Иако популистичките влади беа дополнително критикувани поради лошото менаџирање на пандемијата на ковид-19, сепак, почнува да се јавува нова варијанта на истата политика. Антиваксерите и другите теоретичари на заговор пронаоѓаат заеднички јазик со гласачите што се загрижени за последиците од климатските политики

Повеќето „геополитички“ закани што ги исполнуваат насловните страници во западните медиуми во денешно време произлегуваат од Кина, Русија, Иран и така натаму, но другите потекнуваат од светските водечки демократии. Меѓу нив се усвојувањето на авторитаризмот на Трамп во американската Републиканска партија што ја уништува демократијата во земјата и можноста дека новите неочекувани варијанти на популизмот ќе се рашират низ целиот свет. Една нова варијанта на популизмот може да вклучува противење на скапите зелени политики и вакцинацијата против ковид-19, што е поттикнато од комбинацијата на вистинска загриженост за проблемите што го засегаат џебот на граѓаните и сите луди теории на заговор што се шират на Интернет.
Антизелениот популизам има особено големи шанси да процвета во економиите од Централна и Источна Европа што се зависни од фосилни горива, како одговор на новата стратегија на Европската Унија (ЕУ) за намалување на стакленичките гасови за 55 отсто до 2030 година. На пример, Полска генерира 70 отсто од својата енергија од јаглен и добива дополнителни резерви преку гасовод од Русија. Јагленот го има во изобилство во јужна Полска, каде што се користи како гориво во огромните електроцентрали што ѝ обезбедуваат на индустријата евтина струја. Ако треба да се исполнат целите за емисија на штетни гасови во ЕУ, Полска ќе треба да се декарбонизира значително повеќе и побрзо од кој било друг. Владата неодамна постави амбициозна цел да го намали уделот на јаглен во енергетскиот состав на земјата од 70 на 11 отсто до 2040 година, што ќе има огромни последици за рударството, каде што се вработени околу 100.000 здружени во синдикати и политички влијателни работници. Покрај тоа, Полска нема услови за воведување обновливи извори на енергија. Затоа, таа го сврти погледот кон „решенија“ како нуклеарна енергија и „Балтичкиот гасовод“, кој е субвенциониран од Европската комисија, во износ од 215 милиони евра, за увоз на гас од Норвешка преку Данска.

Сепак, оваа популистичка закана не важи само за Централна и Источна Европа. Противењето на климатските акции исто толку лесно може да се прошири и во докажаните демократии во Европа. Всушност, Франција накратко беше епицентарот на невообичаените протести на „жолтите елеци“, кои започнаа во 2018 година. Лутите граѓани што зависат од автомобилскиот превоз на крајот го принудија претседателот Емануел Макрон да се откаже од повисокиот данок за дизел-гориво. Тие беа во право, затоа што инфраструктурата за поскапите електрични возила едноставно не постои во Франција или на кое било друго место. Во поново време се чини дека значителен дел од оваа група им се придружи на милитантните антиваксери (многумина од нив од крајната десница), кои пропагираат сè и сешто на Интернет. Луѓето се изморија од авторитаризмот, корупцијата и поделеноста за време на пандемијата, која беше погрешно менаџирана особено од популистичките влади.
Противењето на вакцинацијата е старо колку и самата инокулација. Ваквите движења честопати се базираа на спој од фундаменталистичкото христијанство и сомнежот дека современата држава бесправно ги користи моќите со воведување задолжителна вакцинација за доенчиња или деца што тргнуваат на училиште. Во денешно време, секое пребарување на вакцини преку Интернет веднаш открива непропорционален број на антиваксерски портали, како и тврдења дека забраната за влез на невакцинирани млади во ноќните клубови е слично како испраќање на Евреите во Аушвиц. Секој непријател на ЕУ е стандардно нивниот најдобар пријател. Во Италија мнозинството граѓани ја поддржуваат владината иницијатива за „зелен ковид-пасош“, но лидерката на ултрадесничарското движење „Браќа на Италија“, Џорџа Мелони, е гласна противничка.

Во татковината на Луј Пастер, таквите активисти особено се гласни против владините правила за вакцинациски пасош, кој ги исклучува невакцинираните од концерти, кина, музеи, базени, театри и ресторани каде што има над 50 лица. Може да настанат повеќе проблеми доколку медицинските сестри (од кои само 50-58 отсто се вакцинирани) се спречат да работат додека не добијат две дози или ако железничарите приговараат за воведување на правилото за влез во локалните и патничките возови само со вакцинациски пасош. Флоријан Филипот, поранешната десна рака на Марин Ле Пен, лидерката на партијата за Национално обединување, беше многу гласен на најголемиот од многуте протести против вакцините во јули. Бројот на учесниците во протестите постојано се зголемува, со тоа што имаше 200.000 присутни на првиот во август. Ова „движење“ цвета кај полуобразованите во малите градови, но во и поголемите, како Марсеј. Сепак, вреди да се нагласи дека 62 отсто од тивкото мнозинство во Франција поддржуваат вакцинациски пасоши, а 70 отсто сакаат сите вработени во болниците и домашната нега да бидат целосно вакцинирани. Веројатно тоа е причината зошто Макрон се држеше до своите ставови. Тој се надева дека рационалноста ќе преовладува и дека секое зголемување на економската активност ќе биде од корист за неговата кампања во 2022 година.

Сепак, може да се видат контурите на појавената политичка фузија помеѓу ирационалноста и прашањата што го засегаат џебот на обичниот граѓанин. Додека антиваксерите и антизелените ги здружуваат силите, секој број на заскитани популистички демагози може да формира слично такво движење. Тоа ја нагласува важноста на иницијативите на Обединетите нации, како што е тимот „Хејло“, кој ги собра научниците да ја истакнат важноста на вакцините, особено на платформите на социјалните медиуми.

Мајкл Барли е автор на најновата книга „Популизмот: пред и по пандемијата“ и соработник во Институтот за надворешна политика на Лондонската школа за економски и политички науки