Баучот на македонизмот – четврто полувреме

Еве, и по повеќе од 100 години од упокојувањето на велика Македонија во Букурешт, духот и баучот на „македонизмот“ одново се актуелни и кружат над ридестиот Балкан. Македонската национална опстојба одново е во виорот на континуирани антимакедонски стратегии и прекројувања. Подолго од еден век веќе трае овој безочен и антинаучен пир на великобугарската и соседските доктрини кон Македонија и кон нејзиното историско минато за кое со договорот во Преспа Грција на писмено си обезбеди монопол на историската „сопственост“ на терминот Македонија/Македонци.
Нов момент во оваа псевдонаучна мелодрама – гротеска, е „нападот“ врз Македонскиот научен институт, уште една епизода од војната против историската вистина за наводна бугарска кауза во Македонија – тврди бугарски европратеник и директно ја посочува Америка како финансиер на медиуми што работат против бугарската историска вистина за Македонија.

Некаде пред триесетина години, во „Бојана филм“ во Софија на синхронизација на играно-документарниот проект „Мојата љубов Чарли Паркер“, во паузата, од еден постар филмски работник, Бугарин, слушнав интересна приказна. „А бе, вие, Македонците, имате среќа“, ја отвори темата, турајќи кафе во филџаните. „Ех, што сме баш толку касметлии“, се обидов да реплицирам и да прашам во исто време, очекувајќи некоја вообичаена провокација или стандардна ситна злоба, за нас – сштиот народ. „Вашиот ксмет е таков… решиле Американците да прават велика Македонија и това ште б’де, тука нема бегање“. (Ова „б’де“ го содржи и темниот вокал во себе – какво судбинско совпаѓање.)
Мене, онака, ми иде убаво на душата, но не можев веднаш да разберам во што е работата и од каде ваквата „благородна“ размисла, идеја. Дали е ова некаква длабока иронија или визија што ние одблизу, од нашиот двор не успеваме да ја детектираме, видиме, препознаеме. Во секој случај, тој убав викенд во Софија ја направив синхронизацијата на првиот македонски долби стереоспектрал рикординг 35 мм филм „Мојата љубов Чарли Паркер“.

Триесетина бурни години оттогаш, работите на Балканот како да добиваат помалку филмски тек, налик на оној како што го претпоставуваше и ме уверуваше мојот бугарски филмски колега и „брат“. Со текот на времето се случија работи што ме вратија во оној синопсис муабет во „Бојана филм“. Американците откупија земја, проектираа, изградија велелепна амбасада на Скопско кале. Дваесетина километри погоре во ридестиот Балкан, во Косово, во „Бондстил“, е стационирана голема НАТО-формација. Нашиот јужен сосед, традиционално во долгови до гуша и на работ на банкрот, полека, но сигурно, се дезинтегрира… Малата горна независна државичка, како што милуваа да нѐ нарекуваат долу на југот (името Македонија никако да го изустат), успешно преживеа 30 бурни години независност, иако многумина не можат ни денес да се изначудат како. Некако сѐ се движи во насока на тезите на бугарскиот филмски работник.

Според извори од оној вистинскиот „Викиликс“, Американците знаеле за ветото во Букурешт цела година пред тоа. Знаат, трпат и молчат. На контото на беслаците на нашиот јужен сосед го прибележуваат и скандалот со откажаната посета на американскиот државен секретар за надворешни работи, Колин Пауел, на Олимпијадата во Атина во 200г.4, поради антиамериканските протести. На душа им е запишана и бомбата фрлена врз американската амбасада. А како што по повод оваа дискусија тврди еден мој близок македонски филмски работник, Американците долго молчат, но не забораваат. Ниту 9/11, ниту балканската барутна сказна, сѐ некако се одвива филмски, но вистински.

Ние, Македонците, можеби според сценариото изгледа сме во вистинското оро првпат во историјата. Она дебармаалското, облечи костум, врзи вратоврска и фати се во правото оро, со големите, како што тоа низ историјата го прават нашите соседи, Бугарите и Албанците. Свесни дека се мали, секогаш се во оро со посилните. Доаѓаат Германци, Италијанци, во поново време Кинези, тие секогаш се уортачуваат со дојденците. За око не личи, но е многу практично. За разлика од нашиот северен и воинствен сосед, кој во двете војни, според статистиките, има два милиона загубени животи, овие првите од сите балкански премрежиња излегуваат цели, безмалку недопрени.

Нејсе, според некој нареден „Викиликс“, Сноуден… вака од филмска визура и интуиција, сите овие големи трошоци за спомениците, градбите, материјалните паметници, воинот, татко му и редица херои Македонци, дека некој / не знаеме кој (според сето наведено, може да се претпостави) континуирано ја поддржува регионалната „македонска хипериднина“ и во вид на различни форми на помош, заеми со грејс-периоди, дополнување на нашиот платен биланс и сл. Некако неочекувано нѐ ослободија навремено од европските визни ограничувања. Во Овчарани веќе освен инструментални изведби на македонски песни, може да се пее на глас. Коридорот 10 е комплетиран. Не знам, можеби звучи филмски, но некако сѐ ме враќа на муабетот со мојот филмски собрат во Софија. И според тогашните вести и наслови во некои бугарски медиуми, на македонскиот премиер му пишал бугарски државјанин, кој разочаран од животот во Бугарија, сака да си „бега“ во Македонија. Веста ја пренесоа и гласилата во Атина.

И за крај, цитат од бугарскиот учен од 19 век, Атанас Б. Шопов, кој ги демантира своите сонародници од 20 и 21 век и вели: „Па дури ни денес, во 1885 година кога Европа би побарала македонското население да се определи и да каже на која народност ѝ припаѓа, уверени сме, дека поголем дел од Македонија ќе ни летне од раце, со исклучок на две-три околии од северна Македонија. Сите други Македонци се готови да дадат каков сакаш пишан документ дека тие не се Бугари…“