Излезе од печат публицистичкиот труд со наслов „Културата и традицијата на поречката заедница“ на Бојан Бежоски, книга која го опишува начинот на живеење на Поречаните во 21 век. Во неа се опфатени народните обичаи, песни, приказни, верувања, народната медицина, погребни ритуали и други записи, поткрепени со фотографии.

– Книга која е плод на моето седуммесечно теренско истражување на поречката заедница, за нејзината култура и традиција. Ако полскиот антрополог Јозеф Обрембски во неговите записи од 1932 година ни кажува како живееле Поречаните, мојата книга кажува како живеат Поречаните 90 години подоцна – вели младиот писател и поет Бежоски.

Тој ни го пренесе поречкиот обичај за празникот Еремија, кој се смета за еден од поголемите пролетни празници, а обичаите и верувањата поврзани со него се во функција на магиска заштита од змии, гуштери и други влекачи.

Уште од старо време на празникот Еремија му давале големо значење Поречаните. Се собирале деца, млади невести и ден пред Еремија правеле обиколка на синорот (границата) на селото носејќи ѕвонци, тепсии и чукајќи се со цел да ги избркаат змиите и поганите од нивното село. Тие пееле:

Бегај гаде бегај волче,
Ете ја Еремија со пушката ‘рѓосана,
Со сабја смаглосана, ќе те исече.
Бегај гаде, бегај волче
Вие в море ние в поле
Вие в осој, ние в присој.
Бегајте гуштери, змии, смолци и волци.
Ујааааа.

А потоа селаните ги дарувале со храна (јајца, брашно, млеко, месо и др.).

– Ја пренесов и традицијата за Макаевите и за многу други празници. Колку денови се посни од Богородичниот пост, толку денови се Макаеви. Пренесов и верувања, но и приказни кои Поречани ги пренесуваат од колено на колено – вели Бежоски.

Фото: Приватна архива