Фото: Игор Бансколиев

Денот на независноста Македонија го пречекува соочена со внатрешни и надворешни неостварени стремежи

И по три децении не се прележани детските болести, кои веќе преминаа во хроничен облик и сè посилно го нагризуваат општественото ткиво. Македонија никогаш не била поподелена и понефункционална држава. Институциите се целосно разорени и девастирани, не постои владеење на правото, корупцијата цвета каде и да се сврти човек, образованието и здравството се во тотален колапс, економијата очајнички се бори да опстои во услови што се далеку од поволни за нормално функционирање, па затоа граѓаните повеќе немаат никакви дилеми и во сè поголем број ја напуштаат државата

Македонија одбележува 32 години независност, но како никогаш досега земјата не била исправена пред толку сериозни предизвици, од чие решавање зависи во која насока ќе се движи, дали кон изградба на силна, унитарна и демократска држава или, пак, ќе зачекори во насока што ја диктира некој однадвор, што ќе значи правење нови отстапки, исполнување туѓи уцени, продлабочување на внатрешниот општествен конфликт, што само ја влече земјата надолу кон амбисот.
По 32 години, Македонија веќе требаше да биде созреана како држава, со функционални институции, во која ќе владееше правото, каде што ќе се создаваа високообразовани кадри што ќе придонесуваат за својата земја, каде што здравствениот систем ќе функционираше како под конец, корупцијата ќе беше сведена на прифатливо ниско ниво, а економијата ќе беше главниот мотор што ќе ја движи државата напред.

Наместо тоа, се случува обратното. И по три децении не се прележани детските болести, кои веќе преминаа во хроничен облик и сè посилно го нагризуваат општественото ткиво. Македонија никогаш не била поподелена и понефункционална држава. Институциите се целосно разорени и девастирани, не постои владеење на правото, корупцијата цвета каде и да се сврти човек, образованието и здравството се во тотален колапс, економијата очајнички се бори да опстои во услови што се далеку од поволни за нормално функционирање, па затоа граѓаните повеќе немаат никакви дилеми и во сè поголем број ја напуштаат државата. Тоа го покажа неодамнешниот почеток на учебната година, кога во училиштата во кои порано имало по четири-пет паралелки првачиња со по повеќе од 30 деца, сега одвај има по две паралелки со по 15 деца. Причините не се во малиот природен прираст, иако и тоа има влијание, туку многу повеќе во апатијата што ги зафати граѓаните, кои гледајќи како три децении се урнисува државата, веќе изгубија секаква надеж дека нешто ќе се смени на подобро. Затоа и си заминуваат. Во ваква лоша средина, впрочем, се губи и секаква желба за поголем природен прираст, оти на децата треба да им се обезбеди сигурна иднина, а не билет за неизвесност и сиромаштија.

Рецептот за градење успешна држава е едноставен, проблем е волјата за такво нешто

Сепак, откажувањето никогаш не било опција кај македонските граѓани, колку и да изгледале нерешливо проблемите. Доволно е само да се потсетиме на акциите на нашите преродбеници, револуционери, борци, поети, кои сонувале за самостојна македонска држава дури и тогаш кога биле свесни дека тоа е илузија. Ги одржувала вербата дека „еден ден ќе биде“ и тој ден дојде на 8 септември 1991 година. Сега е крајно време овие генерации да се навратат на заветите на своите предци, кои немале самостојна Македонија, но дејствувале како да ја имаат.

Тоа треба да биде ѕвезда водилка за нашите политичари, кои како да подзаборавија по кој пат да ја водат државата. Курсот отсекогаш бил Европа, не од вчера, не од пред 30 години, туку од пред 100 и повеќе години. Сите ја гледале Македонија како дел од Европа, но горда, исправена и достоинствена, рамноправна со сите.

Затоа и сега, кога земјава е исправена пред предизвикот наречен „уставни измени“, за да се откочи нејзиниот европски пат, потребно е постигнување единство како никогаш досега, со јасна порака дека Македонија нема намера да се откаже од Европа и дека ќе чекори во таа насока исполнувајќи ги сите критериуми што веќе одамна се утврдени во Копенхаген и кои значат владеење на правото, демократија, функционални институции, борба со корупцијата…

Сè друго е сеење магла и создавање подлабок општествен раздор, бидејќи нови уцени и притисоци не се дел од европските вредности, а уште помалку критериуми за нечиј прием. Македонија е европски, ако не и светски лидер по грижата за правата на малцинствата и тие права ги уживаат сите, без оглед дали биле споменати во преамбулата или не. Во оваа држава со години живееле и Хрвати, и Црногорци, Египќани, Евреи, Украинци, Ерменци и уште многу други, сите уживајќи ги највисоките малцински права, без оглед што не се споменати во Уставот. Таков е случајот и со Бугарите. Да не беше агресивната и етноцидна политика од страна на Софија кон македонскиот народ во изминатиот период, веројатно и атмосферата меѓу двете земји и двата народа ќе беше многу попријателска. Ако немаше уцени, притисоци, закани, туку соработка, разбирање, помагање, тогаш и уставните измени ќе поминеа како најобична точка на собранискиот дневен ред, без никаква посебна помпа, тензии, притисоци.

