Вкупно 166.678 тони комунален отпад биле собрани минатата година, покажува извештајот од работата на јавното претпријатие „Комунална хигиена“-Скопје (ЈПКХС).
Како што информираат од претпријатието, количеството на подигнат комунален отпад лани во однос на 2020 година е зголемено за 8.202 тони отпад, или за 5,18 проценти.
Во текот на минатата година, на подрачјето на градот Скопје, екипите на „Комунална хигиена“ отстраниле околу 11 илјади кубни метри отпад од диви депонии, создадени како резултат на несовесно фрлање на отпадот од страна на поединци и правни субјекти.
– Количеството отпад што ЈПКХС го отстранува од јавните површини секоја година сè повеќе се зголемува, така што во текот на 2020 година беа расчистени околу 9.000 кубни метри, во 2019 година беа расчистени 8.721 кубен метар, во 2018 година 5.144 кубни метри, додека во 2017 година ЈПКХС отстрани само 835 кубни метри отпад од диви депонии.
Наедно, екипите на претпријатието во текот на 2021 година расчистија неколку обемни диви депонии лоцирани во општините Чаир, Кисела Вода и Сарај – информираат оттаму.
Во однос на акциите за собирање кабаст отпад на територијата на општините, оттаму информираат дека биле подигнати 650 кубни метри мебел и отпад од електронски и електрични уреди, а најавуваат дека ваквите активности ќе продолжат и во иднина.
Лани вработените во претпријатието се соочиле и со намерно палење на контејнерите, па, според евиденцијата, во 2021 година биле опожарени 32 сада за комунален отпад, по што тие биле заменети.
Во рамките на своите надлежности, комуналците можат да издадат и информативно-едукативни записници на граѓани што не го почитуваат Законот за јавна чистота. Па, така, според податоците, лани биле подготвени 1.359 вакви записници поради неправилно фрлање отпад. Како што информираат оттаму, по врачувањето на записниците, сторителите отстраниле вкупно 801 кубен метар отпад од јавните површини.