Тргнува првиот воз од Скопје за Куманово. Ќе се патува 41 минута, а возот ќе сообраќа двапати дневно.
Во одредени делови од денот, возот ќе сообраќа и до Бељаковце, а кога ќе биде завршена пругата, и до Крива Паланка.
– Во 16:30 часот ќе тргне првиот воз од Скопје за Куманово. Возот ќе сообраќа двапати дневно, наутро во 6:30 ќе тргнува од Куманово, а во 16:30 ќе се враќа назад и обратно. Ќе има четири возови дневно кои ќе оперираат за 41 минута што е навистина брзо – изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски по денешната посета на „Железници Транспорт”.
Николовски соопшти дека амбицијата на Владата е во следниот период да пушти возови до Тетово, Гостивар, Штип и Кочани, како и да ја врати целосно линијата до Кичево.
Како што изјави Николовски по денешната посета на „Железници Транспорт”, во земјава се активни пет возови за патнички сообраќај, пет локомотиви за товарен сообраќај и четири локомотиви кои се изнајмени.
– Од нула возови и локомотиви минатиот јули, сега имаме вкупно 14 на македонските пруги. Кога бевме избрани во јули лани Македонија немаше железница, немаше оперативни возови и локомотиви. По само шест месеци резултатите се гледаат. Депото низ кое прошетавме денеска во јули минатата година беше запуштено, во него не влегуваше никој, имаше темна слика, а денес вредни луѓе ги одржуваат и поправаат возовите. Споредено со четвриот квартал во 2023 година, четвртиот квартал во 2024 година во делот на товарот има зголемување за 75 проценти. Тоа е срцето на „Македонски железници – Транспорт“ зашто најголем дел од приходите доаѓат токму преку карго сообраќајот, а исто така во делот на патничкиот сообраќај, споредено, пак, трет квартал 2023 со трет квартал 2024 година, има зголемување за 36 отсто. Тоа се огромни бројки и огромни разлики – рече Николовски.