Фото: Маја Јаневска-Илиева

Лани доцнеше дезинсекцијата, а и годинава останува да се види

Претходната година не беше пријатна за жителите на Скопје поради големиот број комарци, за што реагираа граѓаните, кои го изразуваа својот гнев преку социјалните мрежи. Загрижените граѓани се прашуваат дали и оваа сезона ќе мораат сами да се справуваат со малите крвопијци.
Причина за намножувањето на комарците беше задоцнетата дезинсекција. Од градот Скопје тогаш велеа дека има проблеми за реализирање на тендерската постапка. А додека да се реализира и да се овозможи првата дезинсекција, комарците се намножија во толку голем број што подоцна спроведените дезинсекции не можеа да се справат со нив. Според искуствата од изминатите години, тендерската процедура започнува уште во март. Лани тендерската постапка беше со големо задоцнување, а откако се оствари имаше постојани откажувања во спроведување на дезинсекцијата.

Во една нормална држава и систем што работи за нејзините граѓани, ланското непријатно искуство со комарците не би требало да се дозволи повторно. Затоа граѓаните прашуваат каков план има градот за оваа година. Од таа причина доставивме прашања до градот Скопје дали е почнат процесот за тендерска постапка и каков е планот за оваа година, кога станува збор за дезинсекција и справување со комарците.

– Градот Скопје и оваа година, во рамките на своите надлежности, планира да спроведе дезинсекција, за што во буџетот на градот Скопје се предвидени 30 милиони денари. За таа цел, на 4.2.2019 година градот Скопје распиша јавна набавка за превентивна дезинсекција против возрасни форми на комарци и против ларви од комарци, на подрачјето на градот Скопје, во 2019 година, каде што се поднесуваа понуди до четвртокот (21.3.2019 година). Во моментов се врши евалуација на пристигнатите понуди, по што веднаш ќе се спроведе и е-аукција. Стандардно, прскањето против комарци се врши од земја и авионски, а предвидено е прскање против ларви на комарци и против возрасни комарци. Со јавната набавка е предвидено пет пати да се извршат авионска и дезинсекција од земја против возрасни форми од комарци во периодот мај-септември, како и трипати против ларви од комарци, започнувајќи од март-април – велат од градот Скопје.

Според информациите од градот Скопје, веќе е распишан конкурсот за јавни набавки и се пристигнати понуди. Овие изјави укажуваат дека процесот би требало да се одвива нормално, но останува да се види како ќе се одвива. Дезинсекцијата претставува збир од процеси со кои се сузбива ширењето на инсектите.

– Дезинсекцијата е важна и потребна затоа што се контролира популацијата и се спречува ширењето на заразните болести. Проблем е што често додека се уништуваат комарците, патем се уништуваат и други видови – вели биологот и ентомолог Кирил Арсовски.

За да се справат со комарците, кај нас најчесто се пристапува кон таканаречена ларвицидна дезинсекција, која е превентивен метод. Таа влијае на ларвичниот стадиум од процесот на животот на еден инсект, поточно во фаза на формирање на инсектот. Вообичаено прскањето со дезинсекциското средство се одвива земјено и воздушно.

– Главната цел на дезинсекцијата е намалување на штетните инсекти, како што се комарците, мувите и мушичките. Овие видови инсекти се штетни за човековото здравје заради пренесување одредени болести. Комарците ги пренесуваат автохтоната маларија и нилската треска – вели Лилјана Синадиновска-Андреевска, примариус доктор епидемиолог од Центарот за јавно здравје на Скопје.


Во претходната година тигрестиот комарец беше забележан во Дојран и Скопје

Според епидемиолозите, симптоми од убод од тигрест комарец се црвенило на кожата, оток, слабост, премаленост, главоболка, тегоби, покачена температура, но сепак и не мора да значи дека се работи за убод од овој вид комарец.
Азискиот комарец, исто така познат како шумски комарец или тигрест комарец, е инсект што живее во тропските и суптропските области на Југоисточна Азија. Меѓутоа, во изминатите неколку децении, овој вид се прошири во многу земји. Се карактеризира со бели ленти на нозете и телото, со што го добива епитетот тигрест комарец.
Епидемиолошки овој комарец е опасен затоа што пренесува многу вирусни патогени, меѓу кои западнонилска треска и вирусот на жолтата треска. Претходната година имаше вкупно 34 лица починати од западнонилска треска во Грција, а исто така тигрестиот комарец беше забележан во Македонија, но заболувања немаше. Според информациите на агенцијата, овој вид комарец првпат бил детектиран во 2016 година само во реонот на Богданци, а во 2018 година се проширил во Дојран и повеќе општини во Скопско.

[email protected]