Тешки кражби на паркингот имало и на денот на отворањето на шаховскиот турнир и во деновите потоа Фото: Игор Бансколиев

Додека внатре во хотелот, кој деновиве е домаќин на меѓународен шаховски турнир со претставници од целиот свет, шахистите тактички се надмудруваа во што помајсторски потези, надвор, на паркингот, криминалците ги надмудруваа сопствениците на паркираните автомобили, оштетувајќи возила со кршење на стаклата, ги отворале и им одзеле вредни предмети, лаптопи, бунди… На овој начин не само што се нарушува реномето на хотелот, туку се девалвира и угледот на целата држава

За неколку дена серија тешки последователни кражби пред хотелот „Континентал“

Познатиот скопски хотел „Континентал“ деновиве беше дом на шаховскиот турнир „Опен Скопје“, а на него учествуваа наши и претставници од Бугарија, Белгија, Србија, Русија и Албанија. И додека внатре во хотелот шахистите тактички се надмудруваа во изведување што помајсторски потези, надвор, на слободниот паркинг, криминалците ги надмудруваа сопствениците на паркираните автомобили. Оштетувајќи ги скапите возила, со кршење на стаклата ги отвориле и им одзеле вредни предмети. Според информации на нашиот весник, за неколку дена се случиле серија последователни кражби и биле украдени лаптопи, актовка со документи, бунда и други вредни предмети. Дури и на денот на отворањето на шаховскиот турнир, на 6 декември, кога присуствувале голем број високи гости и претставници од шаховската федерација, градоначалници, на паркингот им биле украдени вредни предмети на гости од хотелот. Во вторникот биле ограбени странски гости, кои во паника гласно реагирале дека за настанот ќе ја информираат турската амбасада. Гостинот останал без лаптоп, актовка со документи и без својата вредна бунда, па во зимски услови останал само во костум.
Од турската амбасада велат дека за овој настан пред хотелот „Континентал“ не добиле никакво известување, но додаваат дека многу често се случувало автомобилите на турски државјани да им бидат најпрво оштетени, а потоа и одземени вредни предмети од нив.

– Токму поради зачестените вакви настани и зголемениот број ограбени турски државјани, кои во голем број доаѓаат да ја посетат земјава, ние и официјално на 23 август годинава на веб-страницата на турската амбасада објавивме апел до сите наши државјани да внимаваат каде ги паркираат своите возила и да не оставаат вредни предмети во нив. Но за последниов настан немаме добиено пријава – ни рекоа од турската амбасада. 

Граѓанин, пак, кој тврди дека се нашол на местото на настанот кога полицијата вршела увид, лично ја видел реакцијата на ограбениот турски гостин.

– Во вторникот го однесов син ми на турнир во шах и на заминување пред хотелот се случуваше мешаница поради извршена тешка кражба во паркиран автомобил на бесплатниот паркинг пред хотелот. Полиција уредно си правеше записник, а странски гостин се жалеше дека автомобилот му е со искршени стакла и од него му се одземени неговата бунда и актовка полна со документи. Тој гласно зборуваше дека ќе се пожали во турската амбасада, бидејќи му е нанесена голема штета – раскажува овој скопјанец.

Од Министерството за внатрешни работи го потврдија настанот за извршената кражба, но за повеќе детали рекоа ќе мора да се почека.
– Ве информираме дека на 10.12.2019, во 22.30 часот, во СВР-Скопје, Т.К. од Република Турција, пријавил дека на булеварот Александар Македонски, на паркинг пред хотел, едно лице со тврд предмет скршило стакло од возило „фолксваген пасат“, со турски национални ознаки, и одзело лаптоп-компјутер и документи. Се преземаат мерки за расчистување на случајот – кратко ни одговорија од МВР.
Инаку, хотелот „Континентал“ е рангиран како хотел од втора категорија, со четири ѕвезди супериор. Во непосредна близина на паркингот има и видеонадзор, кој по правило треба да значи поголема безбедност на имотот на гостите, пред сѐ на нивните автомобили. Некои од присутните на немилиот настан искажале сомнеж дека веројатно на крадците некој им помага. Се прашувале како може да се случат вакви нешта ако има и обезбедување, зошто сторителите би се осмелиле да се вратат и повторно да оперираат на истото место во неколку наврати, ако не шуруваат со некого оттаму.


Паркингот е простор на хотелот

Од ЈП „Градски паркинг“ велат дека тие не управуваат со паркингот пред хотелот „Континентал“, а од хотелот, пак, ако прашате чиј е паркингот, велат тоа е нивен простор, кој гостите го користат за паркирање и ако дојдете како гостин може да го користите бесплатно. Но кога им го спомнавме настанот, вработен на рецепцијата ни рече дека на бесплатниот паркинг има табла на која е напишано предупредување „Не оставајте вредни предмети во автомобилите“. Иако побаравме објаснување во хотелот за овие случувања, никој од одговорните не исконтактира со нас. Предупредувањето на паркингот не го објаснува кршењето на вредните автомобили на гостите. Ако се знае дека паркингот е на нишан на крадци, тогаш се подразбира дека досега некој морал да преземе нешто за да ги заштити возилата и гостите од немилите настани, но и нивните автомобили како имот повреден од она што е украдено од нив. Серијата кражби на исто место се сосема доволен и предупредувачки сигнал за нешто да се преземе.