ПРИЛЕП

Во училиштето „Ѓорче Петров“ во Прилеп во тек е реализација на проект од УНДП за обука на возрасни што ќе им бидат асистенти на лицата заболени од Алцхајмерова болест. Со тоа ќе се добијат првите лиценцирани асистенти за помош на лицата болни од Алцхајмерова болест. Ова е прва обука за лиценцирање на првите 12 асистенти за штитениците. Обуката, која почна на 20 јануари, треба да заврши до крајот на април.
Од училиштето велат дека се планирани 250 часа, од кои 30 отсто се за теоретска, а 70 за практична обука во институции. Дванаесетте кандидати следат настава со физичко присуство со почитување на сите мерки за претпазливост и заштита. По ова, кандидатите треба да одат во соодветни установи за практичниот дел од обуката. Оваа обука е во рамките за обезбедување кадри за грижа за болестите на современиот начин на живеење.
Алцхајмеровата болест најмногу се јавува кај лицата од 65 години, па нагоре. На тие лица секогаш им треба некој што ќе се грижи за нив. Идните асистенти ќе добијат меѓународно признаен сертификат, а ова образование на возрасни има пет модули. Првиот модул е идните асистенти да се запознаат со болеста, во вториот модул е опфатено запознавање со институциите за нега и грижа на болните од оваа болест, во третиот се опфатени личната хигиена, исхраната на болното лице, негата и сето она за што треба да се води сметка за штитениците со деменција или Алцхајмерова болест.

Четвртиот дел се помошта и поддршката, а петиот модул опфаќа комуникација, интеграција во средината на штитеникот за да може да функционира во општеството. Кандидатките што посетуваат настава велат дека ваквата обука е добредојдена за лицата што сакаат да се грижат за стари и болни лица.
Инаку, УНДП формираше тимови што заедно изработија специјализирана програма по сите стандарди во сферата на образованието заедно со Центарот за образование на возрасни и Центарот за средно стручно образование и програмите за асистент на лица со Алцхајмерова болест и палијативна нега се верификувани и признаени од Министерството за образование и наука како образование за возрасни. Се смета дека во земјава живеат околу 20.000 лица со Алцхајмерова болест, а заедно со другите деменции бројката е двојно поголема.