Дека паркирањето е огромен проблем во метрополата сведочат и граѓаните / Фото: Игор Бансколиев

Градот Скопје и јавното претпријатие „Градски паркинг“ којзнае по кој пат апелираат до граѓаните да ги чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта. Надлежните дури и ги замолуваат сите корисници на услугите за паркирање навреме да го регулираат плаќањето за паркинг-услугата, за да не бидат санкционирани и да не им биде поставен блокатор на тркалото, информираат градските власти

ИЛЈАДА НЕПРОПИСНО ПАРКИРАНИ ВОЗИЛА САМО ЗА ЕДЕН МЕСЕЦ

Жителите на главниот град, но и оние што го посетуваат градот, се чини дека сѐ уште не ги знаат основните правила за паркирање на своите возила. Судејќи по статистичките податоци од неделните извештаи на градските власти што се однесуваат на подигнати возила од страна на градската пајак-служба, може да се заклучи дека во Скопје владее безредие при паркирање возила.
Од крајот на минатиот месец, поточно од 29 октомври до 25 ноември, од пајак-службата биле подигнати приближно илјада возила од јавните површини. Од сите тие, поточно од вкупно 990 подигнати возила од пајак-службата, бројката на подигнати непрописно паркирани возила на зонските паркиралишта изнесува 129 возила
Другите 861 возило се подигнати поради самоволието на возачите да паркираат каде што ќе посакаат. Возилата најчесто се подигаат по налог на сообраќајната полиција поради сторени прекршоци како паркирање на коловоз, на велосипедска патека, на пешачки премин, на тротоар, на зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци, како и по повик од трето лице.

Се чини дека возачите не сакаат да плаќаат за паркирање на своето возило, па доста е голем бројот и на оние што искористиле паркинг на зонските паркиралишта, а за тоа или не платиле или го пречекориле времето за кое веќе платиле. Нивната бројка дури е и поголема од онаа на непрописно паркираните низ градот и изнесува дури 1.426 возила.
Контролорите на зонските паркиралишта санкционираат поради нерегулирано паркирање, односно за неплатена паркинг-услуга.
И тука пајак-службата има полни раце работа, бидејќи најчесто оние возила што го пречекориле дозволеното време за паркирање завршуваат подигнати од пајак-службата.
– Град Скопје и јавното претпријатие „Градски паркинг“ апелираат до граѓаните да ги чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта. Апелираме сите корисници на услугите за паркирање навреме да го регулираат плаќањето за паркинг-услугата, за да не бидат санкционирани и да не им биде поставен блокатор на тркалото – информираат градските власти.

Дека паркирањето е огромен проблем во метрополата сведочат и граѓаните, кои велат дека некои возачи воопшто не внимаваат каде ќе паркираат сѐ додека не успеат да обезбедат паркинг за своето возило „скриен“ од очите на сообраќајната полиција, за што сме секојдневно сведоци од објавени фотографии на социјалните мрежи.
– За да завршат работа, редовно ги паркираат возилата на тротоари, во паркови, на велосипедски патеки, па и на коловозната лента до тротоарот. И тоа е така со години и ништо не може да се направи за да се смени. Ете, пајак-службата постојано работи, полицијата ја гледаме, казнува, но залудно. Или народов има премногу пари, па не му е грижа за тоа што ќе треба да плати повеќе од две илјади денари за да си го подигне возилото, плус и да плати казна што полицијата му ја напишала, или нешто друго е во прашање – вели Илија Трајковски.
Според Елена Драганова, на хаосот во паркирањето мора да му се стави крај, во интерес на сите граѓани, бидејќи возачите се однесуваат како сопственици на јавните површини.
– Блокираат пешачки зони, поради што мајки со бебиња во колички не можат да поминат. Узурпираат велосипедски патеки, па и велосипедистите се принудени да се движат на улица и покрај простор наменет за нив. Да не споменуваме блокирани сообраќајни ленти, паркови, детски игралишта и други јавни простори каде што не им е место на возилата. Ако по нешто сме најдобри, тоа дефинитивно е сообраќајната некултура. Затоа и сметам дека за правилата во сообраќајот треба да се учи уште во градинките, за кога децата ќе пораснат, да им биде срам да паркираат вака како што паркираме ние сега – вели таа.

[email protected]