фото: Зоран Антоски

За првпат годинава Кичево стана „Град на културата“. Врз основа на пристигнатите проекти Министерството за култура донесе решение со кое проект-манифестацијата „Град на културата-2020“ го додели на општина Кичево.

– По распишаниот конкурс „Град на културата-2020“ од страна на Министерството за култура, општина Кичево изготви формулар за проекти од областа на културата. И откако комисијата ги разгледа пристигнатите проекти, донесе решение со кое проект-манифестација „Град на културата-2020“ да му ја додели на Кичево. Проектите ќе бидат реализирани во текот на наредните неколку месеци на различни локации во градот и тоа во НУЦК „Кочо Рацин“, Китиното Кале, музејот „Западна Македонија во НОВ“ и слично. Проектите што ги изготви општина Кичево се од областа на литературата, филмот, театарот, музиката, фолклорот, ликовната уметност, сценско уметничката дејност и интердисиплинарни проекти – информира Михајло Петрески од одделот за култура при општина Кичево.

Инаку на Китиното Кале се гради мултимедијален центар, летен амфитеатар и овој локалитет летово се очекува да биде културен епицентар во земјава, дури има ветување од хрватската амбасада тука летово да гостува и некој реномиран ансамбл или театарска група од оваа земја.

З.А.