Фото: Игор Бансколиев

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за формирање работна група за Реализација на проектот „50 села, 50 приказни”.

Проектот има за цел интегриран рурален развој. Ги таргетира селата со потенцијал за агротуризам, рурален туризам, социо-економски развој, културно наследство. А, очекувањата од проектот се: зголемен број туристи; ревитализација на туристичката инфраструктура во руралните средини; зголемен број туристички инвестиции во руралните подрачја; промоција на алтернативни форми на туризам како: агротуризам, авантуристички туризам, гастротуризам, етно туризам, екотуризам, ловен туризам и слично; намалување на иселувања од овие рурални места.

Проектот, како што е објаснето од кај предлагачот, заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, има три развојни компоненти: фокус кон подобрување на јавната инфраструктура; економски развој преку подобрување на туристичкиот потенцијал во руралните средини, поддршка за локални производи и услуги, локални саеми и создавање повеќе работни места и развојот на човечкиот и социјалниот капитал, преку поддршка на рурални мрежи, граѓанското општество, обука на населението за локални водичи, заштитата на културното наследство, обичаите и традициите и руралното живеење.

Главната цел е заинтересираност за развој на туризмот во државата и привлекување македонски граѓани кои емигрирале во странство, да инвестираат во руралниот туризам во своите родни села и на тој начин намалување на иселувањето на младите и креирање зелени работни места.

Временска рамка на проектот е четири години, почнувајќи од оваа година, до 2026 година.