружени, самостојни, образовани, слободни, предмет на завист… со дарба за општествено движење, секогаш нагоре, секогаш да се биде нешто повеќе, повеќе од соседите. Земја без граници. Тоа беше нејзината големина. Како и нејзиното ропство.“

Дали оваа американизација на Европа, која од неа направи симбол на незаситен глад кон животот, а ја ослободи од античкото трагичко чувство за моралните граници (за „доста“ и за „дозволено/недозволено“) е полоша од балканизацијата? И што воопшто значи – балканизација, зарем не е таа само заменка за сопствената црна потсвест? Зар само на Балканот има стремежи за отцепување, ситнење, разединување? Балканот за Европа денес е само симболичко место, кое треба да биде „полошо“ од неа, полно со дивјаци, за да се има полош од себе и од сопственото острастено дивјаштво, кое се сведува на тоа да им се суди на другите, а никогаш себеси? И зарем односот меѓу „заостанатиот“ Западен Балкан и сјајната Европа денес, не потсетува на она што Фуентес го опишува како однос меѓу неговото Мексико и САД од крајот на минатиот век? Говорејќи за таканаречениот Ден на благодарноста (Thanksgiving), кој го слават само Американците, тој вели: „Ги потсетува на нивната невиност; тоа е она што всушност го слават. Ги потсетува на денот кога пуританските основачи на колонијата Масачусетс стигнале до карпата Плимут, во 1620 година, бегајќи од верската нетолеранција во Англија… Пуританците биле работници имигранти, како и Мексиканците, кои денес ја минуваат јужната граница на Соединетите Американски Држави во потрага по работа, а понекогаш се пречекани со ќотек и куршуми. Зошто? Затоа што со својот јазик, храната, религијата, рацете, сексот, упаѓаат во просторот резервиран за белата раса. Тие се дивјаци што се враќаат. За разлика од нив, пуританците уживаат во чистата совест на просветителството. Ја ограбуваат земјата, го спречуваат мешањето на расите, наметнуваат нетолеранција полоша од онаа што ја оставиле зад себе, ловат замислени вештерки и, наспроти сè, претставуваат симбол на невиност и изобилство. Голема мисирка полнета со јаболка, ореви, зачини и прелеана со густ сос им ја потврдува на САД, секоја година во ноември, извесноста на нивната двојна судбина: Невиност и Изобилство.“

Во невиност и изобилство живее денес и Европа; барем така таа мисли за себе (автоимаголошка перцепција). Спроти неа стојат дивјаците од Западен Балкан (што е всушност конструкција, име за некогашна СФРЈ без Словенија и Хрватска), оние „дивјаци“ што чекаат прием во невиност и изобилство. Европските студено острастени бирократи даваат совети по цел Балкан што треба да се направи за да се заслужат невиноста и изобилството. Нема НИТУ ЕДЕН ЗБОР на воодушевување од средбата со тие, за Европа, непознати балкански култури. Има дури, на места и поруги; една од нив беше циничната забелешка на висок европски претставник, кој на статистичките податоци што велат дека по бомбардирањето на Србија со осиромашен ураниум значително се во пораст малигните заболувања, дури и кај децата, реплицира: „Тоа им е од пушењето. Нивните родители премногу пушат“. А Фуентес за тој цинизам и таквите поруги сметаше дека се дел само од американскиот колективен идентитет: „Вечната шега, joke, поругата, е сурова особина на Американците “.

Острастениот човек го дефинира неговото постојано чувство дека нешто му е одземено, дека му е ускратено уживање во битието, што резултира со постојан глад за повеќе. Како да ги има на ум тие филозофски расправи, Фуентес за Американците вели: „Го мразат тоа што го работат зашто сите, без исклучок, би сакале да работат нешто друго за да бидат нешто повеќе. САД немаа среден век. Тоа е, секако, нивна голема разлика во однос на Европејците, но исто така и по однос на нас, Мексиканците, кои потекнуваме од Астеците, ама и од Медитеранот, од Феничаните, Грците и Римјаните, како и од Евреите и Арапите, и на сето тоа згора – од средновековна Шпанија.“
Но Европа имаше среден век! Зошто тогаш се однесува американизирано, како да немала? Постои ли воопшто концепт за една европска цивилизација, како кај Американците? Или, Европа, копнеејќи по американското единство, сè повеќе станува клон, макета, модел на американскиот колективен идентитет?
Ќе запрам тука. Ако некому сум му помогнал да сфати зошто е „за“ или „против“ Европа или САД, сум успеал. Толку.