Градските власти велат дека редовно се санкционираат сите прекршители на Законот за јавна чистота / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во анкетата што ја направивме со стотина граѓани, од различни делови од градот, сите потврдија еден ист одговор дека дневно забележуваат повеќе од десетина свои сограѓани како на јавни места фрлаат догорчиња или ситен отпад, како ќесиња, хартии и др. Градските инспекциски служби, во случајов составени од нашите комунални инспектори и комуналните редари, редовно ги санкционираат сите прекршители на Законот за јавна чистота, информираат градските власти

Повеќе од две илјади казни за прекршителите на Законот за јавна чистота

Догорчиња, отпадоци од храна, ќесиња и пакувања од разни грисини и чипсови, пластични чашки и лажици од кафе можат да се забележат речиси насекаде низ главниот град. За ваквите отпадоци нема исклучок каде не може да се најдат на јавните места. Од улиците и булеварите на кои возачите безмилосно се ослободуваат од отпадоците, отворајќи го само прозорецот од возилото, преку тротоарите, пешачките патеки и плоштадите, до парковите и детските игралишта. Во анкетата што ја направивме со стотина граѓани, од различни делови од градот, сите потврдија еден ист одговор дека дневно забележуваат повеќе од десетина свои сограѓани како на јавни места фрлаат догорчиња или ситен отпад како ќесиња, хартии и др. И покрај напорите на градските власти, но и на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ за чистење на ѓубрето од пешачките зони, тротоарите и парковите и покрај поставените канти за отпадоци, некои од граѓаните постојано ѓубрето го фрлаат каде што ќе стигнат.

Родителите на помалите деца што играат во парковите мака мачат со нив, бидејќи тие задоволувајќи ја својата љубопитност земаат сѐ од земја, вклучувајќи ги и отпадоците.
Велат дека имаат проблем бидејќи децата им се мали и не можат да им објаснат дека не треба да земаат сѐ од земја, но боите и шаренилата на ќесињата ги привлекуваат, па тие постојано им ги земаат од рацете и ги фрлаат отпадоците во кантите за отпадоци.
– Имам мали деца на возраст од три и една и пол година. Поголемата ќерка почна да разбира дека не смее да зема со раце сѐ што ќе види на земја. Но со помалата водиме војна. Сѐ уште ништо не разбира, љубопитна е, сака секаде да пипне и да земе сѐ во раце. Сака да лапне сѐ во уста. И тоа е нормална фаза од развојот на децата, но не е нормално тоа што има отпадоци насекаде. Најинтересни ѝ се догорчињата, па постојано ѝ ги земам од рацете и постојано плаче. Веќе е стресно да се излезе со неа надвор, затоа што постојано нешто ѝ земам од рацете по што таа својот револт го изразува плачејќи. И покрај тоа што надлежните имаат поставено и канти за отпадоци, но и за догорчиња, сепак најлесно е да се фрли каде било – револтирано раскажува Ема Веселинска, жителка на Железара.

Вели дека кај нив има многубројни детски игралишта, но и многу деца. Често се случувало некое од децата да најде и жилети и да игра со нив.
– Децата не се виновни. Тие не знаат што е опасно, а што не е. Нам возрасните ни е обврска да ги научиме, но првенствено со своите примери. Ако ние фрламе ѓубре каде што ќе стигнеме, и тие по нашиот пример ќе го направат истото тоа.
Се чини дека и покрај тоа што низ градот патролираат градските инспектори и комунални редари, сепак, граѓаните воопшто не се оптоварени со фактот дека можат да заработат парична казна.
Градските власти велат дека редовно се санкционираат сите прекршители на Законот за јавна чистота.
– Градските инспекциски служби, во случајов составени од нашите комунални инспектори и комуналните редари, редовно ги санкционираат сите прекршители на Законот за јавна чистота – информираат градските власти.
Оттаму додаваат дека на граѓаните, кои ќе бидат забележани од комуналните инспектори и редари дека го прекршуваат законот, им се прават записници.
– Во согласност со Извештајот за работата на градскиот инспекторат на Град Скопје за 2019 година, комуналните инспектори имаат направено 988 записници за прекршителите на одредбите на овие закони, додека комуналните редари на Град Скопје имаат направено 1.602 записници, или тоа се вкупно 2.590 записници.

Сепак, треба да истакнеме дека ова се вкупни (генерални) податоци и истите тие се сите области и предмети, а не само за догорчиња (Закон за јавна чистота, член 14) – информираат градските власти.
Според членот 14 од Законот за јавна чистота, заради обезбедување на јавната чистота, на јавните површини е забрането да се фрлаат и оставаат хартија, догорчиња, мастики, амбалажи, земја и секој оној што ќе го прекрши законот ќе се санкционира со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност.

[email protected]