Фото: З.А.

Трите ловечки друштва од Кичево, „Елен“ „Сокол“ и „Еко-Фазан“ годинава ја започнаа ловната сезона месец дена порано за разлика од претходните години, од причина што во земјава се појави болеста африканска свинска чума. Радува фактот што од застреланиот дивеч, дива свиња, во Кичевскиот Регион не е регистриран ниту еден примерок на заразено животно.

Иако од секој отстрелан примерок внатрешноста од животното се носи во Скопје на детален преглед за да се провери исправноста на примерокот.

– Од почетокот на месец септември започна ловната сезона на крупен дивеч. Околу 1.000 ловџии од трите ловечки друштва од нашата општина „Елен“,„Сокол“ и„ Еко-Фазан“, секој викенд и празничен ден се ангажирани во лов на дива свиња и штетен дивеч. Засега отстрелани се поголем број примероци диви свињи чија внатрешност се упатува во Агенцијата за храна и ветеринарство во Скопје, каде се проверува здравствената исправност и се утврдува дали можеби животното било заболено од африканска свинска чума. Од досега отстреланите и прегледани примероци на дива свиња кај ниту едно животно не е констатирана болеста свинска чума, а очекуваме и во наредниот период состојбата да остане иста-вели претседателот на ловечкото друштво„ Елен“ од Кичево Слободан Петрески.

Тој посочи дека како и лани и годинава таксата за ловната сезона изнесува 5.000 денари за секој ловџија. З.А.