Училиштето „Христијан Тодоровски-Карпош“ аплицира до Министерството за животна средина и просторно планирање со сопствен проект „Училиштето е место за поттик на младите за позитивни промени и унапредување на животната средина“. Проектот опфаќа целосна обнова на училишниот двор на површина од над илјада квадратни метри, во чии рамки ќе „никне“ и стаклена градина, а целата површина ќе биде хортикултурно збогатена со соодветни содржини за поголема функционалност на овој простор.
– Станува збор за образовна, истражувачка, развојна студиска програма и изготвен проект, кој треба ја разбуди свеста на учениците за важноста на заштитата и унапредувањето на животната средина, уште од најрана возраст. Според потпишаниот договор со надлежното министерство, сите активности поврзани со овој проект треба да се реализираат до идната пролет. Поточно, се очекува во март в година основците да добијат одлично осмислен надворешен простор, во чии рамки ќе можат креативно да се изразуваат – информираат од Општина Карпош.

Директорката на училиштето м-р Мирјана Алексова истакна дека проектот е инициран, но и изработен од родители на ученици што учат во училиштето.
– Имавме и презентација на проектот пред градоначалникот Стефан Богоев, кој исто така ни даде огромна поддршка. Министерството ни додели 200 илјади денари за реализација на овој иновативен проект, но финансиска поддршка ќе добиеме и од Општина Карпош – вели директорката на училиштето.
Освен овој „проект на иднината“, пред започнувањето на новата учебна година, во ова училиште се одвиваат тековни молеро-фарбарски работи, при што беа бојадисани кабинетот за техничко образование, ликовна култура и центарот за космологија. Исто така, ќе биде саниран и дел од покривот на училиштето, а ќе се изврши целосна санација на подот на една училница.