Фото: Дарко Андоновски

Обраќање на градоначалникот Велимир Смилевски по повод една година од стапувањето на функцијата

Почитувани,
Изминува првата година од мојот мандат и ред е да направам отчет за сработеното.
Општината Бутел во изминатава година реализира повеќе од 50 проекти, манифестации или настани од значење за нејзините граѓани. Се разбира, во оваа пригода ќе се осврнам само на позначајните.

Градежните активности беа забележителни на десетина улици во општината. Темелно се реконструирани улиците: 3 (со три нејзини крака, во вкупна должина од 800 метри), Душко Поповиќ, две улици во Радишани, една во Љуботенски Пат и други.
За потребите на граѓаните во тек е изградбата на шест пешачки патеки, поточно три се веќе готови, со вкупна вредност од 4.300.000 денари.

Значајно е да ја обележиме соработката со градот Скопје и да нотираме дека ја пуштивме во употреба новата делница на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош (прва фаза). Го почнавме проширувањето на булеварот Босна и Херцеговина, на потегот од булеварот Словенија до крстосницата со Кемал Сејфула. Исто така, започна изградбата на атмосферската канализација на улицата Александар Урдаревски, на потегот од кружниот тек до семафорот (прва фаза), па до Бутелска (втора фаза).
Грижата за најмладите е континуирана. Сите седум основни училишта подготвено ја дочекаа новата учебна 2017/2018 година. Истото тоа важи и за градинките, со тоа што во две од нив имавме поголеми градежни зафати. Станува збор за седиштето на ЈУ детска градинка „11 Октомври“ и клонот „Ташко Караџа“ во Радишани, во кој темелно беше реновиран одделот за јасли.

За нормално и безбедно функционирање на општината Бутел во ноќните часови, поставени се неколку десетици нови електрични столбови и канделабри на повеќе локации. Обновени се светилките во дворовите на сите основни училишта и градинки. Континуирано се одржува постојното улично осветлување на целата територија на општината.

Во текот на изминатата година, покрај тековното одржување, почнавме и две есенски и една пролетна акција за темелно чистење на општината. Се уште е актуелна долгорочната акција за собирање електронски отпад.
Одржани се повеќе културни манифестации како: ликовната колонија „Љубанци 2018“, етноизложбата „Цветници“, ликовната изложба на над 50 дела од ликовните колонии одржани во претходните три години „Љубанци 2015/16/17“, Есенскиот базар, Љубанскиот карневал, првиот фестивал на лубеницата „Љуботен 2018“ и други.
Исто така, одржавме и голем број настани со кои одбележивме значајни датуми, како што се: Светскиот ден на мирот, роденденот на поетот и револуционер Никола Јонков-Вапцаров, Европската недела на спортот, Првата детска олимпијада, а одбележивме и еден поинаков 8 Март, со кој ја нагласивме вистинската грижа за жените. Имено, во рамките на проектот беа направени неколку стотини превентивни прегледи на жените од општината: тумор-маркери, преглед на гради, проверка на шеќер и маснотии во крвта и друго.

Треба да се обележи и проектот со кој се вработија 14 лични асистенти што ќе се грижат за децата со посебни потреби во основните училишта во општината Бутел.
На крајот, направивме колку што можевме во првата измината година од моето стапување на функцијата градоначалник на општината Бутел. Сето она што не стигнавме да го направиме во првата, ќе го реализираме во втората година од мојот мандат.