Фото: Илустрација/ Сања Јачевска

„Нова Македонија“ секоја година се навраќа и потсетува на почетоците на македонското новинарство и никогаш не го заборава родното Горно Врановци. И годинава по повод 79-годишнината на првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ планинарскиот водич Ирена Диков и претседател на планинарски клуб „Убава“ иницира планинарска тура од Горно Врановци до врвот Кале 2.112 мнв. Турата има тенденција да стане традиционална и веќе трет пат се организира и е поддржана од весникот „Нова Македонија“.

На 5 ноември, в недела патеката почнува од селото Горно Врановци (650 м), се движи кон запад, по патека што води низ нискостеблест предел до Острика (812 м), а потоа навлегува во густа букова шума, до изворот Невестинец (1.373 м), и преку Милевичка Река (1.572 м) излегува на срт и Корунов Сек (1.700 м).

– Продолжуваме кон југ по сртот кон Кале (2.112 м), највисокиот врв на сртот Јалоарник, Кале, Иванов Врв. На патеката моментално има два активни извори на вода. Враќањето е по истата патека. Посета на музејот-печатница во селото Горно Врановци е предвидена на крајот на акцијата. Акцијата е од средно тешка до тешка, во зависност од кондициската подготвеност за долги тури. Бројот на учесниците е ограничен поради должината на патеката – посочува организаторот на турата и планински водич Ирена Диков.

Должина на патеката изнесува 21 км, со висинска разлика: 1600 м. и трае околу девет часа.

– Само ве покануваме да присуствувате на планинарската акција која ја организираме заедно со другарите од редакцијата на „Нова Македонија“. И ве потсетуваме дека имаме само една држава, Македонија. И никој нема да ја дочува ако ние, македонските граѓани не делуваме, како знаеме и умееме – подвлекува Диков.

Фото: Сања Јачевска/Турата има тенденција да стане традиционална