Фото: Маја Јаневска - Илиева

Вработените во Секретаријатот и во стручните единици на МАНУ кои веќе две недели штрајкуваат, денеска непосредно пред одржувањето на Годишното собрание на највисоката научна институција, излегоа пред зградата на МАНУ за да го искажат своето незадоволство од, како што велат, ниските примања и игнорантскиот однос на раководсството на институцијата за решавање на нивниот проблем.

Претседателот на Синдикалната организација на МАНУ Блажо Вујовиќ изјави дека досега имале средби со дел од академиците кои се дел од раководството, но не и со раководството на МАНУ. Иако добиле ветување, дека вчера и завчера ќе се свика итна седница на претседателството, тело кое треба да им го реши проблемот, тоа не се случило. Со оглед дека веќе година и пол чекаат на средба, не очекуваат да дојде до неа, поради што од денеска излегуваат да штрајкуваат пред институцијата.

-Проблемот со недостоинствено ниските плати не е возможно да се реши без измени во Законот за МАНУ. За таа цел мора да реагираат телата од синдикатот, но и членовите на претседателството. Сега засега нема ништо – рече Вујовиќ и најави во наредните денови прес-конференција на која Синдикалната организација на МАНУ ќе ги изложи сите детали за причините за штрајкот за што и усно и писмено се запознаени членовите на МАНУ.

Во меѓувреме, на Годишното собрание на МАНУ, академик Дончо Димовски се заложи и го повика претседателството на Академијата да се заложи за што поскоро решавање на проблемот на овие вработени. Тој со порака до претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев кој во обраќањето ја обвини власта за маргинализирање на нивната работа и попречување на пристап до средства најчесто од меѓународни проекти, „најпрво да си ги реши работите во својот двор пред да обвинува други“.