Фото: Горан Анастасовски

Доц. д-р Снежана Ивиќ-Колевска, микробиолог

Во училиштата и градинките децата често си ја пренесуваат бактеријата стрептокок пиогенес, а оваа бактерија, вели доц.д-р Снежана Ивиќ-Колевска, микробиолог во „Ре-медика“, најчесто се изолира и од земените брисеви од грло. Исплашени родители често инсистираат да се земаат брисеви на цел колектив во градинка или во училиште. Д-р Ивиќ-Колевска објаснува колку е ова оправдано, во кои случаи е опасна бактеријата, кој сè мора да пие антибиотик и колку долго, како и дали е оправдан стравот од неа

Кои се најчестите бактерии кои се откриваат во лабораторија, а се поврзани со респираторни заболувања кај децата?
-Респираторните инфекции, предизвикани со вируси и бактерии, се голем проблем кај сите возрасти, посебно кај децата. За жал, оваа година, после корона-пандемијата и симнувањето на заштитните маски, многу чести беа респираторните инфекции предизвикани со бактерии. На почетокот на оваа учебна година многу школски деца, посебно помалите, беа со класична клиничка слика на бактериски инфекции. Многу често во нашата микробиолошка лабораторија се соочувавме со позитивни наоди на брис од грло и брис од нос. Во брис од грло најчесто изолирана бактерија беше бета хемолитичен стрептокок и тоа стрептокок пиогенес група А. Не секогаш, но оваа бактерија знае да предизвика сериозни проблеми кај деца, поврзани со промени на зглобовите, бубрезите и срцето, доколку не се лекува. Со навремено јавување на доктор, брза и прецизна дијагностика, како и рационална употреба на антибиотици, компликациите предизвикувани од оваа бактерија се многу ретки. Многу е важно бактеријата да биде докажана и да се употреби соодветен антибиотик, доволно долго за да не се предизвика нечувствителност на бактериите.
Друга бактерија која е исто така честа во детска популација, која се изолирана од брис од нос е бранхамела или мораксела катаралис. Оваа бактерија, како и претходната, е честа кај деца во градинки и школски установи.

Главната препорака е до родителите да не ги испраќаат болните деца во школо или градинка со сируп во ранецот, туку да го остават детето дома за да се излекува. Секое недолекувано дете е извор на повторна инфекција бидејќи се работи за намален имунитет и подолго задржување на бактеријата кај ова дете

И според матични педијатри и родители, во училиштата и градинките децата често си пренесуваат стрепрокок пиогенес. Дали инфекцијата, болеста, која е предизвикана од оваа бакретија секогаш мора да се лекува со антибиотик?
-Како што веќе кажав овој период и во нашата микробиолошка лабораторија почесто беше изолирана стрептокок пиогенес во брисеви од грло кај деца од училишните установи и градинки.
Доколку клиничка слика (висока температура, болно грло, солзни очи, главоболка, малаксаност, болки во зглобовите) е во корелација со наодот на стрептокок пиогенес, неопходна е примена на антибиотик и тоа чист пеницилински препарат за кој се смета дека оваа бактерија е чувствителна 10 дена. Веќе по првите дози од дадениот антибиотик се забележува подобрување кај болниот. Детето станува поактивно, почнува да јаде, температурата е во граници на нормалата, нема болки во зглобовите.

Дали детето треба да прима антибиотик доколку со брис е потврдена оваа бактерија, а тоа нема симптоми на болест?
-Доколку во брисот е потврдено присуство на оваа бактерија, а детето нема симптоми на болеста, треба да се проверат и други параметри, како на пример количина на присутната бактерија во грло (многу; чиста култура; средно или незначително). Секогаш треба да се води детален разговор со родителите за здравствената состојба на детето, за тоа дали е често болно, дали има некои хронични заболувања, кога последен пат било болно со исти симптоми, дали во опкружувањето на детето има некој болен со исти или слични симптоми, да се направи крвна слика, антистрептолизински тест. И доколку сè биде во граници на нормала треба да се следи детето и да се повтори брисот од грло и антистрептолизински тест по две недели. Се случува некои деца да бидат носители на стрепток пиогенес во криптите на тонзилите подолго време, а да не реагираат со никакви симптоми. Меѓутоа, доколку дојде до пад на имунитетот кај овие деца е можна појава и на симптомите кои ги предизвикува оваа бактерија.

Дали е оправдано да се тестираат за стрептокок или други респираторни причинители, сите деца во даден колектив, и оние со симптоми и без, и врз основа на резултатите сите да се лекуваат со антибиотик, без разлика на тоа дали имаат или не симптоми на акутна болест?
-Ова е често поставувано прашање на родителите кога ќе се појави дете со стрептокок пиогенес во грло во одделение, клас или во група од градинка. За колективно тестирање истовремено со лекување нема оправдани здравстени причини. Тоа може да се изведува во епидемиолошки цели, меѓутоа ова не е целосен гарант дека ќе се спречи масовно ширење на инфекција. Секако, главната препорака е до родителите да не ги испраќаат болните деца во школо или градинка со сируп во ранецот, туку да го остават детето дома за да се излекува. Секое недолекувано дете е извор на повторна инфекција бидејќи се работи за намален имунитет и подолго задржување на бактеријата кај ова дете.

Фото: Горан Анастасовски

Дали стравот од стрепрококот е оправдан?
-Не секогаш. Доколу се работи за здраво дете, без хронично заболување, со нормални тонзили (структура, големина) не е страшно во тек на годината да има 2 до 3 инфекции, меѓутоа не повеќе. Кај деца кои имаат проблеми со срце, бубрези, отечени и зголемени тонзили се јавуваат почести инфекции (6 до 7 пати во годината) и кај нив е потребен подетален третман.

Дали децата кои не се болни и се асимптоматски, а се покажале позитивни на брис за стрептокок група А, се преностители?
-Токму овие деца се најчестиот и најтивкиот извор на инфекција кон другите деца во колективот. Прашање кое се наметнува и е логично – што со овие деца? Дали треба да се отстранат од колективот? Потребна е добра соработка со родителите на овие деца, при што треба да се објасни дека нивните деца се клицоносители на стрептокок и да се консултираат со лекар педијатар и постапат по неговите препораки. Педијатарот ќе одлучи дали ваквото дете треба да се лекува со антибиотик или не. Секој родител во оваа ситуација може да помогне на своето дете, семејството и околината така што ќе дава на детето природен антибиотик (како прополис, доколку детето не е алергично на истиот) во вид на капки во грло или прочистување на грлото со хипертоничен солен раствор повеќе пати во текот на денот после јадење.
Треба да се напомене, дека секој контакт не е со ист ризик за пренесување на бактерија од едно лице на друго. Зависи од близина на контакт, должина на траење, дали во тек на контактот имало присутво на флигеови капки, колку лицата од околината се со нарушен имунитет (лица со хронични болести, стари лица, лица со малигни заболувања се поочувствителни од здрави, млади лица).