Хронични тешкотии со нефункционалноста на дел од градската атмосферска канализација
За жал, колку надлежните од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ и да ги чистат сливниците и воопшто да ги одржуваат протечноста и чистотата на одводите на атмосферската канализација, граѓаните сепак продолжуваат со неконтролирано фрлање ѓубре и разни отпадоци, со што ја затнуваат атмосферската канализација. И наместо да се собира и дренира дождовната вода, таа се излева на сообраќајниците, тротоарите, улиците…
Променливото време, поројните и интензивни врнежи од дожд, според Управата за хидрометеоролошки работи, се карактеристика и на овој променлив јуни, како и претходно во низа години на подрачјето на Скопје. Големото количество вода што наврнува за кратко време ја полни атмосферската канализација, а потоа се разлева по улиците. Честопати, еден од најголемите проблеми за надлежните и за жителите на метрополата се токму шахтите и сливниците, кои се затнуваат со отпадоци. И наместо да се дренира надојдената вода од поројните врнежи, сливниците и шахтите, поради тоа што се затнати од фрленото ѓубре во нив, се излеваат и ги поплавуваат сообраќајниците.
ЧИСТЕЊЕ НА СЛИВНИЦИТЕ И ШАХТИТЕ
Не е првпат надлежните од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ да излезат на терен за да ги чистат сливниците и воопшто атмосферската канализација, за истите тие успешно да ја реализираат функцијата за која се создадени – а тоа е апсорпција на дождовната вода низ градските улици.
За жал, колку тие и да ги чистат, граѓаните сепак продолжуваат со неконтролирано и неодговорно фрлање ѓубре и разни отпадоци, со што ја затнуваат атмосферската канализација, па таа наместо да ја собира дождовната вода, ја исфрла назад и таа се излева на сообраќајниците.
Бидејќи променливото време беше најавено од страна на УХМР, од водоводното претпријатие навреме започнаа со акција за расчистување на атмосферската канализација на територијата на Скопје.
– Врз основа на временската прогноза за наредните денови, за кога се предвидуваат врнежи од дожд, спроведовме акција за расчистување на сливниците и шахтите, со цел непречена функционалност на атмосферската канализација во сите општини на градот Скопје – информираа од водоводното претпријатие.
Оттаму додаваат дека екипите на ЈП „Водовод и канализација“ ќе ги продолжат активностите за расчистување на сливниците и шахтите, следејќи ја состојбата со временските услови, со цел непречено функционирање на атмосферската канализација на територијата на градот Скопје.
АТМОСФЕРСКАТА КАНАЛИЗАЦИЈА КАКО ДЕПОНИЈА ЗА СМЕТ
Речиси постојано, еден од најголемите проблеми за надлежните се фрлените крпи, ќесиња, па и кабаст отпад во атмосферската и канализациска мрежа, со што таа се затнува и не ја реализира функцијата за која е наменета.
Граѓаните велат дека постојано се сведоци на несовесни соседи што фрлаат секакви отпадоци во атмосферската канализација.
– Во зимскиот период можеби и не толку, но, во овој период, кога се прават разни сокови од овошје, се набавуваат дрва за огрев, ѓубрето од нив константно завршува во атмосферската канализација. Буквално, си ја отвораат решетката и истураат сѐ и сешто во неа. Лушпи од овошја, лушпи од исцепените дрва, крпи, догорчиња се само мал дел од отпадоците што завршуваат тука. Во есенскиот период, пак, најголем проблем се паднатите лисја од дрвјата, кои, наместо да ги изметат со метла, тие со црево директно ги туркаат во атмосферската канализација. Речиси секогаш, тие што ја затнуваат се и најгласни во обвинувањата до надлежните. Факт е дека надлежните не можат да дежураат и да ги чистат бидејќи таквото однесување на некои граѓани речиси е постојано. Мора и за ова да се изнајде некое решение, дали во форма на санкционирање на оние што ги полнат атмосферските канализации или, пак, ќе се изнајде некое друго решение, меѓутоа мора да се стави крај на ваквото однесување на граѓаните – ни изјави Михајло Доневски, додека ја следеше работата на луѓето задолжени за нормално функционирање на водоводната и канализациската мрежа во градот.
За жал, надлежните изминатиот период во многу наврати апелираа до граѓаните да не фрлаат отпадоци во атмосферската и канализациска мрежа, бидејќи со тоа директно си прават штета себеси и на претпријатието. Ваквите апели не дадоа плод, граѓаните продолжуваат со своите лоши навики. Очигледно, уште долго ќе треба да се работи на промена на свеста, бидејќи сите се нервираме, коментираме и се лутиме кога ни се преплавени улиците, а малку внимаваме како се однесуваме на истите тие улици.