Фото: Зоран Антоски

Планинарско-еколошкото друштво „Ендорфин“ од Кичево во чест на својот прерано починат член,планинар и другар, Сашо Костадиноски, в недела го организира традиционалниот Меморијален марш на планината Гољак.

– Меморијалниот планинарски марш „Сашо Костадиноски“ започнува во недела во 6.30 часот со собирање на учесниците на маршот во старото село Брждани пред селската црква. Во 7 часот планинарите тргнуваат кон зацртаната цел, а во 9 часот е планирамо пристигнување на групата кај шумската куќарка на Преслоп, на надморска висина од 1.270 метри, каде следува 20-минутна пауза. По оваа пауза следува продолжување на маршот кон врвот на Гољак, со попатни кратки одмори. Пристигнувањето на највисокиот врв на оваа планина Веливрв, со височина од 1.535 метри, е планирано за 11 часот, а по еден час престој на врвот, учесниците на меморијалниот марш се спуштаат од врвот и по три часа пешачење планирано е пристигнување во Горно Брждани, со заеднички ручек на учесниците со традиционалното планинарско гравче -истакна Ели Ванчоска-Секулоска, еден од тројцата водичи на ПЕД „Ендорфин“.

Гољак е средно висока планина која се наоѓа во кичевскиот регион и ги раздвојува селата од Копачијата и Бржданска река и е дел од масивот на Илинска и Плакенска Планина. Од највисокиот врв на оваа планина, Веливрв, се пружа одличен поглед на Кичевската котлина и сите врвови до кои допира хоризонтот. Планинарите во текот на овој марш се очекува да изодат 13 километри во обата правци, а покрај локалните планинари на овој марш ќе земат учество и планинари од Битола, Прилеп, Охрид, Скопје и други градови во земјава. З.А.