Минатата година во период од само три месеци беа расчистени 150 диви депонии

За „производството на големи количества отпад“, но и нашиот несоодветен однос кон него, сме пишувале во повеќе наврати, правејќи сеопфатни анализи, а изминативе неколку дена особено се фокусиравме на излетничките места што се актуелни периодов, кога загадувањето на воздухот е секојдневие, а граѓаните минуваат поголем дел од денот таму. Но токму годишниот извештај за работата на ЈП „Комунална
хигиена“ мерливо го покажува вистинскиот однос на скопјани кон ова прашање

Според последните податоци од спроведениот попис во земјава во 2021 година, бројот на жители на Скопје изнесува 526.502, а бројот на домаќинства изнесува 171.171. Во споредба со пописот од 2002 година, бројот на жители на метрополата пораснал за 3,9 проценти, додека бројот на домаќинства за 16,8 проценти. Со порастот на бројот на жители на Скопје расте и бројката на отпад што се произведува секојдневно, како резултат на живеењето во метрополата. Сето тоа значи зголемен обем на работа на надлежните комунални служби задолжени за водоснабдувањето, преземањето на отпадот и неговото складирање, како и чистењето на улиците и градските површини.

Скопје дневно „произведува“ 444 тони отпад

Половина милион жители на Скопје произвеле 161.960 тони отпад минатата година, или на дневна основа произведувале 444 тони отпад. Екипите од ЈП „Комунална хигиена“ собирале ѓубре од пет илјади надземни, подземни и полуподземни контејнери, седум пати неделно, во три смени, а дополнително двапати неделно собирале ѓубре и од 70 илјади индивидуални домаќинства што имаат сопствени канти за отпадоци.
Сите овие податоци од годишниот извештај за работата на претпријатието покажуваат дека скопјани произведуваат доста големи количества отпад.
За ова прашање – производството на големи количества отпад, но и нашиот несоодветен однос кон него, сме пишувале во повеќе наврати, правејќи сеопфатни анализи, а изминативе неколку дена особено се фокусиравме на излетничките места што се актуелни периодов, кога загадувањето на воздухот е секојдневие, а граѓаните минуваат поголем дел од денот таму.
Дополнително, во нашите текстови е детектиран и вандализмот врз садовите за отпад. Сведоци сме на континуирано оштетување на контејнерите, кршење и палење на кантите за отпадоци поставени насекаде низ градот. Можеби еден од најсериозните проблеми што се евидентирани е нивното палење, како што беа запалени во неколку наврати контејнерите на Бит-пазар. Надлежните се принудени да поставуваат нови, бидејќи тие честопати се сериозно оштетени или целосно изгорени.

Се чистат диви депонии, но ефикасни превентивни и репресивни мерки – нема

Посебен проблем се дивите депонии што ги создаваме секојдневно во градот и во неговата околина, кои стануваат сериозен проблем за вработените во комуналното претпријатие. И овој проблем е опфатен во годишниот извештај на комуналното претпријатие. Според презентираните податоци, скопјани, покрај тоа што секојдневно произведувале големи количества отпад што завршуваат во садовите за отпад, создале и голем број диви депонии лоцирани речиси во сите скопски општини, од каде што комуналците собрале вкупно 10.498 кубни метри отпад.
За сериозноста на овој проблем зборува податокот дека само во рамките на акциите за генерално чистење на скопските општини, во организација на Град Скопје, кои се одвиваа во периодот од 21 март до 28 мај 2022 година, беа расчистени диви депонии приближно на 150 локации. Во текот на овие акции беа поставени и специјални садови, каде што граѓаните имаа можност да го остават својот кабаст отпад, кој беше подигнат и транспортиран од страна на екипите на претпријатието.
И покрај тоа што фрлањето ѓубре на места каде што не е дозволено е наше секојдневие, а сторителите се затекнувани на самото место, екипите на „Комунална хигиена“ не санкционирале ниту едно физичко и правно лице. Наместо санкции, на прекршителите на Законот за јавна чистота им биле подготвени 578 едукативни записници, со кои загадувачите би требало да се едуцираат за правилното фрлање на отпадот.
– Апелираме до жителите на нашиот град, преку правилно фрлање на отпадот и примена на примарната селекција, и самите да придонесат за реализацијата на нашата визија за поубаво, поздраво и почисто Скопје – вели в.д. директорката на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, Косана Николиќ Мазнева.

[email protected]