Претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова денеска остварила средба со регионалниот директор на Агенцијата на Обединетите нации за бегалци за Европа, Филип Леклерк и присуствувала на одбележувањето на 30 годишнината од воспоставување на дипломатски односи со УНХЦР.
На средбата, соопштија од Кабинетот на Сиљановска Давкова, таа упатила честитки по повод јубилејот, порачувајќи дека УНХЦР имаше клучна улога во заштитата и поддршката на бегалците, азилантите и лицата без документи и идентитет.
Како потврда за заслугите и улогата на УНХЦР, претседателката ја посочила наградата „Олимписки ловор“, од колевката на мирот, олимпиското движење, која годинава на свеченото отворање на Олимписките игри во Париз ја доби високиот комесар за бегалци на Обединетите нации, Филипо Гранди од Меѓународниот олимписки комитет.
– Во разговорот со Леклерк, таа изрази благодарност до УНХЦР за тридецениската соработка со македонските власти во областа на унапредувањето на човековите права, заштитата на бегалците, како и градењето инклузивно општество и ја истакна подготвеноста за натамошно јакнење на партнерството и учеството во регионалните и глобалните хуманитарни иницијативи. Претседателката е горда што беше дел од пратничкиот состав што ги донесе измените на соодветните закони, со чија примена се реши статусот на повеќе стотици лица без документи и идентитет, главно бегалци и неслучајно доби посебно признание од г. Филипо Гранди за пионерската улога во заштитата на бегалците – се вели во соопштението.
Во рамки на одбележувањето на јубилејот, била одржана дискусија за минатите искуства на УНХЦР и Владата во однос на бегалците и беше поставена изложбата „Црни и бели животи“.