На споменикот подигнат во чест на бранителите во Волково-Општина Ѓорче Петров, денеска беа одбележани 23 години од загинувањето на македонските бранители кај месноста Љуботенски Бачила на 10 август 2001 година, информираат од Општина Ѓорче Петров.
Пред 23 години во воениот конфликт кај Љуботенски Бачила загинаа Томе Бадаревски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димоски и Раде Јанковски. На овој ден се оддава почит и на Ацо Ангеловски кој во 2000-та година загина во Арачиново при вооружен напад врз полициска патрола.
Делегации, заедно со членови на семејствата на загинатите, положија цвеќе на споменикот. Делегацијата на Општина Ѓорче Петров ја предводеше градоначалникот Александар Стојкоски, кој во обраќање пред присутните рече дека со започнувањето на секој август од 2001 година па до денеска, не може, а да не се помисли на изгубените животи на македонските храбри бранители.
– Овие македонски синови зрачеа со ентузијазам дека доаѓаат подобри времиња за Република Македонија. Оставија цели семејства со мисла дека ќе се вратат и оти земјата ја чекаат добри денови. Времињата се мирни сега, но загубените човечки животи во сите нас прават немири. Ги поминаа нивните последни денови храбро по рововите на македонските планини, бодрејќи се еден со друг и штитејќи ја земјата со последните нивни сили. Патриоти, чесни и храбри македонски јунаци –
рече Стојкоски.
Тој им се обрати лично на семејствата на бранителите и истакна дека тие се вистински херои.
– Вие сте херои, почитувани мои сограѓани. Вие и вашите храбри синови, браќа, нашите македонски браќа, кои тргнаа во битка за слободна Македонија, не колебајќи се ниту минута, свесни за суровоста на воениот конфликт. Вие сте нашата гордост и гордост на целата држава. Ви се обраќам со посебно внимание и со должна почит и секогаш ќе бидам на ваша страна – истакна градоначалникот.
Стојкоски уште еднаш ја изрази поддршката од Општина Ѓорче Петров за семејствата на бранителите.
– И самите знаете дека како локална самоуправа правиме сè што е во наша моќ да ви излеземе в пресрет и ви го олесниле секојдневието. Чест ми што во мојот мандат успеавме да обезбедиме за потомците на бранителите бесплатно школување и бесплатна градинка, и приоритет на нивните поколенија при упис во претшколска установа. Тие се целосно ослободени и од сите трошоци што ги опфаќа школувањето – подвлече Стојкоски.
Високи делегации, заедно со делегациите на Општина Ѓорче Петров и Советот на Општината, претходно положија цвеќе и на спомен-обележјето на Томислав Настевски, а по централната манифестација во Волково, го посетија и Споменикот на Бранителите во реонскиот парк.