Граѓаните на општината Карпош преку мобилна апликација (за Андроид и за ИОС-корисници) ќе може да комуницираат со локалната самоуправа, да пријавуваат проблеми, но и да споделуваат свои идеи и предлози од областа на заштитата на животната средина, инфраструктурата и други локални проблематики.
Општината Карпош во соработка со центарот за социјални иновации „Блинк 42 – 21“ потпиша меморандум за соработка за проектот „Вклучена младина за м – партиципација“. Проектот овозможува конструктивно вклучување на младите, но и на сите граѓани, карпошани во сопствената заедница, во согласност со современите трендови и алатки што ги нуди технологијата.
Во оваа можност градоначалникот на општината Карпош, Стефан Богоев, посочи дека со овој проект значително ќе се олесни комуникацијата меѓу локалната власт и граѓаните.
– Ќе добиеме уште еден канал за комуникација каде што граѓаните ќе може да пријавуваат проблеми од локално значење, но и да даваат свои предлози, иницијативи, со што на директен начин ќе придонесеме за зголемување на интерактивноста и на отвореноста на општината – изјави Богоев.
Претставниците од „Блинк 42 – 21“ исто така го истакнаа своето задоволство од овој проект, кој е поддржан и од страна на УСАИД. Тие се насочија на работата на овој Центар за социјални иновации, кој развивa програми и модели за зајакнување на младите и на граѓаните, промовира активна партиципација и индивидуална одговорност за идната благосостојба на целото општество.