Прилепската гимназија „Мирче Ацев“ комплетно е реконструирана, надворешно и делумно внатрешно, за што се вложени скоро 500.000 евра, пари од државата. Комплетно, околу 6.000 метри квадратни е променета фасадата која е енергетски ефикасна. Освен тоа, целосно е сменета дограмата, реконструиран е дел од подрумскиот простор, со што се добиени четири нови простории и два санитарни јазли.

Поставен е лифт за деца со посебни потреби со диагачка платформа и санитарни јазли на сите четири висини. Претходно во 2020 година беше променет покривот на објектот, кој датира од 1948 година, за што беа вложени 260 илјади евра. Напоредно со овие активности во тек е изградбата на нова котлара која ќе биде на биогас и набрзо треба да биде завршена.

Во посета на гимназијата денеска дојде премиерот Димитар Ковачевски, кој рече дека ова ќе биде современ образовен објект, потенцирајќи дека лани во образованието се вложени една милјарда денари, и покрај големата финансиска криза со пандемијата од ковид 19.

– Со овие инфраструктурни зафати се подобрија условите за настава на 860 ученици, но и за професорите – изјави директорот Диме Настески, посочувајќи дека напоредно обезбедени се средства и за водоводна мрежа, за реконструкција на фекалната и атмосферската канализација и за партерно уредување во висина од 200.000 евра, пари од Локалната самоуправа.

На промоцијата на реновираната гимназија беа присутни поголем дел од претставници на СДСМ, но не и градоначалникот на Прилеп, кој, како што рекоа од општина Прилеп, бил поканет како гостин, иако надлежностите во образованието се на ЛС. Ка.М.