Фото: МВР

Компаниите од здравствениот сектор, членки на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ), бараат транспарентна истрага и нулта толеранција за евентуални нелегални медицински практики.

Во соопштение, тие најостро ги осудуваат сите наводи за вршење недозволени медицински третмани и употреба на нелегални препарати, посочувајќи дека ваквите дејствија, доколку се потврдат, претставуваат сериозна закана за здравјето на пациентите и директно ја нарушуваат довербата во здравствениот систем.

– Ваквите постапки се спротивни на медицинската етика и претставуваат грубо поткопување на професионалните стандарди – наведуваат од ССКМ.

Компаниите апелираат до надлежните институции да постапуваат транспарентно, одговорно и во согласност со законите, со цел утврдување на сите факти и преземање соодветни мерки.

Воедно, тие нагласуваат дека мора да се почитува и принципот на презумпција на невиност, сè до официјално утврдување на евентуалната одговорност.

– Остануваме цврсто посветени на заштитата на пациентите и на унапредување на професионалните стандарди, со јасна определба за нулта толеранција кон злоупотребите во здравството – се додава во соопштението.

Од ССКМ истакнуваат дека е потребен засилен надзор и системски мерки за превенција, со цел вакви случаи да не се повторат во иднина, а јавноста да биде навремено и точно информирана за текот на постапките.