Советот на Општина Прилеп денес ја одржа петтата редовна седница на чиј дневен ред се најдоа 23 точки. Прилепските советници донесоа Одлука за измена на распоредот на средствата на Буџет 2021 во вкупен износ од 7.400.000 денари и Одлука за проширување на средствата на Буџетот за 2021 година за сума од 219.000 денари за реализација на проект од ЕРАЗМУС + програмата.

На седницата беа именувани членови на надзорните органи за контрола на материјалното и финансиско работење на јавните претпријатија, членови на управните одбори на Домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“ – Прилеп, на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески” – Прилеп. Не беше изгласано решението за именување на членови во Управниот одбор на ЈОУДГ „Наша Иднина“ Прилеп. На седницата беа именувани и претставници од Општина Прилеп во училиштните одбори во ООУ „Гоце Делчев“, „Рампо Левката“, средното општинско училиште „Ѓорче Петров“, „Кузман Јосифоски – Питу“, во „Ристе Ристески – Ричко“, а не беа изгласани решенијата за именување на претставник на Општина Прилеп во ООУ „Кочо Рацин“, основното музичко училиште „Ордан Михајлоски – Оцка“ и средното училиште Гимназија „Мирче Ацев“.

Советниците ги разгледаа тримесечните извештаи за финансиското работење на ЈП за ПУП и ЈКП „Пазари“ – Прилеп, но не беа усвоени. По однос на овие точки со мнозинство гласови беше прифатен предлогот на претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Ирена Стерјовска Локвенец , Советот да покрене постапка за вршење контрола над материјалното и финансиско работење пред надлежен орган за надзор и да се дополнат одлуките за давање согласност на тримесечните извештаи за финансиското работење на овие две јавните претпријатија.

Дневниот ред беше дополнет со уште три точки по што советниците ги усвоија Одлуката за давање согласност на Годишниот план за вработување во 2022 година на ЈКП „Водовод и канализација“ – Прилеп и Одлуката за давање согласност на Ценовникот за измена и дополнување урбанистичко – планска документација и урбанистичко проектна документација, вршење на стручна ревизија на урбанистичко-планска документација , урбанистичко – проектна документација и проектна документација, надзор над изградба, реконструкција, адаптација, надградба и доградба на објекти од високоградба и линиски инфраструктурни градби и надзор над одржување на објекти, линиски инфраструктурни градби, хоризонтална сигнализација, урбана опрема и зимско одржување за потребите на ЕЛС Општина Прилеп. Како трета дополнителна точка со мнозинство гласови советниците ја усвоија Предлог – Одлуката за донесување на детален урбанистички план в о УЕ 15, УБ 15.01 плански опфат 3, (Четврт 12, блок 12.1, плански опфат 3, со Одлука бр.25 – 2888/5 од 28.12.2015 година), Општина Прилеп, плански период 2015-2020 година. Ка.М.