Фото: Маја Јаневска-Илиева

Разрешувањето на директорот на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, доктор Сашко Јовев, кој ја предводеше првата трансплантација на срце во земјава и натаму во фокусот на вниманието на јавноста. Додека, министерот за здравство Фатмир Меџити за одлуката вели дека биле утврдени нерегуларности во работењето и „секаде каде ќе има злоупотреби со мене како министер ќе има и санкционирање“, Јовев поддржан од пациенти, и колеги, вчера порача дека нема нерегуларности во работењето и повикува да се преиспита одлуката за негово разрешување.

Министерот за здравство Фатмир Меџити, одговрајќи на новинарски прашања, вчера порача дека нема политика во разрешувањето на директорот на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија.

– Апсолутно не, секаде кај ќе има злоупотреби со мене како министер ќе има и санкционирање – рече Меџити и за денеска најави брифинг со медиумите за случајот.

На новинарско прашање врз основа на што заклучил дека професор Јовев не покажува резултати во работата, кога за две и пол години има направено девет трансплантации, како и дали станува збор за одмазда, Меџити искоментира оти не е само професорот Јовев, ами таму има цел тим што работи за такви комплицирани операции.

– За сѐ друго ќе има брифинг за новинарите и ќе бидете известени за сите детали – додаде Меџити.

Претходно, тој во изјава за медиумите наведе дека Јовев е кадар на коалицискиот партнер СДСМ и оти тие треба да предложат друго име.

Тогаш, одговарајќи на новинарско прашање за разрешувањето, рече дека секогаш кога ќе има нерегуларности во работењето, тој ќе постапи исто.

– Веќе нема да има директори кои седат и спијат по пет или по десет години, немаат никаков резултат и затоа здравството е во ваква амортизирана состојба. Секогаш кога ќе има нерегуларности во работењето и во сѐ друго, јас вака ќе постапам. Ова е само почеток, ќе видите дека некој нема да седи шест месеци, ќе поднесе извештај за тоа што има сработено, рече Меџити.

Министерот во понеделникот го разрешил доктор Јовев, кој ја предводеше првата трансплантација на срце во земјава.

Пациенти на доктор Јовев вчера го поддржаа пред Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, заедно со вработени, негови колеги.

Јовев изјави дека Универзитетската клиника за државна кардиохирургија под негово водство, во последните осум години, „создаде ултрамодерна клиника што ги работи сите можни процедури во кардиохирургија, што се работат во најреномирани светски клиники“.

Тој додаде дека оваа земја сѐ уште има и ќе има одлични доктори, кои ја сакаат својата земја и ќе работат неуморно за своите сограѓани.

– Ве молам да не ги бркаме и разочаруваме, нагласи Јовев, барајќи правдата да победи.

Правникот Мите Михајловски изјави дека решението е навистина „навреда за здравјето на сите нас“.

– Во решението стои дека за 2022 година има исплатни листи за дежурства, а дежурството не го одобрил министерот за здравство. Замислете некој доаѓа со итна потреба на клиниката, да му рече портирот, „извинете, немаме согласност од министерот, дојдете утре“. Само тоа е причината, само дежурството. Вчера чувме на телевизија дека којзнае какви злоупотреби имало од страна на професорот Јовев. Значи, единствена причина е дежурството. Јас како правник поставувам прашање – како може оваа клиника да нема дежурство? Не може. Значи, злоупотреба е од министерот ако не дал согласност да се организира дежурството. Така што, апсолутно нема никаква причина за разрешување и ова од далеку се гледа дека нема повреда, туку е друго нешто во позадина, додаде Михајловски.

Прашан дали ќе поведе постапка, Михајловски одговори потврдно и најави тужба.