Фото: Игор Бансколиев

Испраќањето новогодишни честитки е сѐ помалку застапено кај граѓаните, па малку по малку оваа традиција веќе заминува во историјата. На сите им е полесно да го направат тоа автоматски, користејќи една иста матрица, или како што сега се нарекува тоа „темплејт“, без да вложат напор, со свои зборови, емоции, мечти и копнежи на своите сакани да им посакаат да им се остварат нивните желби…

Испраќањето печатени новогодишни честитки од година на година е сѐ поретко

Новогодишните честитки во минатото беа белег и неизоставен дел и декор на новогодишните празници. Оние мали картички на кои можеше да се испишат сите лични и длабоко субјективни желби што му ги посакуваме некому, со прекрасни илустрации на зимскиот новогодишен период, со снешковци и елки, светулки, снегулки, дедомразовци и елени, што им ги измамуваа насмевките на сите. За жал, ова е и остана едно преубаво сеќавање, кое буди носталгија во душата за едно поубаво и побезгрижно време.

СЀ ПОМАЛ БРОЈ НА ПЕЧАТЕНИ КАРТИЧКИ СО ЧЕСТИТКИ

Новогодишните честитки заминуваат во историјата, иако некои од граѓаните сѐ уште се обидуваат да ја задржат оваа традиција. Ако во минатото секој почеток на декември заминувавме со нашите родители на градскиот плоштад за да купиме новогодишни честитки за најблиските роднини и пријатели, сега сето тоа е заменето со анимирани пораки преку телефоните, честитки како фотографии, кои се испраќаат преку електронските адреси, па постојат дури и стикери што со една сликичка испраќаат позитивни желби за новата година.
Сега испраќањето на новогодишните честитки е многу малку застапено кај граѓаните, едноставно, оваа традиција веќе заминува во историјата. На сите им е полесно да го направат тоа автоматски, користејќи една иста матрица („темплејт“), без да вложат напор со свој ум да размислат и да напишат поединечна честитка за секој што им е близок и го познаваат.
Дека тоа е така потврдуваат и од „Македонски пошти“, од каде што велат дека новогодишните честитки повеќе не се испраќаат како порано, иако тие како компанија ги имаат во својата понуда.
– Има, се испраќаат, но не е како порано. Ние како компанија оваа година се потрудивме да ја испочитуваме оваа традиција и испративме честитки и на нашите соработници им понудивме новогодишни честитки – изјави Јани Макрадули, директор на „Македонски пошти“.
Тој додаде дека кај граѓаните оваа практика е многу мала.
– Има случаи на испраќање новогодишни честитки од страна на граѓаните, но сепак тоа се мал број. Повеќе не се испраќаат честитки како порано, минатите години имаше повеќе – истакна тој.

РАДОСТ ЗА СИТЕ

Оние граѓани што сѐ уште ѝ се лојални на традицијата и на она чувство на возбуда кога поштарот ќе донесе честитка во плик, велат дека токму радоста кај најмладите е причина за тоа што сѐ уште испраќаат честитки.
– Во мојата фамилија има многу мали деца, кои, за жал, никогаш нема да ја почувствуваат новогодишната магија како што ние го чувствувавме тоа. За жал, денес се живее во многу поинакво време, време на технологија, време кога сѐ се прави набрзина и колку за да се испочитува редот. Таква Нова година ние никогаш не прославуваме. Кај нас порано поштарот секојдневно доаѓаше и носеше честитки, ние возбудени едвај чекавме да прочитаме кој ни ги испратил, што ни посакал… сега лесно е, ќе седнеш на компјутер или на телефон и ќе испратиш честитка на секој контакт од телефонот, но не е исто чувството. Не е иста магијата, не е во тој дух како порано – вели Викторија Колевска.
Децата што добиле честитка и кои испраќаат велат дека се премногу среќни кога ќе им пристигне новогодишна честитка.
– Се договоривме со другарчињата од маалото да си испратиме новогодишни честитки. Многу е интересно кога на пликот го читаш твоето име, а не знаеш што ти е испратено и кој ти го испратил тоа. Возбудливо е и многу интересно. Сите од маалото си испративме, а честитките ги чувам за да ги имам како спомен – вели Марија Трпковска.
На честитките не се радуваат само децата туку и постарите, онаа постара категорија граѓани што живеела во време кога честитките биле најголема мода.
– Внуците мои секоја година ми испраќаат честитки. Сакаат да ме израдуваат и да направат да се чувствувам посебно. И секоја година успеваат во тоа. Сите честитки ги чувам на новогодишната елка и со нив ја украсувам – вели Верица Димовска.