Фото: Пиксабеј

Кога температурите на воздухот паѓаат под нула степени, релативно често се случува замрзнување на водата во цевките, па граѓаните се обидуваат на секакви начини да го спречат тоа. Традиционално, некој остава чешма да тече, за водата да се движи и да нема време да замрзне. Други, пак, го прават тоа на поскап начин, вклучувајќи разни топлински уреди кон ѕидовите каде што минуваат цевките за да избегнат замрзнување. Сепак, граѓаните секоја година пријавуваат вакви проблеми, вклучувајќи и предупредувања преку нашиот медиум до другите граѓани за да превенираат и да не се соочат со ваков проблем…

МИНУСНИТЕ ТЕМПЕРАТУРИ ГО ЗАГРОЗУВААТ ДОТОКОТ НА ВОДА ЗА ОНИЕ ШТО ЖИВЕАТ ВО КУЌИ

Периодов што измина имаше доста ниски температури, а допрва, според метеоролозите, ни доаѓа зимата со температури под нулата. Тоа, секако, веќе и можеше да се почувствува изминатите денови, бидејќи мраз имаше и на возилата, но и на улиците во утринските часови, кога всушност е и најладно. Можеби Скопје не виде снег, но далеку од тоа дека мраз не почувствувавме. А и зимата уште не е завршена, па студен бран веќе се најавува од следниот викенд. Речиси секогаш кога температурите се во минус, многумина се соочуваат со замрзнување на цевките, поради што имаат доста сериозен проблем со водоснабдувањето во зимските студени месеци, бидејќи кога цевките ќе замрзнат, се прекинува водоснабдувањето.

РАЗНИ НАЧИНИ ЗА ОДМРЗНУВАЊЕ НА ЦЕВКИТЕ

Метеоролозите најавуваат уште еден студен бран, кој треба да пристигне викендов што доаѓа, а граѓаните што живеат во куќи од почетокот на минусните температури веќе почнаа да се опремуваат со разни препарати со чија помош ги одмрзнуваат водоводните цевки.
Кога температурите на воздухот паѓаат под нула степени, релативно често се случува замрзнување на водата во цевките, па граѓаните се обидуваат на секакви начини да го спречат тоа. Традиционално, некој остава чешма да тече, за водата да се движи и да нема време да замрзне. Други, пак, го прават тоа на поскап начин, вклучувајќи разни топлински уреди кон ѕидовите каде што минуваат цевките за да избегнат замрзнување.
– Иако досега температурите беа релативно издржливи, сепак имаше доста студени утра, кога температурите паѓаа и под – 5 степени. Тоа ми е доста голем проблем, бидејќи цевките за вода морав да ги оставам надворешно, затоа што имав голем дефект пред неколку години. Токму тоа ме натера и преку вашиот весник јавно да предупредам до другите граѓани, бидејќи почувствував граѓанска обврска за моите сограѓани што живеат во постари куќи да си го решат проблемот. Тоа е и најголем проблем во зимскиот период бидејќи редовно на минусни температури ми замрзнува водата. Од тие причини, оставаме една чешма малку вклучена, за од неа постојано да капе вода, за да спречиме водата во неа да замрзне – вели Анета Стојановска, жителка на Радишани.
Таа додава и дека во неколку наврати била принудена да вклучува греалка за да ја одмрзне водата, а сега поисплатливо ѝ е да ја остави водата да капе, бидејќи струјата е екстремно скапа, особено со вакво грејно тело.

ОСТАВАЊЕТО ЧЕШМА Е МИТ

Јавното претпријатие „Водовод и канализација“-Скопје речиси секогаш ги информира граѓаните навремено да се подготват за временските услови што доаѓаат во главниот град. Па, така, во секое годишно време тие излегуваат со апели и препораки за тоа како граѓаните да го заштитат водниот ресурс и да не се соочуваат со проблеми.
Исто така оттаму редовно препорачуваат начини за заштита на водоводниот систем во зимскиот период кога температурите паѓаат под нулата.
Експертите велат дека од клучно значење е сопствениците да ја заштитат водоводната мрежа од замрзнување (со изолациски материјал) или да извршат комплетно исклучување на незаштитената водоводна мрежа.
Според нив, оставањето на чешмата да капе воопшто не е ефикасен метод, напротив, само ја зголемува потрошувачката и не ја спречува водата да замрзне.
– Важно е да се напомене дека практиката за оставање на водата да капе не влијае на спречување на замрзнувањето, туку само на зголемена потрошувачка на вода, со што всушност корисниците предизвикуваат финансиски удар на сопствениот буџет (поради ненаменски потрошено количество вода) и, секако, дополнителен трошок за ЈП „Водовод и канализација“-Скопје за зголемена испорака на вода за пиење – велат познавачите на оваа проблематика.
Сепак, доколку некому му се случи хаварија во вакви случаи, замрзнување или пукање на водоводна цевка поради минусните температури, водоводното претпријатие нема ингеренции да ургира.
Врз основа на Законот за снабдување со вода за пиење и одведување урбани
отпадни води, членот 14, ЈП „Водовод и канализација“-Скопје нема ингеренции за одржување на индивидуалните водоводни мрежи во домовите на корисниците, па оттука следува дека и случаите со замрзнување и штетите што може да настанат како резултат на тоа се одговорност на сопствениците.

[email protected]