Средба на градоначалникот со бизнис-заедницата

Општина Кисела Вода

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, одржа средба со стопанствениците од општината. Како што истакна тој, бизнис-заедницата е една од најважните алки во напредокот на локалната заедница, бидејќи „ги детерминира одржливоста и перспективата на локалниот економски развој, кој, пак, е клучен во унапредувањето на стандардот на нашите жители“.
Притоа, тој нагласи дека Општина Кисела Вода веќе цела година промовира нови политики на дејствување што се во насока на подобрување на деловната клима и дијалогот помеѓу бизнис-заедницата и локалната самоуправа е значаен дел од тој процес.
– Добрата деловна клима е предуслов за креирање достоинствени и квалитетни работни места, за поттикнување на иновативноста и зголемување на продуктивноста. Оттука, значењето на добрата комуникација помеѓу локалната самоуправа и претприемаштвото, како сектор, добива уште поголема важност. На средбите како денешната ќе разменуваме мислења и идеи од кои, се надевам, ќе произлезат предлози за подобрување на најразличните мерки во областите што се од интерес на бизнис-заедницата. Сево ова низ призмата на тековните предизвици и објективните состојби поврзани со деловната клима. Ние како општина во годинава зад нас промовиравме нови политики на дејствување, преку транспарентна работа, доследно и прецизно почитување на законите и нула толеранција за корупција и криминално дејствување – рече Ѓорѓиевски.
Притоа тој го истакна своето длабоко уверување дека и во наредниот период ќе го задржат истиот курс на работа, во интерес на заедницата.
– Создаваме деловно опкружување во кое ќе се воспостави поголем степен на доверба во институциите на системот, креираме конкурентно опкружување што го дополнуваме со намалување на административните бариери, со скратување на времето на административните процедури, што најмногу ќе се почувствува по целосната дигитализација на Општината, чија имплементација веќе ја почнавме. Паралелно, деловната клима во Кисела Вода ја унапредуваме и преку зголемена соработка со вас, како бизнис-заедница што преку своите деловни активности во практика ги согледува добрите страни и евентуалните пропусти. Наедно, сметам дека постоењето на комуникација помеѓу бизнис-секторот претставува извор на нови перспективи, размена на работни стратегии и креативни идеи што на секоја компанија можат многу да ѝ помогнат во нејзиниот професионален развој. Сево ова може, треба и мора да биде заеднички интерес и цел – истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.