Она што вистински недостига не се Бугарите во Уставот, туку враќање на ликот на македонската држава од пред 32 години, како држава на македонскиот народ и сите други. Некој намерно го брише тоа сите овие децении, со крајна цел и Македонија да не постои, заедно со македонскиот народ, со јазикот, со историјата, културата…
Но оваа држава преживеала многу потешки премрежиња, ќе го преживее и ова. За да ја биде, потребно е да се ослободи од масовната институционална партизација, да го спречи мешањето на политиката во судството, да изгради модерен образовен систем и здравство што ќе биде во функција на граѓаните, а не во функција на поединци што се богатат на сметка на дебелите тендери за набавка на опрема и лекови што не секогаш стигнуваат до оние на кои им се најпотребни. Корупцијата треба да се искорени на секое ниво. Потребна е стимулација на економијата, поточно ако државата веќе не може да ѝ помогне, да не ја оптоварува со нови даноци само да го наполни државниот буџет што некој недомаќински упорно и упорно го празни. Пензионерите мора да имаат достоинствени примања, оние што се социјални случаи да бидат соодветно згрижени и помогнати со тенденција што повеќе да се намалува потребата за социјална помош, да се гради инфраструктура што ќе придонесува за поздрава животна средина за да не растат бројките на починати лица од загаден воздух, да се обезбеди енергетска независност за да може државата да им понуди на граѓаните и на економијата поевтини енергенти, но и да ги стопира нереалните покачувања на цените за да не се оптоварува животниот стандард. Тоа е рецептот во кратки црти како Македонија да стане попристојно место за живеење.

Само чесни луѓе со знаење, морал и чувство на одговорност можат да ја вратат Македонија на вистинскиот курс

Повеќето соговорници со кои разговаравме околу нивните погледи на перспективите на земјава во контекст на тридецениската зрелост се едногласни дека ако работите не се променат од корен внатре во државата, тогаш таа и натаму ќе биде само обичен извршител на командите што доаѓаат однадвор и кои не се на линија на заштита на македонските национални интереси.
– Сè додека не се појави вистински македонски лидер што ќе се грижи за интересите на државата и на нејзините граѓани, не гледам иднина. Да бидам искрен, сè додека не профункционира правната држава, ние немаме иднина – вели Синиша Пекевски, аналитичар.

Според него, никој не треба да има илузии дека на Македонија ќе ѝ цветаат рози доколку не му се стави крај на децениското лошо раководење и ако не се направи департизација на државата и нејзините институции.
– Ние одбележуваме 32 години партиска територија, а не државност, бидејќи тоа го немаме. Амбасадори и странски политичари ни одлучуваат за сè, постојат територии во кои не владее право, корупција има на секое ниво. Вака како што стојат работите сега, колку и да не сакам да биде така, сепак очекувам брз банкрот што ќе води кон неминовно пропаѓање и уште поголема сиромаштија. Не очекувам ништо добро, туку уште побрзо и подлабоко пропаѓање – констатира Пекевски.

За пратеничката во првиот собраниски состав Ѓулистана Марковска нема никаква дилема дека Македонија ќе ја биде, но дека за да се случи тоа, мора да ја предводат луѓе што знаат и умеат.
– Во моментов сите граѓани се чувствуваат очајно и без надеж поради лошата економија, високата корупција, ароганцијата на политичките водства (сите по ред), лошата кадровска и негативна селекција, едноставно кажано нефункционирањето на сите лостови на државата и немањето вредносен и морален код, така што општиот впечаток е дека немаме држава. Не е така, ние имаме држава што е лошо водена со години и децении. Потребна е нова свежа сила, која вклучува храбри, учени, толерантни луѓе што сакаат да направат нешто и да им се оддолжат на државата и луѓето што гинеле во нејзино име. Кажано со денешен жаргон, потребен е целосен сериозен ресет. Ако не се случи тоа, само Господ нека ја чува Македонија – посочува Марковска.

И другите соговорници го делат нивното мислење, целосно разочарани од она во што се претвори Македонија по славеничкиот изблик и енергијата од пред 32 години.
– Тогаш народот веруваше во политичарите, веруваше дека Македонија ќе стане убаво место за живеење. Три децении подоцна, народот е апатичен, не верува во политичарите оти виде дека само тие живеат добро, но едноставно повеќе нема енергија повторно да почнува отпочеток за некој повторно да се дограби до функција и да се богати врз грбот на граѓаните. Ниту Македонија не е повеќе иста, веќе и никој не знае дали е тоа истата држава од пред 30 години. Сепак, не смееме да се помириме со фактот дека ја губиме државата, туку да стиснеме заби и да возвратиме со реформи, ама вистински. Да ги искористиме луѓето што знаат, да ги истиснеме партиските намесници надвор од институциите и да овозможиме развој. Ова е последна шанса да се спаси нешто, оти како што тргнале работите, ќе загубиме важен датум од македонската историја. Сè потоа нема да биде важно – констатираат нашите соговорници.