Фото: Пекселс

Спорадични случаи на заразени со коксаки се појавуваат од време на време во градинките, а лекарите велат да не се крева паника, зашто децата лесно ги поминуваат овие вируси

Информација за дете заразено со коксаки ги исплашило родителите во градинка во скопската општина Аеродром. Иако градинката направила дезинфекција, сега, како што велат родителите се чека да не се појави друг случај. Спорадични случаи на заразени со коксаки се појавуваат од време на време во градинките, а лекарите велат да не се крева паника, зашто децата лесно ги поминуваат овие вируси.

– За градинка во општина Аеродром уште немаме пријава. Коксаки пред месец и половина имаше кај неколку деца во градинка во Центар. Кога ќе се пријави за случај потврден со матичен ние ги прегледуваме сите присутни деца, а потоа се прави дезинфекција на објектот и на се во него, значи и на играчките, постелата. Градинката може и сама да организира дезинфекција, а може уште да не е пријавен зашто е еден случај и се чека. Коксаки се јавува спорадично, не траба да се крева паника, но децата кои што се болни мора да се изолираат. Кај децата обично поминува со лесна клиничка слика, со осип на раце, нозе и околу уста, а може да покачат и температура – вели д-р Љуљзиме Бајрами, раководител на одделение за епидемиологија во скопскиот Центар за јавно здравје.

Што е коксаки?

Коксаки вирусите, објаснуваат лекарите, се дел од фамилијата на ентеровируси (каде што припаѓаат и полио и хепатит А) кои живеат во дигестивниот систем на човекот.
Вирусот може да се шири од човек на човек, најчесто преку нечисти раце и површини контаминирани со измет и може да живее и до неколку дена. Во повеќето случаи инфекциите со коксаки предизвикуваат благи симптоми слични на грип и може да поминат без третман. Но, постојат и случаи каде што може да предизвикаат сериозни инфекции.

Фото: Принтскрин

Колку се заразни?

Коксаки вирусните инфекции се многу заразни. Може да се шират и преку капки течност испрскани во воздухот кога некој кива или кашла. Мајките може да им ја пренесат инфекцијата на своите новороденчиња за време или веднаш по раѓањето.
Луѓето се најзаразни првата недела, кога се болни. Во постудените предели, епидемиите најчесто се случуваат во лето и во есен, но тропските делови од светот ги имаат во текот на целата година.

Како се третираат?

Во зависност од видот на инфекцијата и симптомите, лекарот може да препише лекови за детето да се чувствува поудобно. Антибиотиците дејствуваат само против бактерии, па не се користат за борба против инфекција со коксаки вирусот.
Повеќето деца со едноставна инфекција со коксаки вирусот целосно закрепнуваат по неколку дена без да им треба медицински третман. Дете што има треска без никакви други симптоми треба да се одмора во кревет или да си игра тивко во затворен простор.

Колку долго траат инфекциите?

Децата што имаат само треска може да видат дека нивната температура се враќа во нормала во рок од 24 часа, иако просечната треска трае 3 дена. Болеста на рацете, стапалата и устата обично трае 2 или 3 дена. Доколку се јави вирусен менингитис може да потрае од 3 до 7 дена.

Кога на лекар?

Лекарите советуваат да се побара лекарска помош ако детето има некој од овие симптоми: температура повисока од 38 степени Целзиусови за доенчиња помали од 6 месеци и повисока од 38,8 за постари деца; слаб апетит; проблеми со хранењето; повраќање; дијареја; отежнато дишење; конвулзии; невообичаена поспаност; болка во градите или стомакот; рани на кожата или во внатрешноста на устата; силна болка во грлото; силна главоболка, особено со повраќање, конфузија или невообичаена поспаност; вкочанетост на вратот; црвени, отечени и насолзени очи; болка во еден или двата тестиси.

Вирусот може да предизвика и болест на рацете, нозете и устата, инфекција која ги зафаќа белките на очите, вирусен менингитис, инфекција на менингите (мембрани кои го опкружуваат мозокот и ‘рбетниот мозок), енцефалитис и миокардитис, но тие случаи се ретки.

Н.Б.З.