Под мотото „Револуција без институционална револуција“, в среда, 29 мај, со почеток во 17:30 часот од Плоштад Македонија ќе се одржи 81. велосипедска Критична маса во Скопје, со која иницијативата „На точак“ и поддржувачите одбележуваат седум години од првиот ваков настан.

Овој слоган е одбран бидејќи ја рефлектира седумгодишната борба за подобри услови за сите кои возат велосипед, кои од ден на ден се побројни на улиците, но, за жал, и разочараноста од институциите кои не го следат истото темпо во однос на воведување промени, подобри закони, подобра инфраструктура и безбедност во сообраќајот.

-Седум години заедно возиме на скопските улици. Седум години пишуваме, критикуваме, предлагаме нови решенија, ги контактираме институциите- велат од иницијативата на „На точак“.

Критична маса во Скопје, па и во другите градови се профилираше како граѓански собир со јасни недвосмислени цели:

– Подобри инфраструктурни услови за возење точак како превоз за сите граѓани од сите генерации и способности (не само за највештите и спортистите);

– Создавање градови кои се велопријателски, каде при планирањето на улиците, велосипедскиот е барем еднакво важен како автомобилскиот сообраќај, градови каде може да се стигне на точак безбедно и удобно од која било до која било точка без прекин;

– Градовите да го постават здравјето, безбедноста во сообраќајот, заштитата на животната средина како приоритет во своите сообраќајни и други политики.

Во Скопје и во неколку други градови кај десетици, па стотиции, па илјадници граѓани се создаде доволно лична свест за да повикаме на институционална промена. Се создаде критична маса и промените започнаа, за жал, само во Скопје и многу скромно и споро.

Идеите кои ги презентираше „На точак“ низ 80 настани Критична маса, толку едноставни и логични, илјадници изјави и стотици дописи и состаноци со институции, иако не се ништо ново и револуционерно и се пракса на европско и светско ниво, се сè уште револуционерни за нашите институции. Тоа се гледа во новите сообраќајни проекти (автопатски широки ленти низ градови, со огромни радиуси за автомобили, а смешен простор за пешаци и велосипеди), тоа се гледа во изјавите и дефилеата кои институциите ги организираат каде мешаат спорт и транспорт, тоа се гледа во заглавените тротоари каде луѓето не можат да го остварат основното право на ДВИЖЕЊЕ, тоа се гледа во бројот на сообраќајни жртви, тоа се гледа во копирањето на популистичката мерка субвенции без реални промени на терен, тоа се гледа во правилниците за урбанистичко планирање непроменети од времето на автомобилскиот бум минатиот век…”, се вели во соопштението на организаторите.

Иницијативата ги издвојува најважните барања кои биле упатувани до институциите на кои е посветен овој седми роденден:

– Донесување правилник за проектирање велосипедска инфраструктура, кој е во процедура, но треба да се посвети поголемо внимание на неговото изготвување и да се донесе поскоро зашто во меѓувремето се проектираат супстандардни патеки, особено во другите градови.

– Владата да ги обврзе сите поголеми градови да донесат план за одржлива обилност и тие планови да бидат со реални мерки и обврски, а не само приказни.

– Изработка на стратегија за велосипедски сообраќај на ниво на држава, за градско, но и за меѓуградско поврзување. Таа би била целосно во насока на заложбите за чист воздух, но и за развој на одржливиот туризам.

– Комбиниран транспорт: Јавен превоз (особено железнички) каде ќе биде дозволено и поттикнувано превезувањето и комбинирањето со велосипеди. Сите нови возови и автобуси да имаат можност за превезување велосипед, а старите да се адаптираат.

– Поскоро донесување на планот за велосипедски сообраќај на Град Скопје и прифаќање на нашите забелешки.

– Имплементирање на современ автоматизиран систем за изнајмување велосипеди во Скопје, па и во другите поголеми градови.

– Паркингот за велосипеди да биде задолжителен за сите нови објекти. како што е задолжителен паркингот за автомобили. На едно место за автомобил собира 10 велосипеди, оваа обврска е смешно мала за инвеститорите, а ќе значи огромна практичност за жителите.

– Донесување на Визија нула по примерот на Шведска на национално ниво со цел намалување на бројот на жртви од сообраќај постепено до нула. Можно е!

– Спроведување патни диети на сите поголеми улици во Скопје и другите градови (стеснување на автомобилските ленти, некаде и намалување на бројот на автомобилски ленти, а воведување ленти за велосипеди, специјални ленти за јавен превоз, ослободување простор за повеќе зеленило)

– Физички мерки за смирување на сообраќајот на сите улици низ цела држава, најпрво во околината на училиштата и градинките, а потоа по сите станбени улици.

– Поврзување на Скопје по текот на Вардар по целата должина од двете страни од западниот до источниот крај на градот, ослободување на прекините од градежни активности, доградба на патеки онаму каде што е потребно, поврзување со краци со останатата мрежа, повеќе велосипедски возливи рампи, повеќе пешачко-велосипедски мостови. Кејот на Вардар треба да биде нашиот велосипедски автопат. А текот на Вардар низ Македонија треба да стане велосипедска магистрала север-југ и дел од европската Еуро-вело мрежа како дел од Рута 11.

– Од исклучителна важност е силна посветеност на полицијата во справување со проблемот со паркирање на пешачки и велосипедски површини. Јавниот простор им припаѓа на луѓето, а не на автомобилите. Поскоро воведување комунална полиција со цел попрактично решавање на овој проблем.

– Сообраќајните правила – теоријата и практичните вештини за возење велосипед да бидат задолжителен дел од наставната програма во основното образование. Во насока на ова, потребно е воведување велосипедски сообраќајни полигони (трајни или мобилни во рамки на училиштата и трајни на локации низ градовите). Одреден број часови во рамките на образованието во автошколите треба да биде посветено на односот кон ранливите учесници во сообраќајот, како и практично возење велосипед.

– Сите институции, сите станбени и комерцијални објекти, како и сите јавни простори да бидат направени пристапни за тркалата, на инвалидските, детските колички и велосипедите.

-Помина времето на апелирање да се зголеми свеста. Свеста ја има кај доволен број граѓани. Условите ги нема. Институциите имаат многу помоќни алатки во свои раце од тоа да повикуваат само на зголемена свест и на лична одговорност, кога грешките и недостатоците се и системски. Тие преку своите реални приоритети, правилници, планови, проекти, правила и нивно спроведување, како и преку инфраструктурни промени треба да создадат една нова свест и кај мнозинството- велат од иницијативата.

„На точак“ повикува сите кои возат велосипед или ги поддржуваат овие барања да се придружат 29 мај за заедно да ги упатат до одговорните, да направат роденденски протест со возење низ улиците и да се одбележи седумгодишната борба за достојни услови.