Фото: З.А

КУД „Бисер“ Кичево по втор пат беше учесник на фестивалот организиран во чест на „Денот на детето“ во општина Чаталка, Турска.

Кичевскте играорци беа едно од петте друштва учесници на овој фестивал организиран во оваа Истанбулска општина и беа исклучително благодарни на големото гостопримство на домаќините.

Фото: З.А

– КУД„ Бисер“, учествуваше на 23-то издание на фестивалот организиран во турската општина Чаталка за „Денот на детето“. Во овој период имавме два настапи во Турција. Најпрво беше организирано дефилето на друштвата учесници пред Домот на културата, потоа поради земјотресот кој го погоди Истанбул нашиот настап беше дислоциран на отворено, каде што истиот беше проследен од голем број на локални жители. Настапивме со орските сплетови „Копачија“, „Истерување на чумата“ и „Ѓурѓовден“. На крај мора да го истакнеме гостопримството на домаќините од Турција, кои за цело време ни стоеја на располагање, а на заминување на сите учесници на фестивалот им доделија по еден подарок – истакна претседателот на КУД „Бисер“, Младен Ванчоски.

Тој нагласи дека покрај гостувањето во Турција, Министерството за култура и туризам на Македонија, финансиски ќе го поддржи и нивниот настап на фестивалот во Босанска Отока, додека друштвото со сопствени средства ќе го покрие учеството на фестивалот во Закопане Полска како и гостувањето во земјава на гости од Новска, Хрватска.

З.А