По неколку сушни години, годинава земјоделците од кичевско можат да бидат презадоволни од добиените количества сливова ракија препеченица, а причина беше пребогатиот род на сливите трновки и стенлеј, кои ова лето имаа богат род.
Оние што ги одгледуваат сливите се презадоволни од добиените количества и сметаат дека ако наредните неколку години има потфрлање на родот, тие ќе можат да го премостат овој период со годинешните рекордни количества домашна препеченица.
– Уште во текот на пролетта во екот на цветањето на сливата трновка и стенлеј, беше видливо дека годинава сливите ќе имаат богат род и ако нешто не се случи непланирано, ќе имаме реална можност да добиеме поголеми количества домашна ракија. Токму тоа и се случи. Времето погодуваше, што резултира со богат род на сливите и на рекордни количества на домашна ракија добиени од наша страна. Јас годинава добив околу 130 литри домашна препеченица, што е рекорд остварен во последната деценија. Количествата на домашна ракија се толку големи што ќе имам на располагање и во наредните неколку години, ако има потфрлање на родот како во претходниот период – вели Саве Димитријоски од село Осломеј.
И во Копачијата сливите имаа пребогат род што се одрази и на рекордните количества добиена домашна препеченица што го потврдија месните жители.
– Годинешниот род на сливата трновка во нашиот регион беше над сите очекувања, а како последица на пребогатиот род се и рекордните количества домашна препеченица што ја добивме оваа есен. Собравме толку сливи што речиси во текот на целата есен бевме ангажирани околу казаните. Испековме над 100 литри првокласна препеченица која ќе биде добредојдена за претстојните божиќни празници и Водици, а нешто ќе остане и за наредните години – вели Цане Ѓорѓијоски од село Лавчани.
Слично искуство има и Раде од село Козица, кој истакна дека годината била крајно бериќетна и по заслуга на богатиот род се и големите количества домашна ракија.
Имаме информација дека жител од едно кичевско село, кој имал засадено поголеми количества на сливи стенлеј ,од богатиот род добил над еден тон домашна препеченица.
Поради големите количества собрани сливи жителите од овој регион беа ангажирани во печење ракија до крајот на ноември.
З.А.