Отворениот ден на полицијата се одбележува во рамки на одбележување на Денот на полицијата – 7 Мај, при што беше изложена опрема, вклучувајќи и дел од специјалните возила и хеликоптер
Ова раководство на МВР секогаш ќе биде во служба на граѓаните, демонстрирајќи дека севкупната безбедност претставува врвен приоритет, истакна денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на Отворениот ден на полицијата со граѓаните што се одржа во големиот градски парк во Струмица.
Отворениот ден на полицијата се одбележува во рамки на одбележување на Денот на полицијата – 7 Мај, при што беше изложена опрема, вклучувајќи и дел од специјалните возила и хеликоптер. На настанот министерот Спасовски присуствуваше заедно со градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов и граѓаните.
-Ќе се согласите со мене дека е невозможно да дискутираме за партнерство меѓу граѓаните и полицијата, без тоа партнерство да го промовираме на терен. Целта е нашите граѓани одблиску да се запознаат со работењето на полициските служби, нивните задачи, униформи, опрема, со сето она што значи индикатор на успех на нашиот план за континуирано материјално-техничко опремување и унапредување на капацитетите на полицијата-изјави министерот Спасовски.
Тој се осврна и на сработеното во изминатиот период во насока на остварување на приоритетот – задоволна полиција за безбедни граѓани.
-Ваквото малку поразлично чествување на Денот на македонската полиција претставува и одлична можност за едно порелаксирано дружење на нашите граѓани со припадниците од сите организациски единици на полицијата, кое покрај забавниот има и едукативен карактер во врска со полициската професија, а во интерес на сите генерации. Ова раководство на МВР секогаш ќе биде во служба на граѓаните, демонстрирајќи дека севкупната безбедност претставува врвен приоритет-додаде министерот Спасовски.
Тој информираше и за дополнителното покачување на платата за 5 отсто за сите вработени во МВР, почнувајќи од септември годинава, како и продолжување на активностите за создавањето подобри услови за работа преку реновирање на објектите на ОВР Берово, ОВР Делчево, ЕВР Гази Баба и ОВР Свети Николе. Преку капитални инвестиции во текот на 2022 година во тек е реконструкција на два витални објекти-Одделението за управни работи во Скопје и Центарот за обука во Идризово, како и една целосно нова градба – полициска станица во Аеродром.
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов истакна дека Општината има одлична соработка со СВР Струмица и таа и понатаму ќе се унапредува.
Освен во Струмица вакви настани се организираа во Велес, Крива Паланка, Струга и Крушево, каде присуствуваа членови на најтесното раководство на МВР.