Град Скопје ги демантира и отфрла наводите изнесени во денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ, каде од опозициската партија изнесоа тврдења дека ќе се рушат дел од објектите во рамки на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, а на тоа место ќе се развива бетонска џунгла.

„Сакаме да ја информираме јавноста дека станува збор за регулациски план, којшто е донесен одамна, а со истиот се предвидува пробивање на сервисна уличка за потребите на околните постоечки објекти. Истата е сервисна уличка, а не булевар како што манипулираат од ВМРО-ДПМНЕ, и истата може, но не мора да биде изградена во иднина“, се наведува во соопштението.

Од Град Скопје целосно ги демантираат, како што велат, и изнесените лаги дека во овој дел од градот ќе се градат згради, како и дека се планира уривање на некој од постоечките објекти од СЦ „Борис Трајковски“.

Во демантот се вклучи и општина Карпош, на чија територија се наоѓа СЦ „Борис Трајковски“ од каде нагласуваат дека улицата за која зборуваат од ВМРО-ДПМНЕ веќе постои во должина на картинг-патеката и истата единствено ќе се продолжи и ќе се поврзе со булеварот 8 Септември.

„Картинг-патеката, тениските терени, базенот или, пак, спортската сала воопшто нема да бидат засегнати од урбанистичкото решение“, тврдат од општината.

Од таму додаваат дека нацрт-деталниот урбанистички план за Градска четврт З 04, блок 5, воопшто не предвидува изградба на згради или објекти за домување во овој дел и сметаат дека повиците на ВМРО-ДПМНЕ за масовно присуство на јавната презентација се само јалов обид за собирање политички поени.