Наместо двајцата родители, како што беше досега, сега за остварување на правото на парична помош за новороденчиња е доволно само едниот родител да има лична карта со постојано живеалиште во Општина Центар, како што информира градоначалникот на општината Горан Герасимовски.
Според него, оваа одлука за измена на Правилникот за постапка за остварување право на парична помош за новороденче во висина од 7.000 денари, која беше усвоена на последната, 18-та седница на Советот на Општина Центар, значително ќе им ја олесни процедурата за добивање парична помош на родителите.
Во измените се додава и правото за остварување парична помош за новороденче и за самохраните родители. Услов за остварување на паричната помош е самохраниот родител да е со постојана адреса на живеење на територијата на Општина Центар.
На овој начин не само што им се помага семејствата со принова туку Општината добива и евиденција за новородените деца на нејзина територија.
Нови директори на фирми што ги раководи градот
По завршување на мандатот за кој беа назначени в.д. директорите на ЈП „Водовод и канализација“, МКЦ и зоолошката градина, Град Скопје назначи нови директори со значително работно и раководно искуство.
За нов директор на ЈП „Водовод и канализација“ е назначен Драган Илиевски, кој е машински инженер со повеќе од 20 години работно искуство. Досегашниот директор Марјанчо Митовски, кој на позицијата беше назначен од редот на вработените, продолжува со ангажман како секторски директор на претпријатието.
Нов директор на зоолошката градина е Зоран Попов, кој доаѓа од редот на вработените. Попов е економист со 20 годишно работно искуство.
Младинскиот културен центар доби в.д. директор Никола Алексов.
Косана Мазнева е назначена со нов мандат и продолжува да ја извршува функцијата директор на јавното претпријатие „Комунална хигиена“.
Реконструирани спортските игралишта во парк-шумата Гази Баба
По налог на Град Скопје, јавното претпријатие „Улици и патишта“ целосно ги реконструира спортските игралишта во парк-шумата Гази Баба.
Игралиштата за фудбал, ракомет и кошарка се реконструирани првпат по неколку децении, а партерно се уредува и зазеленува и теренот околу игралиштата.
Истовремено, екипи на „Комунална хигиена“ – Скопје, со екипи на ЈП „Улици и патишта“, во заедничка акција подигнаа големи количества отпад и шут од парк-шумата Гази Баба, а инспекторатот на Град Скопје активно дејствува во општината за санкционирање на загадувачите.
Граѓаните што живеат на овој дел од градот Скопје добиваат уште едно катче за спорт и рекреација.